КОЛУМНА НА ДАРКО ЈАНЕВСКИ: Република Скопје (Македонија)
Автор: Дарко Јаневски   Објавено на
share

Значи, сега ја имаме следнава приказна: Сашо Мијалков прислушувал во УБK некои си 6.000 телефонски броеви. Се разбира, и на новинари. Kако што ни кажа и Бранко Црвенковски во 2001 година за Доста Димовска на само еден месец пред да бидат убиени полицајците во Теарце и пред Али Ахмети да ја започне војната. И имало луѓе во УБK кои беспоговорно го слушале Мијалков. Арно ама, имало и некој херој што седел отстрана, сето тоа што овие го снимаат го снимал и тој и му го дал на Зоран Заев. Kако загрижен патриот. И Заев ни две ни три отишол кај Груевски и му рекол – ве имам дека прислушувате, дај да се договориме да направиме влада. Нема чадор, нема Верушевски, нема ништо. Само што има „Скајпови“ кои велат дека луѓе блиски до странски премиер на Верушевски треба да му дадат работна виза. И има дека странци го подготвуваат Заев патриотот за премиер. И има дека ќе се водела граѓанска војна во која, гледате како е во Сирија, гине кој ќе стигне. Односно секој што се нашол на погрешно место во погрешно време.

Е, ама нема во сето ова дека Заев зборуваше за 20.000 луѓе што се прислушувани и дека има еден милион разговори. А Мијалков, демек, слушал не 20.000 луѓе, туку 6.000 броеви. И сите од новинари и од политичари на ВМРО-ДПМНЕ. Освен неговиот братучед Груевски и, тоа што повторно го нема, самиот себе. Тенко малку, нели? А навистина, мора да е препреден Мијалков. Не дека не е, ама мора да му текнало, па кажал: ќе ги слушаме другите, ама за да ја покриеме трагата, ќе се слушам и самиот. И тоа не кога ми кажуваат список што да купам од продавница, туку за работи за кои потоа ќе може некое обвинителство да ме вика да давам изјави.

Така доаѓаме до „Пуч“, кој сега веројатно ќе биде закажан за по изборите. Сега станува јасно и што настап требало да има Јанева на рочиштето за кое ~ врескаше на Башевска да се засрами. Таа всушност се обидувала да направи пресврт. Тој беше одложен, па го добивме „Таргет“. И добивме дека Мијалков ја прислушувал и Јанкуловска. За плочките на Ставревски.

Инаку, најнов хит се пенкалата со камера кои ќе биле употребени на изборите за да можел Груевски да знае за кого сте гласале. А нив ќе ги набавува Чичаковски од СДСМ. Kако што и спрејот, кој го набавуваше Рилковски од СДСМ, се бришеше за да може Груевски да краде на избори. Со 500.000 фантоми што потоа испадна дека не биле фантоми. Со 30.000 лични карти што ги откри Спасовски, а кои, ете, исто така ги снема. Kако што некако заминаа во историјата и 70-те илјади возачки дозволи. И како што се заборави и фабриката за пасоши на ВМРО-ДПМНЕ за која испадна дека е фабрика за афери и пасоши на СДСМ.

Ама ништо од тоа веќе не е битно. Денес лажеш за едно, утре кога ќе те фатат за тоа, ќе чекаш да дојде задутре за да излажеш за друго. И така во круг. Но, ете, важно е дека сега ќе одите на избори, а пенкалото на Чичаковски ќе ви ја снима раката над ливчето за гласање. Чија е таа рака, веројатно после ќе дешифрира самиот Груевски. Ќе седи во кабинет и ќе си анализира еден милион снимки од раце. Но, за да му се олесни, можеби Чичаковски ќе купи пенкала со две камери – една што снима нагоре, друга што ќе ви ја снима раката. Па Груевски ќе добие два милиона снимки. Затоа гледајте очите да ги поминете низ вода, а ноктите да ги исчистите со турпија. Не бива експремиерот да ви гледа дека имате црно под ноктите. Но, од друга страна, тоа ќе значи дека сте сељак, а бидејќи само сељаци гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, можеби малку црно под ноктите и не е толку лошо. Ќе види Груевски и ќе каже – добро, овој е наш. Ако ноктите ви се чисти, тогаш сте елита и сте гласале за СДСМ, што не е добро оти ќе ве фати Груевски. Ама е добро зашто тогаш странците ќе ве наполнат со пари. Пиши им таму некој проект дека се бориш за слободата и немаш проблем.

Само што целата шема нема врска ни со Мијалков, ни со загрижените патриоти, ни со пенкалата со камери. Целата шема всушност ни ја открива (не оти беше тајна, ама сепак…) ексгерманската амбасадорка Гудрун Штајнакер. Таа е онаа што наутро говореше за слободата на медиумите, а попладне трчаше во МНР заради Миленко. Е, во нејзината колумна којзнае каде објавена, а која комуњарите ја разиграа по вмровски терк, фино си стои назнаката за Македонија како комунистичка творба и за Македонија која како таков производ треба да ја снема. Kога веќе ја снема Источна Германија со Штази како творба на тој систем, треба да ја снема и Македонија (настрана тоа што истата таа Германија, а и целата ЕУ, овде се отепа од давање пари за следбениците на македонското Штази). Имаше еден германски амбасадор, Ханс Лотар Штепан, кој пред две децении пишуваше нешто друго за Македонија, ама тоа за нашата Гудрун не е битно. Впрочем, ова е 21 век, кај си видел германски амбасадор да чита нешто: И онака попатно, дали тоа некој спомна дека Меркел барала онака пријателски да се викаме Република Скопје, а во заграда Македонија? Да не беа тоа Васко Ефтов и Мирка Велиновска? Тоа е истата Меркел по чија сукња вмровците на времето трчаа, па кога после Велиновска тераше мајтап со нив, ~ се лутеа на жената. Ех, што стапови лежат во грпчињата вмровски, ама ајде…, додека работи чадорот, тој и нив ги штити од стаповите.

Инаку, колку да остане нотирано дека сме ја споменале целата оваа гужва со изјавите на Заев – човекот едноставно се обидува да спречи или барем да го отежни постизборното владино коалирање на која било албанска партија, пред с`, ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ. Заев знае дека ќе изгуби, па спас му е нова криза. А таа би се родила ако тој го крене прагот на албанските барања до степен што за ВМРО-ДПМНЕ ќе биде неприфатлив, што очигледно повторно не е негова замисла. Се знае чија е. Ама, нели, не смееме да споменуваме чадори и слични работи оти некако во последно време сите ние имаме слобода да не бидеме слободни.

Патем, онака пред избори, едно прашање до истите вмровци. Сега дозволено е градоначалниците да пуштаат дивоградби или не? Ако пуштаат, тоа е криминал или не? Ако е, ќе го санкционирате или не?

Дарко ЈАНЕВСКИ




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани