А СЕГА СЕ НА РЕД ЗА УНИШТУВАЊЕ СИНДИКАТИТЕ
Автор: Алдо Климан   Објавено на
share

Алдо Климан

А СЕГА СЕ НА РЕД ЗА УНИШТУВАЊЕ СИНДИКАТИТЕ

 

 Ова што во моментов се случува со македонските синдикати е само очекувано продолжение на уништување на македонското граѓанско, демократско, социјално општество, што внимателно и според цивилизациска логика и општи искуства е градено со децении. Имено, разглобувањето и растурањето на Македонија не се одвива само на државно и на национално ниво, со меѓународен комплот, однадвор и кон надвор, туку и длабоко одвнатре, од самото егзистенцијално јадро, при што на уништувачите на нормалниот социо-економски живот во Републикава им е најважно што поитно да го минираат и да го урнат носечкиот столб на општеството - работникот, и воопшто работниот човек во сите сфери и на сите рамништа, и тоа, се разбира, со ослабнувањето и уништувањето на неговите највитални функционални организациски структури - синдикатите. Едноставно: скарај па владеј.

 Можеби во македонските синдикални организации и воопшто самите граѓани се чудат што е тоа што наеднаш почна вака наопаку да се случува во редовите на македонското синдикално движење, и тоа баш сега кога имаме социјалдемократска власт, но веднаш треба да речеме дека тоа е сосема вообичаена, мрачна, деструктивна пракса на квази-социјалдемократските власти во транзициските земјите на нашето најблиско, балканско но и пошироко соседство, бидејќи, како што веќе и пишував за тоа во некои свои поранешни колумни, таа и таква социјалдемократија што се практикува во спомнатите земји, и особено оваа траги-карикатура од траги-социјалдемократија во Македонија („што јужније - то тужније”!), нема никаква врска со изворното значење и смислата на поимот социјалдемократија, туку е друго, тројанско име за најподмолен неолиберализам со кој, со политички притисоци, партизација и директно влијание од нивото на власта, со разни ad hoc мерки и со закони прилагодени кон дневно-политичките потреби треба сосема да се дотолчи работничкото движење, до крај да се потчини и да се зароби работниот човек, и да се оневозможи секој вид организирана граѓанска и политичка побуна и хумана манифестација на отпор против социјалната неправедност и неправда.

 Така големите неолиберални банкарски и индустриско-трговски светски центри на моќ како јадица со меко лижавче и на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија му го продадоа тој штос дека, само доколку сосема се откачат и бидат супер модерни, шарено-револуционерни, неконформисти во секоја смисла на зборот, и низа други глупости, и доколку го применат импортираниот иделошко-политички терк за капитализам со човечко лице (кај нас е измислен оној идиотски слоган „Македонија за живот”!) ќе станат и ќе бидат посоцијалдемократски и помодерни од сите социјалдемократии во светот, ќе остварат фасцинантен спој на социјална правдина и вртолумен економски растеж, при што е нужно само сосема да ги следат општествено-економските процеси и текови обмислени од глобалниот финансиско-банкарско-трговски аждер, па така постапно ќе се стаса до такво ниво лесно и пријатно да се живее во еден исцело финансизиран свет, односно во таков свет во кој парите сами ќе си се репродуцираат од себеси и ќе си се умножуваат до бескрај, а градовите и селата, улиците и парковите и секое катче во државата ќе блескотат од невидена раскош, светлина и богатство, а магарињата ќе се врзуваат со колбаси. Со еден збор: капиталистичко-комунистички рај! Но нема ништо од тоа!

 Еве, почитувани сограѓани, што отприлика ни следува, и тоа не затоа што јас сум пророк, туку едноставно затоа што тоа сценарио е веќе видено и до коска применето во пракса, со тажен крај и за синдикалното движење, и за работниот човек, и за самата социјалдемократија која се претвора во нешто сосема спротивно на себеси и на својата суштина. Што се однесува до македонската социјалдемократија, таа веќе недвосмислено покажа дека станала нешто сосема спротивно на себеси, со тоа што во највиталните државни и национални прашања безобѕирно му го сврте грбот на својот народ и, комплотирајќи со бескрупулозни агресивни странски сили, го изневери, го предаде и сосема се оддалечи од него и од неговите национални права и очекувања.

 Но да се вратиме на сегашните и претстојните маки на македонската синдикална сцена.

Прво, во синдикатите ќе се пронајдат или ќе се инфилтрираат шарени социјалдемократски партиски кртови - а тоа, според последниве настани во и околу ССМ, во Македонија очигледно веќе се случува - и одвнатре ќе се изврши груб удар врз нивното социјално заедништво и единство. Тоа на владејачката политиката и' треба само за да може што полесно да овладее со синдикалните организации и лесно да манипулира со нив. Од една страна, целта е синдикалните лидери да бидат прикажани како синекуранти, неработници, паразити и злоупотребувачи на лидерската позиција што живеат врз грбот на работниот народ, и со разни лаги, подметнувања и измислици сосема да се дезавуираат, а, од друга страна, во синдикалните организации да се внесе немир, неспокојство и чувство на предавство од своите водачи.

 Второ, на законодовно ниво допрва ќе се одредат ригорозни квоти на број на членови на одделни синдикални организации кои, доколку се под максимумот на членството што ќе го дефинира/наметне законодавецот, а таа бројка ќе биде исклучително висока, воопшто нема да можат да учествуваат во социјалниот дијалог со властите за заштита, зачувување и подобрување на работничките права. Тоа значи дека голем број помали синдикални организации едноставно сосема ќе бидат исклучени од можноста како најдиректно заинтересирани општествени субјекти рамноправно да учествуваат во разговорите и во донесувањето одлуки за судбината на своето синдикално членство. Истото тоа важи и за организациите на пензионерите, како и за селските или земјоделските цеховски организации. Тоа со квотите, инаку, е една подмолна измислица на Европската Заедница, а се применува секаде каде што се сака да се оневозможи нешто што не им е во интерес на големите концерни или на владејачките структури на ЕУ.

 Трето, синдикалните права на полицијата, и особено правото на штрајк, ќе бидат радикално сосечени, со оглед на нивната специфична положба во општеството, а за сите други заинтересирани субјекти ќе се донесат и најстроги прописи за тоа кога воопшто, каде и како ќе се штрајкува. На чесната влада на Зоран Заев, доколку воопшто потрае, многу добро ќе и' дојдат оградите од ковано железо (што се закануваше дека ќе ги урива, па не ги урна) кога ќе почнат сериозните социјални немири, а на нив нема да чекаме уште многу.

 По ваква темелита подготовка за поништување на синдикалната сила и на нејзиното значење во општеството следуваат паралелно неколку работи: изработка на сосема нов закон за работните односи со кој тотално ќе се прекопачат, ќе се деградираат и ќе се искасапат работничките права при склучувањето, траењето и прекинувањето на работниот однос, а истовремено радикално ќе се либерализираат правата на работодавачите. Парадоксално е што сето тоа на најгруб, невиден начин ќе го покрене и ќе го спроведе токму социјалдемократската власт, зашто инаку нема да може да опстане под притисоците од надворешните фактори, т.е. од Брисел, кој од својата кукла на конец Зоран Заев немилосрдно ќе бара штедење, штедење и само штедење, стегање на ременот, смалување на јавната администрација, и пред се' далеку поконкурентни услови за продор на европскиот капитал во Македонија, а поконкурентни услови во таа смисла, меѓу другото, подразбира и што поевтина, т.е. послабо платена работна сила, и со што помали права.

 Во јавните дејности, следува одземање или битно намалување на практично сите здобиени права на вработените, како што се разни додатоци за стаж, за тешките работни услови, додатоци за храна и превоз, додатоци за прекувремена работа и др. А она, пак, што веќе е одземено, сигурно нема да се врати. Сите постојни услужни дејности, пак, во јавниот сектор (во школството, здравството, полицијата итн.), како што се чистењето, одржувањето на објектите, кујните во болниците и сл., сосема ќе се изземат оттаму и ќе се решаваат по пат на надворешна услуга, т.е. на тнр. аутсорсинг (outsourcing), односно во духот на слободниот пазарен натпревар ќе им се понудат на разни домашни и странски приватни претприемачи, што значи дека голем дел од сега вработените во јавниот сектор од тие наведени и низа други гранки на дејност, ќе се отпуштат, дел трајно ќе останат без работа, а останатите ќе бидат принудени да се вработуваат под сосема други, далеку понеповолни услови и со значително намалени права.

 Ова не е црна бајка. Тоа е цената на опстојувањето што оваа марионетска социјалдемократска влада ќе мора да и' ја плати на Европа доколку сака воопшто да се движи кон евро-клубот, особено со вака веќе национално и државно сосема спуштените и скинати гаќи. Она што досега во таа смисла е видено е навистина трагично со самоуривањето и самоуништувањето на социјалдемократските власти кои се соочија со сите тие проблеми, а притоа токму тие мораа да искажат најбрутален однос кон најзагрозените слоеви на населението, всушност, токму кон своите најверни членови и избирачи.

 Го имаме на дланка примерот на Хрватска, чија неолиберална „социјалдемократија” со Милановиќ на чело водеше неколкугодишна груба неправедна битка против сопствениот народ, и која, натпреварувајќи се со останатите да биде што попроевропска и посоцијалдемократско-неолиберална и затоа донесувајќи немилосрди закони, особено Законот за извршување, кој за само неколку години вештачки испродуцира 330.000 блокирани и осиромашени граѓани, со внатрешен долг по таа основа поголем од 45 милијарди куни (т.е. преку 6 милијади евра) и илјадници бескуќници и гладни, - заврши во хаос и внатрешно распаѓање, губење на изборите неколкупати едно-подруго, и конечно со голема вантрешна нерамнотежа, фракционерство, главно од кариеристички мотиви, губење и разочарување на членството и на симпатизерите, всушност во една состојба што уште долго ќе мора сериозно да ја преиспитува и да ја санира. Парадоксално е што новата хрватска власт со изразито десен предзнак, покажа многу поголем слух и социјална чувствителност кон најзагрозените слоеви, колку и тоа да е можеби само дел од дневно-политичкиот фолклор кој дури допрва ќе мора да ја потврди својата втемеленост и уверливост како цврст политички став.

 Македонските синдикати, еве, наеднаш се најдоа во зона на самракот што ја продуцира власта на Зоран Заев. Дојде редот и на нив. Ќе им биде тешко, и наспроти недвосмислено заедничкиот синдикален интерес ќе имаат меѓусебни разидувања и судири, потпалени и форсирани од власта. Некои од нив можеби и ќе згаснат или ќе се втопат со други доколку не се снајдат во таа политичко-интригантска врвулица. Во услови кога од другата страна на масата за социјален дијалог имаат бескупулозна марионетска влада што ќе се врти онака како што се врти малиот прст на Европа, ќе успеат да опстанат и ќе успеат во својата борба за правата на работниот човек само оние што ќе бидат цврсти, транспарентни и крајно доследно приврзани кон своите синдикални принципи, па и по цена на секоја жртва и страдање.

 Се разбира, ова што сега се случува во Сојузот на синдикатите на Македонија е само сондирање на теренот од страна на власта. Веројатно ништо длабоко радикално од горе наведените нешта нема да добие замав се' до локаните избори. Сериозната синдикална битка со себе самите и со оваа власт ќе започне дури по изборите.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани