Алдо Климан ПРВАТА РАЗБУДУВАЧКА ЕУ ШЛАКАНИЦА ЗА ЗАЕВ
Автор: Алдо Климан   Објавено на
share

Алдо Климан

 

ПРВАТА РАЗБУДУВАЧКА ЕУ ШЛАКАНИЦА ЗА ЗАЕВ

 

Од Европската Унија на Заев му долета првата сериозна шлаканица во врска со обидот на Владата на Република Македонија да го оневозможи поставувањето на Александар Николоски за амбасадор и шеф на Мисијата на Република Македонија во ЕУ. Убав и добар потег на Парламентарното Собрание на Советот на Европа кое објави писмена декларација под наслов „Заштита на угледот на македонската дипломатија”. Се разбира, набргу ќе има и други такви, па и многу потешки шлаканици за Заев и за неговиот склепан министерски тим, зашто, сакале - не сакале, ЕУ, со своите цврсти и добро вмрежени структури и односи, и по хоризонаталата и по вертикалата, не е Зелено пазарче на кое можеш баш така да поминеш со панаѓуски и битпазарски итроштини и подметнувања, или барем не додека и самиот не станеш колку-толку рамноправен член на евро-клубот. Но тоа е сосема друга и покомплексна тема.

 

Во секој случај, читајќи меѓу редови, од овој мал но важен актуелен меѓународен настан заклучуваме дека хистеричната и бесна партизација што ја започна и што од првиот ден од своето инсталирање систематски ја спроведува владата на Заев веќе поприлично ги вознемири духовите во Европската заедница и веројатно таму и самите наеднаш почнаа да сфаќаат со кого се фатиле во оро. Ним им беше многу добро познато дека со својот ултрадискутабилен курикулум Заев е и ултраподатлив за манипулации, гнетење и искористување за некои меѓународни политички цели, но тука очигледно се пресметаа, па бргу им стана јасно дека ако неговиот "стил на работа" не се пресече во зародиш ќе биде тешко да се контролира човек кој не избира средства, методи и „бомби” за да ги постигне своите егоистични цели. Треба тука да се напомене дека веќе во низа изјави на евродипломати (нпр. Тимоние, па и Хан) на Заев суптилно му е порачано дека ќе мора да се отвори за соработка со сите субјекти во општеството, вклучително и опозицијата, па дури и самиот тој во некои јавни истапи тоа некако го протисна низ заби, иако никој разумен не им поверува на тие негови про форма кажани зборови.

 

Зоран Заев неразумно, безмилосно, со сета сила и на секој можен начин, со лаги, со шарени револуции, со државен удар, го дупчеше и го издупчи македонскиот државен и национален брод на сите страни само да ја потоне претходната власт, но сега кога треба со тој допола потопен брод да се патува натаму - е, тоа не е така лесно. Најнапред треба да се затнат направените дупки, но бидејќи неговото политичко беснило не остави ниту едно негибнато и здраво морално и материјално место, давајќи им дури политички алатки за дупчење и на сите заинтересирани домашни и странски „дупчала” за македонскиот брод што побргу да исчезне од површината - сега дојде зорт за аман.

 

Но на Заев и на неговата влада дури допрва им следуваат други шлаканици и непријатни изненадувања од ЕУ и од други меѓународни играчи, па потоа познатиот џудо зафат „вратоврска”, те. давење, па цврсти и неизбежни барања и практични докази за безусловно стегање на ременот на државата, што значи притисок врз јавниот сектор со очекувани „болни резови”, те. смалување на платите и отпуштања на државните службеници, со натамошни негативни консеквенци па и отпуштања и во приватниот сектор, притисоци за приватизација на последните неприватизирани крупни стопански субјекти во сопственост на државата, и особено за целосна приватизација на македонските шуми и води. Овој неолиберален модел е беспрекорно и до крај испитан и проверен врз последните примени членки во ЕУ, па и врз некои постари како во случајот на Грција, и тука нема никакво промашување. Тоа едноставно ќе биде така, со уште низа неверојатни и бизарни последици, а Зоран Заев нема да знае како да избега и каде да се сокрие од сите тие предизвици, зашто е многу полесно насилно да годупчиш бродот одошто да управуваш со него низ домашните и меѓународни политичко-економски води.

 

Но едно е сигурно, партизацијата која Заев и неговата Влада веќе распаметено ја спроведуваат, во ЕУ нема да им помине, и подобро им е веднаш да престанат со тоа лудило, а во случајот со декларацијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа во врска со Александар Николоски им е испратено јасно и недвосмислено предупредување во таа смисла. 

 



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани