ЗОШТО РУДНИЦИТЕ КОИ ТРЕБА ДА СЕ ГРАДАТ СЕ ОПАСНОСТ ЗА МАКЕДОНИЈА
  Објавено на
share

 

ТЕКСТОТ БЕЗ НИКАКВИ ИЗМЕНИ Е ПРЕЗЕМЕН  ОД ПРОФИЛОТ НА НОВИНАРОТ КРУМ ВЕЛКОВ

Пет куси реплики на Добриот Дух од Кожув Планина, познат и како Andrej Karadzoski, кон Еуромакс Рисорсес (рудник Иловица). Исход: Пермакултурна салата.
Предлагам да ги киднапираме Андреј и другите не помалку заслужни гевгелиски борци за слобода и да ги населиме во Струмица на одредено време. :)


РЕПЛИКА БРОЈ 1
Вие можеби имате одговори, но немате начини и средства со кои ќе гарантирате за безбедноста која ја ветувате, затоа што искуствата со ваков тип на тешка загадувачка индустрија од сите страни на светот сведочат за сосема спротивното. Можете да се повикувате на институциите - но тоа не значи дека на истите тие институции може да им се верува, исто така. Баш напротив. Нивната нефункционалност е неколкукратно докажана.

Вашите истражувања исто така не се веродостојни, заради тоа што овој тип на рударство со кое се занимавате постои помалку од 100 години, резултатите се катастрофални и трагични, а со две години детални опити можете само да спремите дипломски труд и да се сликате за пролазна 6-ка. Струмичката котлина е продукт на МИЛЕНИУМИ космичко создавање и вие мислите дека со двегодишна работа можете да ја спознаете животната средина и да гарантирате дека таму никогаш нема да се случи земјотрес или да нурне некој посилен дожд (што патем, е честа појава) и неизбежно ќе контаминира се по список? Смешно и несериозно од ваша страна.

Но, искрено, не ни очекувам повисока свесност од корпоративни пиони.

Со самото тоа што на крајот од еден ваков проект вие треба да го „РЕХАБИЛИТИРАТЕ“ или „РЕКУЛТИВИРАТЕ“ земјиштето на кое што сте работеле - се укажува на фактот дека оваа индустрија и тоа како има намера да уништува и загадува. Долгорочно. И со тешки последици.
........................................................................................................

РЕПЛИКА БРОЈ 2
Дали тие реномирани независни меѓународни институции, бидејќи звучи како да имаат доста искуство во оваа област според вашите кажувања, би можеле да посведочат со факти и аргументи за безбедноста и примената на високите светски стандарди кај еден од поновите случаи со рудници за злато, како на пример Mount Polley во British Columbia, кој во 2014 година предизвика екстремна еколошка катастрофа? Доколку не сте запознаени со случајот може да изгуглате едноставно. Или за рудникот во Баја Маре, кој исто така не толку одамна (2000) остана запишан во историјата како еден од покатастрофалните случаи каде што 100 000 кубни метри течност загадена со цијанид и уште неколку тешки метали се изли директно во реките Тиса и Сомеш што предизвика загадување на Дунав и Црно Море низ дури 6 држави? Само во Унгарија беше пријавен помор на над 1200 тони риба. Како овие надлежни органи, кои вие тврдите дека имаат висок кредибилитет, ги оправдуваат ваквите катастрофи? Вие знаете ли дека имаме и на само неколку километри од нас ваков сличен случај? Не зборувам за Бучим, неговите поекстремни последици ќе се почувствуваат допрва, туку зборувам за Скуриес, рудникот во близина на туристичкото место Стратони, каде што пред неколку години се случи попуштање на браната со јаловина? Понатаму не мора да зборувам, фактите кои SOS Kilkis ги приложи се доволен доказ за загрозеноста со која се соочува нашиот јужен сосед. Исто така сериозен инвеститор, исто така сериозни надлежни институции.

Се шегувате ли со тоа дека можете да предвидите јачина на земјотрес кој би се случил еднаш во 10 000 години? Можеби имате и прецизна временска рамка со која можете да предвидите дали во периодот на вашата експлоатација ќе има појава на непогоди од ваков тип? Вие сте тотално несериозни и си играте мајтап со луѓето. Уозбилете се малку, за ваше арно. Што сте вие, Господ? Од каде таква претенциозност и непочит спрема притодата? Како може да си давате за право врз основа на неколку фиктивни титули и повикување на научни дисциплини да заземате супериорен став во однос на природата, па и населението кое живее во котлината?

Токму тоа ми е поентата, дека самата потреба од рекултувација на земјиштето што ќе го експлоатирате е доволен доказ за високиот степен на уништување и загадување што со себе ги носи вашата инвестиција. Постојат едно 100тина докази и примери ширум светот кои сведочат дека и после неколку децении од рекултувацијата и рехабилитацијата, околината сеуште трпи страшни последици. Неприфатливо! За нас Земјата е света, природата ни е мајка, од неа се храниме, пиеме вода и дишеме и вие одеднаш, здадени од апсаздан, што викаат Гевгеличани, ќе копате во нејзината утроба?!?!
.........................................................................................................

РЕПЛИКА БРОЈ 3
Дали сте сериозни со тврдењето дека „земјоделието е една од најзагадувачките индустриски гранки во светот“? Можеби тоа донекаде може да се каже за сточарството, односно за одгледувањето крави, затоа што една крава во просек испушта од 70 до 120 килограми метан на годишно ниво. Но за земјоделието - ви се молам. Уозбилете се. Вие работите во фирма од Г1 класа што подразбира ТЕШКА ЗАГАДУВАЧКА ИНДУСТРИЈА, а ми кажувате дека земјоделието е еден од најголемите загадувачи! Ова е најобична шала, смешка!

Прво, пестицидите се мачкина кашлица во однос на прашината која ја создава и акумулира еден отворен коп, па сетоа тоа во прекрасна кохезија и соработка со ветерот ќе се распространува насекаде по котлината, низ населените и ненаселените места. Просечно еден лозар, во текот на годината, ги прска лозовите насади 3-4 пати со син камен. Вие во текот на 20 години ќе создавате прашина СЕКОЈДНЕВНО. И тоа нема да биде обична прашина, ами збогатена со метални честички и други разно-разни отрови.

Второ, во гевгелиско-валандовската и струмичката котлина, во последниве неколку години засилено се создаваат услови за ОРГАНСКО ПРОИЗВОДСТВО. Господиме Пелтечки, во органското производство, кое е во подем, НЕ СЕ КОРИСТАТ НИКАКВИ ПЕСТИЦИДИ. Тука имаме и пермакултура, каде што освен органско одгледување, имаме и минимализирано користење на механизација. Јас немам потреба да гуглам за информации од областа на земјоделството, но очигледно вие имате.

Ресурсите на вода СЕ за користење, односно за пиење и наводнување. Можеби вие трошите значително помалку од овие ресурси, но неспоредливо значително повеќе и ги загадувате. И тоа со тешки последици. Зборувате дека ќе пренасочувате река како тоа да е пренасочување бразда. Безобразно и арогантно од ваша страна кон природата која ве создала и ве храни. Тоа е како да ја силувате сопствената мајка. Ви се допаѓа таа идеја? Можеби и ве возбудува, ништо чудно...

За крај, кај таканареченото „гуглање“ нема ништо негативно, напротив. На Гугл денес се најдуваат сите можни информации кои му се или не му се потребни на човекот. Преку „гуглање“ можете да наидете на стручна литература, па и псевдонаучна литература. Исто така, преку „гуглање“ можете да ги најдете и студиите правени од разно-разни компании, фирми и агенции кои се занимаваат со било каква општествена или економска практика.

На крајот на краиштата, воопшто ништо не ми значи фактот (а верувам и на многумина мои истомисленици) дека „идејното решение за браната на хидројаловиштето на проектот „Иловица-Штука“ е подготвено од Градежен факултет во Скопје и е ревидирано од три врвни консултантски компании во таа област од САД ангажирани токму од независните институции.“ Затоа што и онака нема да се реализира. Ние сме против рудници, затоа што немаме намера да ви дозволиме да ја загадувате околината која со векови народот ја негува и од која се храни и опстојува. Кратко и јасно. Сите останати аргументи ви се неиздржани, заради тоа што 500 рудари наспроти 5000 земјоделци е митски сооднос. Или сакате да излезете херои како 300-те Спартанци? :)
.......................................................................................................

РЕПЛИКА БРОЈ 4
Dragi Peltechki, одлично памтам и знам што зборувам. Вие имате проблем со перцепцијата, очигледно. Имено, не кажав дека фактите ништо не ми значат, туку КОЈ ГИ ИЗДАВА ТИЕ ФАКТИ ништо не значи. Просто кажано, се сомневам во компетентноста на институциите, а добро можам да ги препознаам корупцијата и личниот материјален интерес. Затоа што и јас можам да напишам студија во која ќе стои дека „Драги Пелтечки е гремлин“ и да тврдам дека тоа е факт. Но дали е?

Сепак, вие повторно се вадите на пасус од 2-3 реченици од некаква статија. Да не заборавиме дека повеќето медиуми кои се присутни на денешната медиумска сцена имаат една и единствена цел - да манипулираат. Така што, воопшто не се сомневам во тоа дека за сметка на развивање тешка индустрија и масовна експлоатација на еколошки чисти и недопрени региони - се појавуваат „најнови студии“ кои ќе тврдат дека верверичките се поголеми загадувачи од човекот и треба да изумрат. Патетично во случајов е тоа што ВИЕ ги губите аргументите и почнувате да го напаѓате земјоделството, немајќи основа да ја браните идејата за развивање на рударството во региони каде што, едноставно, не му е местото.

А да не почнам да правам споредби помеѓу македонската земјоделска традиција и европската чиј идентитет е на изумирање заради масовното индустриско производство, механизацијата, користење ГМО семиња и пестициди кои резултираат со помор на пчелите итн. Самиот факт што сеуште кај нас можете да видите плечарници во секое село - сведочи за тоа дека нашата средина е исклучително еколошки чиста.

На крајот на краиштата, немам никаков проблем со тоа што вие ја браните својата позиција, тоа е сосема нормално и природно. Вие имате проблем со тоа што ние „обичните смртници“ сме научиле да гугламе и да се информираме. Едноставно тоа не ви одговара. Игнорантноста е добредојдена кога се во прашање експлоатацијата, манипулацијата и личниот интерес.

Но ајде, да продолжиме да гугламе и да зборуваме малку за рударството - гранката во која ВИЕ сте експерт. Објаснете им ги на луѓето процесите кои ќе ги применувате. Што значи отворен коп, какви отрови и тешки метали се ослободуваат при разорување на утробата на планината, што е лужење, какви раствори ќе користите, колкави се шансите и ризикот да се загадат подземните води, воздухот и почвата. Зошто не зборувате за тоа дека во сите населени места околу рудникот Иловица, што значи ЦЕЛА СТРУМИЧКА КОТЛИНА, ќе треба да се вршат многу почести здравствени прегледи на луѓето и добитокот? Кажете им колку пати годишно треба да се носат децата, колку пати жените и бремените жени, а колку пати добитокот на преглед! Кажете им колкав е степенот на можност од заболување од болести на нервниот систем, силикоза и малигни заболувања, особено кај вработените и децата!

Дајте им одговор на луѓето, бидејќи имате познавања и од областа на земјоделието, дали ќе можат да добијат органските производители лиценца во радиус помал од 50 километри оддалеченост од тешка загадувачка индустрија, односно рударски комплекс? Ете, да претпоставиме дека вашата брана ќе биде супер квалитетна и нема да попушти во наредните 200 години, но кажете им на луѓето што ќе се случи со водата која се користи за наводнување и пиење? Кажете им на луѓето каква прашина ќе бидат осудени да дишат во наредните 20 години и каква вода ќе треба да конзумираат се додека комплетно не се исели цел регион.

Без вашето рударско стопанисување можеме и тоа како да преживееме. Сигурно нема да го јадеме вашето крваво злато и бакар. Но сигурно ќе треба да конзумираме цијанид, арсен, талиум и други отрови доколку го отворите рудникот. Затоа што без земјоделието, кое е основниот извор на прехрана, не можеме да преживееме.
.........................................................................................................

РЕПЛИКА БРОЈ 5
Овој проблем е од меѓународен карактер, а не од локален. Последиците ќе ги почувствуваат и во Бугарија и Грција. А мојот активизам во борбата против рудниците и тешката загадувачка индустрија не е заради никаков личен интерес, ниту пак нешто многу сум се загрижил за вашето здравје, како што викате, колку што сум загрижен за целокупниот опстанок на живиот свет и природата во Македонија. Оти немаме резервни огништа, ниту резервна земја, а уште помалку резервна планета. Мене ме интересира само освестување и информирање на луѓето. И Мајка Природа, ништо друго.

И секоја почит до луѓето во Иловица, Штука, Босилово, Василево итн. Имам пријатели таму што се непосредно засегнати од овој проблем и се СВЕСНИ за ризикот. Нормално дека вашиот збор ќе биде последен и ве охрабрувам да размислувате со своја глава, а не да бидете под влијание на било која од спротивставените страни. Но, затоа велам, информирајте се, прочитајте и размислете.

Поздрав од Гевгелија која што им рече НЕ на рудниците на смртта со 99% - демократски ќотек! :) Си ја зачувавме планината, сега на ред сте вие.

 

преземно од профилот на Крум Велков

https://www.facebook.com/kruvel/posts/10210777367762985

 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани