Колумна на Ацо Станковски: ПСИХОПАТОЛОГИЈА
  Објавено на
share

Колумна на Ацо Станковски: ПСИХОПАТОЛОГИЈА

Во огромната практика што психопатолозите ја имаат со душевно болните, има мноштво различни случаи. Посебно се интересни тие што умеат добро да се затскријат и, како такви, некако да се пробијат до највисоките структури на некоја организација. На некоја политичка партија, на пример.

psihopatologija-aco-stankovski

Тогаш нештата почнуваат да добиваат, по се надреалистички својства, а целата конструкција, во еден момент, доаѓа до состојба на целосна деструкција.

Ова рапидно пропаѓање, кое завршува со едно опаѓачко крешчендо, е резултат на судирот, кој оваа исфантазирана, имагинарна реалност го има со вистинската – космичка реалност, која секогаш стои непоколебливо и цврсто, како и самата вистина. Зошто таа реалност ја содржи во себе вистината како суверена оска на постоењето.

Така, лажната реалност на психопатолошката личност и сличните на неа (заразените со ветувања и со пари), неминовно, доживува катастрофа кога ќе се судри со вистинската реалност дадена од Бога.

А тоа ќе се случи наскоро, поточно на 11 декември оваа година.

Не сакам да прејудицирам, само ги следам главните траектории на оваа драмолетка, која, еве, се протегна цели две години малтретирање и потценување на интегритетот и интелектот на македонските граѓани.

Секако, овде имаме една психопатолошка личност, која со цинизмот и со ароганцијата на неколкуте белосветски играчи од „меѓународната“ е доведена во фокусот на политичкиот живот во Македонија. Никој не знае зошто овие „чадори“ толку сурово си поиграа со македонската република, зошто со толку деградација и дискриминација се нафрлија врз македонските мирољубиви и сервилни граѓани.

– Им се можело – е еден од најобемните одговори, но не и најзадоволителни, во однос на прецизноста.

– Зошто, на пример, не пронајдоа „чадорите“ некој посебен човек за таа функција, некој што ќе има многу поконзистентен и повнимателен настап? Некој, кој, едноставно, е политички писмен, а во СДСМ имаше многу такви луѓе. Да не си отидоа згрозени од планот на „меѓународната“?“

Но, не. Едноставно, тие („меѓународната“) отидоа на една прилично хазардерска варијанта. Зошто?

Како прво, да и погледаме на вистината в очи. Да погледнеме во настаните што ја креираат нашата современа историја – историјата на независна и суверена Република Македонија.
Тука имаме маса примери на идиотска попустливост (веројатно, како резултат на притисок и на корупција), при која, така да се каже, неколку круцијални национални интереси се продадени за 30 сребреници.

Тие интереси се сакрални за една нација и без нив сите натамошни чекори во светот на политиката стануваат проблематични, несигурни и субмисивни.

Името – централен симбол на концептот нација – држава, беше продаден од страна на тогашната партија на власт – СДСМ.

Знамето – симбол на непокорот и на дигнитетот на народот, продаден од СДСМ – партијата, која тогаш имаше мандат да ја управува државата.

250.000 луѓе избркани на улица, како резултат од криминалната приватизација, спроведена од тогаш владејачкиот СДСМ.

За време на мандатот на СДСМ, од 1994 до 1998 година, кога немаше никаква опозиција во парламентот, во еден ден, таа 1996 година, без каква било расправа или консултација, избрани се и поставени како судии 640 лица, партиски членови или симпатизери на СДСМ.

И сега судството било непрофесионално – критика што се вергла токму од претставниците на истата партија, што го дизајнираше судскиот систем во деведесеттите.

Веројатно, дел од овие судски марионети (какви што се сега овие, од СЈО) решиле да се оттргнат од „теледиригираноста“ на „дражавотворната партија“, поттикнати од задоцнетиот, но секогаш добредојден патриотизам, што се однесува до македонскиот интерес.

Потоа, ја потпалуваа војната во 2001 година со подмолности, недостојни за човека. Извршија маса предавства и беа најмногубројни меѓу дезертерите, заменувајќи ја униформата на бранителите на татковината со гаќи за капење, што со задоволство ги рекламираа по плажите на Халкидики.

А потоа, од море, во владејачка фотелја. И тоа ли го среди „меѓународната“?

Потоа, со снобовската флоскула на дворската дама – „некои прашања не заслужуваат одговор“, се извлече елегантно од одговорноста за новото територијално парчење на Македонија.

– До кога?

Откако народот ги собори од власта во 2006 година, тие не мируваат. На победниците не им овозможија еден цел мандат од четири години, туку со помош на „меѓународната“ на секои две години мораше да се организираат нови и нови избори, на кои народот им порача дека веќе не се пожелни и дека се дискредитирани довека.

Но, тие не престануваат. Дали се работи за целосни идиоти или за едно, веќе колективно лудило, кое потпомогнато од „меѓународниве чадори“ добива свои клинички медали. Како да се работи за психоексперимент на најцрните структури на ЦИА.

Затоа, веројатно, се дејствува толку лудачки и фанатично кога се работи за оваа чудна партија – реликт на комунистичкиот тоталитаризам, дополнително воведена во криминал и во велепредавство.

Каква фарса на големите идеали што провејуваа во говорите на Тито и неговите следбеници, кои денес како крадци се обидуваат да ја организираат револуционерната илегала, која повторно треба да ги доведе на власт.

И сето ова укажува на сосема детерминираната патека на инсталирањето на една психопатолошка личност на челото на оваа, веќе сосема пропадната партија.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани