МАКЕДОНСКАТА ОПЕРСКА ДИВА Е ПЕТТИОТ НАЦИОНАЛЕН УМЕТНИК Ана Дурловски: Титулата им ја посветувам на моите три деца
  Објавено на
share

 

"Таа преку своите прекрасни и длабоки арии не потсетува на она што не прави луѓе - нашите чувства, нашите судири, дилеми, соништа и стремежи", истакна претседателот Ѓорге Иванов, кој на свеченоста во Вила Водно на еминентната македонска сопранистка и го врачи престижноto државно признание титулата Национален уметник

Македонската оперска дива Ана Дурловски, сопранистка со импозантна меѓународна кариера, добитничка на европски оперски оскар "Фауст" и првиот македонски оперски пејач кој настапил на сцената на најголемата оперска куќа во светот "Метрополитен" во Њујорк, ја доби титулата Национален уметник.

Ова највисоко државно признание од областа на културата и беше врачено на свеченоста во Вила Водно од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

"Во ова време на социјални медиуми кога се повеќе се отуѓуваме едни од други, но и од самите себе, Ана Дурловски преку своите прекрасни и длабоки арии не потсетува на она што не прави луѓе - нашите чувства, нашите судири, дилеми, соништа и стремежи", истакна Претседателот Иванов.
Ана Дурловски, пак, се заблагодари на честа што и е доделена титулата, особено на стручната комисија, но и на својот сопруг, оперски пејач Игор Дурловски, со кој има настапувано на бројни оперски сцени во Европа и светот. Титулата пак, како што истакна во своето емотивно обраќање пред присутните, им ја посвети на своите деца.

"Се заблагодарувам на комисијата која со својата компетентност и стручност ме почести со оваа титула. Искрено би сакала да се заблагодарам на мојот сопруг кој сите овие години ме водеше по патот кон успехот, кој ми беше столб и со кој имам три прекрасни дечиња Максим, Лука и Софија на кои им ја посветувам титулата. Мојот пат не беше лесен, но ќе продолжам да го градам и понатаму со сета искреност и од срце, за себе и за мојата земја Македонија", истакна Ана Дурловски.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска потенцираше дека со доделувањето на оваа титула се вреднува влогот на уште еден македонски уметник кој придонесува за меѓународна афирмација на државата и нејзината музичка култура.

"Ана Дурловски ги освои европските и светските оперски сцени, промовирајќи ја нашата држава како земја на врвни уметници и таленти кои со своето дело го слават името на својата држава низ сите светски меридијани. Таа е уметник со импозантна кариера, првиот македонски оперски пејач кој воопшто има настапено на сцената на најголемата оперска куќа во светот - Метрополитен операта во Њујорк каде минатата година ја толкуваше Кралицата на ноќта во "Волшебната флејта# на Моцарт, улога со која во 2006 година дебитираше на сцената на Државната опера во Виена... Нејзините извонредни креации ја одушевуваат критиката и публиката низ целиот свет#, рече Канческа-Милевска.
Во биографијата на Ана Дурловски досега се запишани огромен број на водечки солистички улоги на престижните сцени во Москва, Виена, Берлин, Мадрид, Минхен..., во сите држави во регионот и во многу други европски и светски музички центри.

Ана Дурловски е петти носител на оваа престижна титула. За Национален уметник на Република Македонија, досега се прогласени пијанистот Симон Трпчески, режисерот Милчо Манчески, естрадна уметница Есма Реџепова-Теодосиевска и оперскиот пејач Борис Трајанов. (Д.Т.)

Фото:Ѕ. Плавевски




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани