Растрчаноста на Груевски последнава недела по медиуми на албански јазик, за да им каже на нашите сограѓани Албанци колку ги почитува и колку се грижел за нив, мене ми говори дека и податоците од истражувањата на јавното мнение што интерно ги прави ВМРО-ДПМНЕ – наспроти глупостите што ги објавуваат од некакви павелшатевски институти – сигурно им покажуваат дека коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ, таму каде што ќе ја направат, на овие локални избори уште во првиот круг ќе им пресуди на вмровските кандидати во етнички мешаните гласачки средини, а дека во оние места каде нема бројно албанско население, нивните изброени гласови сепак ќе отидат на контото на СДСМ.
ДПМНЕ се наоѓа во една класична политички шизофрена ситуација: пред своите етнички македонски гласачи, Албанците ги третира како Шиптари; а кога, предизборно, се обраќа до Албанците – како тие да живеат во некоја друга, изолирана јавност, со затнати уши и покриени очи за тоа кој, како и што зборува и прави за нив – сака да се прикаже како толерантна и прагматична партија за која, ете, не мора да се гласа, но барем да се воздржат од гласањето за СДСМ!
Груевски мисли дека ако тоа убаво, бавно, им го објасни на албанските телевизиски гледачи, тие правилно ќе сфатат дека нема ништо антиалбанско кај него и неговата партија во тоа што СДСМ на Македонците им го прикажува како етнички предавничка формација; што на изборите кандидира и такви ликови како хашкиот осуденик и воен злосторник Јохан Тарчуловски; што измените на Законот за јазиците го претставува како суден ден за македонизмот; што опасноста од мигрантите постојано ја блендира со тивка хистерија против муслиманите и сл.
Не знам што очекува Груевски од Албанците? Можеби треба да се обиде уште поспоро да им објаснува, како на интелектуално попречени лица во политичкиот развој, па така навистина некој од нив да му поверува? … Ј-а-а-а-с с-у-у-м Г-руе-е-е-в-ски и м-н-о-о-о-г-у ц-е-е-н-а-а-м Албан-ц-и-и-и…
ВМРО си е класична македонска националистичка партија – и во старата и во „новата ера“ – и во тоа не би требало да има ништо спорно. Што и да значи тоа за нивните разно-разни конзервативни, демохристијански или којзнае какви други вредносни и идеолошки определби, таму за едно никогаш немало големи дилеми – дека на Шиптарите се гледа како на „нужно зло“ на Балканот и дека за нив во Македонија секогаш ќе преферираат второкласен, а не рамноправен статус со Македонците. Тоа е тоа. За тоа ВМРО си добива одредена поддршка од Македонците, некогаш поголема, некогаш помала, зависно и од тоа колку крадат кога се на власт. Минатиот пат ептен многу претераа, па сега се во опозиција.
Според тоа, нема намера Грујо да убеди ниту еден Албанец да гласа за ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори. Тој само сака што повеќе да ги анестезира, да ги замелуши, да ги пасивизира, за што помалку од нив да излезат на гласање. Кога се Албанците во прашање, на Груевски ИЗЛЕЗНОСТА му е проблем, ништо повеќе и ништо помалку.
На локалните избори на потез ќе бидат албанските гласачи. За каква (локална) Македонија тие ќе одлучат да гласаат или, воопшто, да не гласаат.