Гевгеличани напред, ЗЛАТО СТОЈ!
  Објавено на
share
Гевгеличани

напред, ЗЛАТО СТОЈ!
 
 

Љупчо Гаштеовски

ljupcogasteovski@yahoo.com

 

Богатите кога се богатат ни небото не им е граница, а камоли природата и луѓето. Хитлер што користел за труење во концентрационите логори, сега корпоративниот (ортачкиот) капитализам го употребува за грабеж на златото од сиромашните земји. Експлоатацијата на злато со користење 
цијанид е најтоксичната и најгадна индустрија, од сите аспекти и врз сите објекти и субјекти



Рударството е многу важна индустриска гранка за човековата цивилизација. Металургијата, фосилната енергетика и рударството се светски шампиони во загадувањето на животната средина. 
До пред 150 години злато се добивало главно со плакнење на речните наноси. Со калифорниската треска (1848 г.), златарењето експандира. Се проценува дека од земјата досега се извадени околу 140 илјади тони злато, вредно 6.000 милијарди долари. Во 1973 година килограм злато чинел 2.500 долари, во 2011-та 57.000, а денес 42.000 долари. 
Со поновите ефикасни, евтини и отровни хемиски методи, златољупците повторно го размрдаа светот. Цијанидот може целосно да го извади златото и од најсиромашните руди, без скапото дробење и мелење на камењата, со што профитот неколкукратно расте. Но таа технологија е многу гадна и затоа такви рудници се отвораат во „недоквакани“ држави, каде што лесно се подметнуваат еколошките кашканици. И полека златната треска од Калифорнија и од Африка ни ја набутаа и на Балканот. Во Македонија се истражува злато од Пехчево до Гевгелија.

При цијанидната постапка, рудата се трупа врз подготвен терен, на чие дно се поставени дренажни цевки. Купот руда доволно долго време се полева со огромно количество воден раствор од натриумцијанид и воздух и златото се издвојува-лужи во растворот. Во добиената лужина се додава цинков прав да го исталожи златото. Рафинацијата се врши со врела сулфурна киселина или електролиза.
Што се цијанидите? 

Тоа се соединенија на цијановодородната киселина, кои низ историјата се користени како отрови. Најопасни цијаниди се калиумцијанидот и натриумцијанидот. Најпозната примена на цијанидите била при масовните нацистички убиства во концентрационите логори, за време на холокаустот. Хитлер и неговите соработници се самоубиле(?) со цијанидниот отров „циклон Б“.
Кој добива, а кој губи во модерната златна епидемија?
Досегашната светска практика покажува дека економското фајде за „расчекорената“ држава, како „дародавка“, не е позитивно. Кога потрезвено ќе се ококориш излегува дека „златниот кајмак“ го собира рударскиот оператор, на државата и некој корумпиран „државчик“ и „експертутка“ се истресува некоја трошка, а на населението му остануваат пустошот и отровите. 

Дедото на смртна постела: „Внучкооо! Во еден од ќошовите на куќата има ќуп со злато. Паметно да си го откопаш и богато ќе си живеете“. А дембелиштето, наместо да си ги запрчи ракавите, трк кај амбасадорите. И откопувањето на златото се изметна во директна странска инвестиција. Ради „примерното“ поведение, внукот осамна во „Сан Паули“, на странски трошок. Додека „црвените воденици“ го мелеа во Хамбург, странците дома сn4; по список му „изонадуеа“, куќата ја пеплосаа, златото го однесоа, а цијанид во ќупот донесоа. Внукот си остана голтар со купишта клетви за неверствата кон аманетот дедов и надежта на правнуците негови. Мораше на екс да го испие ќупот, оти друго и не заслужуваше.
Добивањето една унца (31,1 грам) злато, операторот го чини (тотал) од 240 до 300 долари. Вчера на берзата една унца чинеше 1.349 долари. Драги мои, самите проценете кој губи, а кој профитира 500-600 отсто.
Малку пие вода и утехата од некаква ситна рента за државата и некакви плати. При сегашната кабеста механизација, бројот на рудари, со гас-маски и скафандери, е минимален, а и платите ќе одат најмногу за лекарства. Башка, рудниците за злато користат специфична увозна опрема и опасни материјали, па кооперативноста со локалното стопанство е никаква.

Што е со трошоците за затворање-декомисија на рудникот (како кај нуклеарките)? Што со остатоците на цијанид, киселини, тешки метали, кои се одложуваат во ридишта јаловина и во водата? При хаваријата во рудникот за злато „Баја Маре“ во Романија (2000 г.), во Тиса и Дунав истекоа стотици илјади тони јаловина, со стотици тони цијанид и други тешки метали, и во четири европски држави се извадија 1.400 тони мртва риба. Трошоците за санација, на тоа најголемо загадување на вода во Европа, не можеле да ги покријат ни осигурувањето ни операторот со рудникот, кој побегна и со банкрот (човек-фирма) се спаси од одговорноста, но граѓаните на Романија, Унгарија и на Србија го окркаа, оти нема каде да бегаат.

Обично договорите се „потпржуваат“ по рецептура „похувани и малценку закорумпирани“, за издавачот на концесија да стане заложник. Канадската компанија „Габриел рисурсис“ (Gabriel resurses) поднесе тужба тешка 4 милијарди долари против Романија, оти не o7; дала дозвола за експлоатација на злато во „Росиа Монтана“ (Rosia Montana), откако е направена студија (наштимано-филувана) за (не)влијание врз животната средина. Тој рудник требало да исели три села, да срамни четири планински врва и да натрупа нови ридови од цијанидизирана јаловина и езеро од 215 милиони кубика цијаниден раствор. 

Според тоа што го испорачуваат до животната средина, рудниците за злато содржат неколку еколошки грозотии: каменолом за облаци прашина; опустувач на шумите полош од пожарите; локална војна со стотици тонски експлозии; земјотрес од силните минирања; хајка против животинскиот свет; хербицид против растителниот свет; отров во почвата, воздухот и водата; потрошувач и загадувач на чиста вода; нарушувач на теренот, биодиверзитетот и еколошката рамнотежа; предизвикувач на миграција на сn4; живо и диво. Користените разни отрови, како жива, сулфурна киселина, метаноли, арсениди, цијаниди, тешки метали се одложуваат околу рудникот, во купишта и езера од јаловина, со што целиот почвен, воден и воздушен екосистем бива загаден за век и веков.
Богатите кога печалат ниту небото им е граница, а камоли природата или луѓето. Ама! За една плескавица не се продава држава, ма колку била мала и несаламна.

(Авторот е екологист-енергетичар)



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани