Секогаш кога Јусеф Загба ќе слетал во Болоња, некој го чекал кога ќе излезел од авионот. Во Италија не е тајна дека 22-годишниот Италијанец роден во Мароко, кој беше идентификуван како еден од тројцата терористи што стојат зад нападот на Лондонскиот мост, е под силен надзор.
„Ќе поразговараа со него на аеродромот. Потоа, за време на неговиот престој, полицајците ќе дојдеа неколку пати дневно за да го проверат“, вели неговата мајка, Валерија Колина, во интервју за Гардијан. „Тие беа пријателски расположени кон Јусеф. Ќе кажеа: 'Еј, синко, кажи ми што правеше. Што правиш? Како си?'“
Во неделите по нападот, улогата на Загба ги истакна разликите во третманот на осомничените за тероризам во Италија и во Велика Британија. По пристигнувањето во Лондон, вели мајката на Загба, тој ниту еднаш не беше запрен на аеродромот, ниту испрашуван, иако италијанските власти ги предупредиле британските колеги дека претставува закана.
Франко Габриели, шеф на полицијата во Италија, за напорите на земјата да ја предупреди Велика Британија вели: „Нашата совест е чиста“. Скотланд Јард, пак, рече дека Загба „не е предмет на интерес ниту на полицијата ниту на МИ5“.
Италија во последниве децении доста страдаше од политичкото насилство, вклучувајќи го и убиството на двајца истакнати судии што беа против мафијата во 1990-тите. Но, за разлика од речиси сите нејзини големи европски соседи, таа не доживеала голем терористички напад уште од 1980-тите.
Дали Италија едноставно има среќа? Дали нејзината антитерористичка политика - родена во годините на полициската и разузнавачката работа против мафијата, како и во целата деценија крваво политичко насилство во 1970-тите - им дава на италијанските власти предност во однос на ИСИС? Или постојат други фактори?
„Главната разлика е во тоа што во Италија нема голема популација на имигранти од втора генерација што биле радикализирани или би можеле да бидат радикализирани“, вели Франческа Гали, професорка на Универзитетот Мастрихт и експертка за антитерористички политики.
Потребни се околу 20 лица за еден осомничен за тероризам да биде постојано следен, рече Гали. Се разбира, многуте ресурси што се потребни за нечие внимателно следење стануваат предизвик ако треба да се следат повеќемина осомничени.
Два неодамнешни инциденти - случајот на Загба и нефаталниот терористички инцидент во Милано, во кој еден војник и полицаец беа избодени од Италијанец чиј татко бил Северноафриканец - упатуваат на потенцијална промена во типот на заканата во Италија. Но Гали вели дека генерално италијанската полиција и антитерористичките сили не морале да се справуваат со огромен број луѓе потенцијално изложени на ризик од радикализација, за разлика од Франција, Белгија и Велика Британија.
Тоа не значи дека во Италија немало терористичка активност. За Анис Амри, Тунижанецот што минатата година нападна берлински божиќен пазар и беше застрелан од полицијата во предградие на Милано, се верува дека бил радикализиран во затвор во Сицилија. За Мохамед Лахуајеј-Булел, Тунижанецот што го изврши смртоносниот напад во Ница минатата година, италијанската полиција откри дека престојувал во пограничниот град Вентимиља.
Некои експерти велат дека Италија дома успеала да се справи со заканата од ИСИС со усовршувањето на правните и полициските средства развиени преку долгогодишното искуство во истрагите за мафијата, кои, пак, произлегле од т.н. „оловни години“ - периодот помеѓу крајот на 1960-тите и раните 1980-ти години, обележани со акти на политички тероризам од левичарски и десничарски милитанти.
Според бројките објавени од италијанското Министерство за внатрешни работи, антитерористичките служби запреле и испрашале 160.593 лица меѓу март 2016 година и март 2017 година. Тие запреле и испрашале околу 34.000 лица на аеродромите и уапсиле околу 550 осомничени терористи, а 38 се осудени за обвиненија за тероризам. Повеќе од 500 веб-сајта биле затворени и речиси половина милион биле следени.
Џамперо Масоло, кој беше директор на италијанската разузнавачка служба од 2012 до 2016 година, вели дека не постои конкретен „италијански начин“ за борба против тероризмот.
„Научивме многу груба лекција за време на нашите терористички години“, вели тој. „Од тоа го извлековме искуството за тоа колку е важно да одржуваме постојан дијалог на оперативно ниво помеѓу разузнавачките служби и полициските сили. Всушност, превенцијата е клучна за да бидете ефикасни во борбата против тероризмот“.
„Друга особина е да се има добра контрола на територијата. Од оваа гледна точка, отсуството на предградија (како во Франција) во поголемите италијански градови и... (доминацијата) на малите и средните градови го олеснува следењето на ситуацијата“, вели Масоло.
Постојат и поспецифични практики. Артуро Варвели, висок научен соработник и експерт за тероризам во аналитичкиот институт Испи, вели дека тоа што нема Италијанци од втора и трета генерација, кои би можеле да бидат подложни на пропагандата на ИСИС, значи дека властите наместо тоа се фокусирале на недржавјаните, кои може да бидат депортирани уште при првите загрижувачки знаци. Од јануари се протерани 135 лица, вели тој.
Италијанските власти ги користат и пресретнатите телефонски повици, кои за разлика од Велика Британија, тука може да се користат како докази на суд и - во случаите поврзани со мафијата и со тероризмот - може да се добијат врз основа на сомнителна активност, а не само со цврсти докази.
Слично како борбата против италијанскиот организиран криминал - Камора околу Неапол, Коза Ностра во Сицилија и 'Ндрангета на југот - за инфилтрирањето и попречувањето на терористичките мрежи е потребно растурање на социјалните, па дури и на семејните односи.
Луѓето осомничени дека се џихадисти се охрабруваат да соработуваат со италијанските власти, кои за тоа им даваат дозволи за престој и други видови поттик, вели Гали. Италијанците ги знаат и опасностите од чувањето на осомничените за тероризам во затвор, кој, како и за мафијашките босови пред нив, се смета за примарна територија за регрутирање и мрежно поврзување.
„Мислам дека имаме развиено искуство во справувањето со криминална мрежа. Имаме многу тајни агенти, кои одлично ги пресретнуваат комуникациите“, вели таа.
Иако за италијанските власти се смета дека имаат широки овластувања, полицијата нема посебни овластувања да ги притворува осомничените за тероризам без обвинение. Осомничените за тероризам може да бидат задржани до четири дена без обвинение, исто како и секој друг осомничен. Сепак, Европскиот суд за човекови права ја критикуваше Италија дека премногу долго ги држи обвинетите откако ќе бидат обвинети и чекаат судење.
Гали вели дека нема загриженост околу тоа дали тактиките во Италија ги прекршуваат граѓанските слободи. Широката употреба на надзорот - вклучувајќи ги и пресретнуваните комуникации - се смета за доволно фокусирана на осомничените за тероризам и мафија, за разлика од начините на масовно собирање податоци во САД и Велика Британија.