Алдо Климан ПРВ ГОВОР НА ОМРАЗА ПО ПОТПИШУВАЊЕТО НА БУГАРСКО-ЗАЕВСКИОТ ДОГОВОР
Автор: Алдо Климан   Објавено на
share

Алдо Климан

ПРВ ГОВОР НА ОМРАЗА ПО ПОТПИШУВАЊЕТО НА БУГАРСКО-ЗАЕВСКИОТ ДОГОВОР

 

Се прибира инкриминирачка документација за цензорите на Заев и Борисов. Цен(зорт)скиот над(зорт) започнува веднаш.

 

 

Еве, токму на денешен ден, на 1 август 2017 година, се бележи првиот „говор на омраза”, како што го разбира и како што си го толкува терминологијата на ступидниот и предавничко-освојувачки штотуку потпишан бугарско-заевски договор за соработка.

 

Имено, сметам дека, за да му ја олесниме сложената форензичка работа на диктаторскиот тандем Заев-Борисов и на нивните елитни цензорско-криминалистички екипи што наскоро, создавајќи нова заедничка бугарско-македонска историја, со фронтално обединети сили енергично ќе излезат на терен за да шараат наоколу, да го чешлаат и да го пурифицираат македонскиот медиумски простор, би требало, како свесни и совесни граѓани чии јавни настапи според бугарско-заевскиот договор секако спаѓаат во „говор на омраза”, веднаш и ние самите да им се пријавуваме на време за да не ги расфрлуваме баснословните средствата од јавниот буџет на Република Македонија; на тој начин, почитувани сограѓани, ќе го заштедиме директниот трошок од својот даночен џеб, со што инаку штедро и иронично ќе се плаќа нивната благородна и општопотребна цивилизациска работа. Од високи владини кругови се најавува дури и отворање на специјален шалтер на влезот во Владата каде што лично предавничкиот премиер Заев ќе седи и ќе ги прима таквите добронамерни пријави и самопријави против починителите на вербални деликти и на таквиот „говор на омраза”.

 

Затоа со овој јавен чин, еве баш на денот на потпишувањето на бугарско-заевскиот договор, јас самиот си го пријавувам својот прв случај, како и сите мои наредни пројавувања на „говор на омраза” според толкувањето и терминолгијата на договорот, и најпонизно ги молам гореспомнатите властодршци и нивните цензорски служби што сега се во фаза на интензивно формирање и бесно насрчување кон потенцијалните прекршители, да ми го земат ова расколниковско самопријавување како голема олеснителна околност. Навистина, лоша работа за мене е тоа што јас, кога станува збор за слободата на мислењето и на говорот, сум смртно непоправлив престапник и нема никогаш да се откажам од својот „говор на омраза” во она значење и во онаа смисла што им ги даде ступидниот бугарско-заевскиот договор, а знам дека ист голем и непремостлив проблем ќе го има и целокупното слободно јавно мислење во Република Македонија од кое непокорниот македонски народ никогаш нема да се откаже, па и по цена на животот и смртта, што и да си мислат Заев, Борисов и сета апсурдна карикатурално-каракачановска фела.

 

Од друга страна, добро е вака и во жива пракса да ја тестираме цен(зорт)ско-полициската ефектност на заканите со казни и санкции од страна на овие монструозни цензорски сеништа во срцето на современа, модерна и демократска Европа. Веројатно по налог на Заев и на Борисов на крајот сите ќе завршиме по македонските и по бугарските зандани.

 

Но да не должам, еве ги инкриминирачките нешта во тој мој прв „говор на омраза” веднаш по потпишувањето на бедниот бугарско-заевски договор. Јасно и недвосмислено нагласувам дека не ги идентификувам бугарскиот народ, кој го почитувам, и бугарската официјална политика, која не ја почитувам и, особено по овој чин на примитивна и подмолна грабежливост, длабоко ја презирам. И додавам, господа Заев-Борисов, дека за овој мој подолу наведен „говор на омраза” како го сфаќа вашиот и литерарно, и правно и на секој друг начин беден документ, јас го прифаќам исклучиво судот на својот македонски народ, а вие, се разбира, не сте тоа, па така и вашиот цен(зорт)ски над(зорт) ништо не ми значи.

 

Прво, јас сум Македонец, а не Бугарин.

 

Второ, членовите на моето семејство се Македонци, а не Бугари.

 

Трето, членовите на мојата поширока фамилија се Македонци, а не Бугари.

 

Четврто, мојот мајчин јазик се вика македонски јазик, а не бугарски јазик, или пак некаковсизападно-бугарски дијалект.

 

Петто, мојот прекрасен, благ и пријателски народ, со кој неизмерно се гордеам, се вика македонски народ, а не бугарски народ, и тоа се знае во целиот свет.

 

Шесто, мојата татковина се вика Република Македонија, а не Голема Бугарија, Голема Албанија, или што и да е друго Големо од север или од југ.

 

Седмо, моите македонски сестри и браќа во Пиринска Македонија и пошироко во Република Бугарија, се Македонци а не Бугари, и, како лојални граѓани на државата, претставуваат достоинствено македонско национално малцинство во Република Бугарија, која срамно не им ги признава и бескрупулозно им ги ускратува и им ги крши и најосновните национални и човечки права.

 

Осмо, моите македонски сестри и браќа во Егејскиот дел на Македонија, во рамките на денешна Република Грција, се Македонци, а не ниту Грци ниту Бугари, и, како лојални граѓани на државата, преставуваат достоинствено македонско национално малцинство во Република Грција, која срамно не им ги признава и бескрупулозно им ги ускратува и им ги крши и најосновните национални и човечки права.

 

Деветто, моите македонски сестри и браќа што живеат во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора во Република Албанија се Македонци од православна или од исламска вероисповед, а не Бугари или Албанци, и, како лојални граѓани на државата, претставуваат достоинствено македонско национално малцинство во Република Албанија, која срамно само делумно им ги признава националните и човечки права што им припаѓаат.

 

Десетто, културната историја на мојот народ се вика културна историја на македонскиот народ, а не културна историја на бугарскиот народ, што е нешто сосема друго. Оригиналната и посебна културна историја на македонскиот народ трае од најстарите времиња до денес, вклучително и славната македонската национална Преродба од 19 век, како и сите последователни фази во развојот на македонската култура до ден денешен, а така ќе биде и во десетлетијата и вековите што се пред нас.

 

Единаесетто, националната историја на мојот народ се вика македонска национална историја, а не бугарска национална историја, и таа е сосема одделна, значајна, забележлива и препознатлива појава во светската историја, со разбирливите позитивни или негативни допирни точки со националните истории на околните народи, Србите, Албанците, Грците и Бугарите - но во никој случај не претставува заедничка историја со историите на ниту еден од тие народи.

 

Дванаесетто, денес потпишаната бугарско-эаевска спогодба за македонскиот народ и за Република Македонија претставува предавнички, противуставен и ништожен документ и најгласно апелирам веќе првата наредна влада веднаш да го поништи, а не, како што со премногу фин дипломатски јазик се најавува од одделни политички кругови, да се преиспитува, зашто имал определени недостатоци. Нема таму ништо што би можело да се преиспитува, туку едноставно треба да се поништи. НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРЕПРАВА НЕПОПРАВЛИВОТО!

 

На крајот, да ни е честит нашиот најголем македонски национален празник Илинден, и да ни е жива и вечна Република Македонија!

 

И денес, и утре на Илинден, мил мој македонски народе, и во сите времиња што се пред нас, заедно со своите многубројни пријатели и почитувачи низ целиот свет, ќе си ги пееме нашите преубави македонски народни песни и од се' срце ќе се радуваме што Господ нас Македонците не' создал баш вакви какви што сме, весели, благи, отворени, благородни и бескрајно надарени за пеење најубави македонски народни песни и танцување најубави и најразиграни македонски народни ора, душата и умот да ти треперат од убост и од среќа!




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани