Горазд Росоклија - ОРИЕНТАЦИЈА НЕСЕКСУАЛНА
  Објавено на
share

Gorazd Rosoklija

ОРИЕНТАЦИЈА НЕСЕКСУАЛНА

Кога наполнив 5 години, на моите дома им соопштив дека на коњ ќе ја грабнам комшиката Жанче.

Така, мојата сексуална ориентација беше утврдена и никогаш после тоа не стана тема за ничии разговор.

Кога станав млад доктор, од оваа дистанца многу млад доктор, мојата школска другарка од прво одделение и драга пријателка до денес, Слободанка(Цобе), вработена во УДБА прекрстена во ДБК, ми вика:

-Моиве на работа ме прашуваат за тебе дали имаш про-бугарска ориентација? Им се изнасмеав во лице и им викам, тој повеќе растеше во Париз отколку во Скопје. Дека има про-француска ориентација можам да помислам, а дали воопшто бил во Бугарија, не сум сигурна.

Што ми вреди другарката и нејзиното мислење за мојата несексуална ориентација кога сме ние мудар народ и имаме мудри поговорки како ,,круша под круша паѓа“, ,,да имаш вујко владика“ и слични.

Јас немав вујко владика но имав вујко славен во Бугарија плукан во Македонија, како што е нормално на Балканот.

Како доктор знаев дека интелигенцијата и дарбите се наследни или можат да се наследат, но демократската удбашка држава секогаш сn4; знае подобро, па и медицина подобро од докторите. Според таа држава, идентична како оваа денес, мислам на оваа во последниве 27 години, и политичките убедувања се наследни.

А го сакав тој мој вујко, го сакам и денес, и бевме блиски, многу блиски, и ми зборуваше многу нешта.

Бидејќи се врати слеп од Голи Оток, а јас бев дете, единствен останат дома, сите други студираа некаде, моите две сестри, Миле неговиот син и Султана неговата ќерка, мои братучеди, а живеевме куќа до куќа, карши ЦК на КПМ, денес Влада, му ги читав Достоевски и Шекспир, дискутиравме за Кориолан, за таткоубиството и слични небитни работи за удбашката држава.

Не знам какви му беа политичките убедувања, но повремено ќе кажеше: ,,Режимите се менуваат, ама тие што ме тепаат во затвор се секогаш истите.“

Кога ,,доброволно“ беше прогнан во Бугарија, од таму, по вујна ми Филимена, ми го прати ракописот на неговото прво дело напишано во изгнанство и последно на македонски јазик, во кое го раскажува својот живот: ,,Мојот монолог“

И кога Слободанка ми зборуваше за интересот на УДБА (ДБК) за мојата несексуална ориентација, мислев идиотиве сакаат да ме дискредитираат како бугарофил. Денес, гледајќи ги нив и нивните наследници сфаќам колку сум бил во заблуда.

Тие уште тогаш барале сојузници во предавството на македонската нација што денес го прават.

Тоа што јас за себе мислев дека сум паметен, го коригирав во Франција, а го искоренив во Америка откако сретнав вистински паметни луѓе.

Тоа што моите учители мислеа дека сум паметен, а тие мои учители навистина беа паметни, ќе ми остане неодговорено.

Што се однесува до УДБА и нејзините прислужници, тие се секогаш еден ист човек, еден ист карактер. Тогаш и денес.

Индивидуалните судбини на луѓето како и на нациите за нив немаат значење се додека жртвувајќи ги, си го исполнуваат посакуваното создадено во нивните болни умови.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани