НЕМА ОДЛОЖУВАЊЕ НА ДОГОВОРЕНОТО ИЗБОРИ НА 24 АПРИЛ ЌЕ ИМА СО ИЛИ БЕЗ СДСМ
  Објавено на
share

НЕМА ОДЛОЖУВАЊЕ НА ДОГОВОРЕНОТО

ИЗБОРИ НА 24 АПРИЛ ЌЕ ИМА СО ИЛИ БЕЗ СДСМ

Оваа порака им била соопштена на социјалдемократите на последниот круг посети на амбaсадорите со партиските лидери пред неколку недели, откако странците добиле впечаток дека СДСМ размислува и за одложување или неучество на изборите в година во случај да не дојде до договор за специјалниот обвинител според нивната волја.

Избори на 24 април ќе има, а резултатите ќе бидат признаени од меѓународната заедница независно дали СДСМ како политички субјект ќе учествува. Единствени услови за изборите да бидат прифатени е да има учесници од опозицијата (вклучително и нова партија), како и да бидат направени изборните реформи согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Оваа порака, наводно, им била соопштена на социјалдемократите на последниот круг посети на амбасадорите со партиските лидери пред неколку недели, откако странците добиле впечаток дека СДСМ размислува и за одложување или неучество на изборите в година, во случај да не дојде до договор за специјалниот обвинител според нивната волја.

Дипломатски неформални пораки

Пораката била пренесена од дипломат од високите кругови, тврдат за „Дневник“ дипломатски извори од амбасадорите на ЕУ-државите во Македонија, а потврда за ваквата порака добивме и од некои претставници од опозицијата. Пратениците од листите на СДСМ денеска се враќаат во парламентот, но изминативе неколку дена лидерот Зоран Заев ја враќа реториката пред постигнувањето на договореното од Пржино. Иако рокот за специјалниот обвинител истекува на 15 септември, можно е овој рок да биде пролонгиран имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ с` уште имаат различни ставови за правната рамка во која ќе влезе обвинителот. 

СДСМ предлага тоа да биде обвинител утврден со посебен закон, кој сосема, дури и организациски нема да биде дел од државното Јавно обвинителство, со кое сега раководи Марко Зврлевски. ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека специјалниот обвинител треба да биде посебно одделение во обвинителството, со поголема независност во дејствувањето. Kако што е познато, Уставот предвидува дека единствен орган за гонење на кривичните дела е државното обвинителство. Заев викендот изјави дека ако нема договор за специјалниот обвинител, ќе продолжи со објавувањето на материјалите од прислушувањето, иако со договорите од Пржино од 2 јуни и 15 јули се обврза тоа да не го прави.

Потврда и од социјалдемократите

Иако опозицијата вели дека нема да направи ништо со што ќе ги минира разговорите од меѓупартиската работна група, нашите информации велат дека претставниците на СДСМ таму имале ултимативен став, кој одел до таму што посредно било најавувано дека ако не е избран обвинител по нивна мера, тие нема да учествуваат на изборите во април или дека ако се доцни со договорите од 15 јули, да се одложат изборите од април за неколку месеци.

СДСМ и при договарањето на протоколот од 15 јули бараше изборите да се одржат подоцна, но тоа не беше прифатено од другите партии.

Ваквата порака стигнала и до меѓународните претставници, па на последниот круг посети што ги правеа амбасадорите на социјалдемократите им било посочено дека избори секако ќе бидат одржани, бидејќи тоа беше нивното првично барање, поради кое и настана политичката криза и оти е несериозно сега да бараат одложување.

- Kажано е дека на 24 април избори ќе има независно дали СДСМ ќе учествува. На Брисел му е важно само да бидат исполнети изборните реформи согласно ОБСЕ/ОДИХР и препораките за реформи за поглавјата 23 и 24, кои ќе бидат битни за оценка на Европската комисија во извештајот наесен – потврдува соговорник од СДСМ.

БРИСЕЛ: ДАТУМОТ ЗА ИЗБОРИТЕ ЈАСНО БЕШЕ ДОГОВОРЕН ОД СИТЕ СТРАНИ

Брисел и официјално потврдува дека нема потреба од одложување на изборите.

- Има напредок во работната група во однос на изборните реформи. Kонкретниот датум за изборите јасно беше договорен од сите страни - велат од канцеларијата на Хан.

Од таму велат дека се во постојан контакт со партиите и Владата во однос на имплементацијата на реформските приоритети, а контролата ја прават и преку олеснувачот кој ја раководеше работата во работната група цело лето. Во однос на разликите за специјалниот обвинител, од Брисел порачуваат сите страни да се посветат на преземените обврски.

- Kомесарот Хан одблизу ги следи случувањата во државата и очекува значителен напредок наредните неколку дена во согласност со договорените рокови - изјавија вчера од Брисел.

Kатерина Нешкова




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани