КАКО СИРОМАШНИТЕ СТАНАА САМИ КРИВИ ЗА ТОА ШТО СЕ СИРОМАШНИ?
  Објавено на
share

КАКО СИРОМАШНИТЕ СТАНАА САМИ КРИВИ ЗА ТОА ШТО СЕ СИРОМАШНИ?

Сиромашните се сиромашни заради грешките и лошите одлуки што ги направиле во животот, и ова е подеднакво точно како да кажеш дека некој е крив за тоа што во неговиот град удрил земјотрес.

 
 

Во психологијата постои концепт што се нарекува "фундаментална грешка на припишување", а неговото објаснување е "природна тенденција однесувањето на другите да се смета дека е предодредено од нивниот карактер - додека нашето сопствено однесување е базирано на околностите во животот."

"На пример, ако неочекуван медицински проблем те банкротира, ти се гледаш себе како жртва на лоша среќа - додека кога друг ќе банкротира него го перципираш како расипник кој невнимателно ги спискува своите пари на глупости. Или, ако си невработен, го цениш сопствениот труд што го вложуваш за да најдеш работа - додека другите во иста ситуација ги гледаш како бескорисни денгуби.

Нивното минато и околностите се невидливи од твоја перспектива.

Проблемот е што напорната работа и доброто образование беше сигурен знак за напредување во општеството, меѓутоа на родените во 1980-те овие фактори им даваат само 50-50 шанси," пишува Маја Славиц во текстот за Гардијан.

Таа објаснува дека комбинација од неколку психолошки елементи го одржува верувањето дека и богатите и сиромашните го заслужуваат она што го добиле, "со исклучок кој главно важи за самиот себе".

Како пример таа ја дава книгата Елегија за опинок, во која авторот раскажува за тоа како врие од огорченост додека работи како касиер и гледа луѓе што користат бонови за храна додека зборуваат на мобилни телефони за кои тој може само да сонува да ги има.

"Од негова перспектива, примателите на бонови за храна се мрзи кои уживаат во препродавање храна за да ја одржат својата зависност, наместо искрено да работат за тоа.

Меѓутоа тој нема поим како тие ја гледаат целата работа од нивно гледиште - дали тие го користат недозволено купениот алкохол за смирување на сопствена тага, болка или траума; дали тие купуваат нешто посебно за да го прослават роденденот на своето дете; дали тешкиот живот што тој успева да го менаџира ги совладал останатите кои биле родени со поинакво размислување или немале никој во семејството да ги поддржи, како што тој ја има својата баба," пишува Славиц.

Втор столб на овој феномен е нешто што се нарекува "пристрасност на актер-гледач". Кога ги гледаме другите нивните постапки ги доживуваме дека се резултат на нивните вродени особини, додека во личниот случај, ние знаме дека сме реагирале гневно затоа што нè отпуштиле, а не затоа што сме природно гневни луѓе.

"Ние имаме тенденција да го гледаме светот преку нашите искуства. Често пати мислиме дека структурата и околностите е она што ги ограничува нашите избори, додека кај другите тоа е резултат на нивното однесување," објаснува Стивен Пимпаре од Универзитетот на Њу Хемпшир.

Со други зборови, "другите се сиромашни заради лоши одлуки, ама ако јас сум сиромашен тоа е заради нефер системот." Баш заради ова, сиромашните имаат тенденција да бидат најсурови едни кон други.

Кај богатите ваквата пристрасност се материјализира во верувањето дека тие стигнале до таму кај што се со напорна работа и дека го заслужуваат она што го имаат - додека оние кои не се на нивно ниво не успеале заради немање решителност и истрајност.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани