ЦОБО ЕВРОПСКИ ШАМПИОН - Мотоциклизам: Ивчески е новиот Европски шампион, Бузалковски и Спиров - вицешампиони!
  Објавено на
share
MK МОТОЦИКЛИСТИ НА МЕЃУНАРОДНИ ТРКИ  

 

 Мотоциклизам: Ивчески е новиот Европски шампион, Бузалковски и Спиров - вицешампиони!

 

На патеката во Серез (Грција) заврши 12-та и последна трка од БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам, а Македонија доби еден шампион и двајца вицешампиони.

За разлика од саботните трки, вчерашните се одржаа на сува патека и по убаво време. 68 возачи од Македонија, Бугарија, Турција, Романија, Израел, Грција и Австрија учествуваа на 12-та и последна трка од БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам.Македонија беше претставувана од тројца возачи, во класата SP125 настапи нашиот Христијан Бузалковски - Бузо (МК Ендуро Тим - Водно Скопје), а во класата F1000 имавме двајца претставници, Слободан Ивчески - Цобо (МК Сакамото) и Игор Спиров - Зизи (МК Ендуро Тим - Водно Скопје).

 Во класата SP125 по вчерашната победа на Бузо генералниот пласман остана отворено прашање за тројцата претенденти, Милен Георгиев (Бугарија), Жулиета Ленкова (Бугарија) и нашиот Христијан Бузалковски. Мотоциклот на Ленкова откажа пред почетокот на трката, а откако нејзините механичари не успеаа да го запалат пред стартот, таа остана без пласман. Самата трка започна со водство на Бузалковски по стартот но Милен Георгиев успеа да дојде до првата позиција веќе во првиот круг и истата ја задржа до самиот крај. На крајот Бузалковски мораше да се задоволи со втората позиција, но тоа значеше и фантастично второ место во генералниот пласман во кој Милен Георгиев ја освои титулата. Дел од трките се бодуваа и за Бугарскиот национален шампионат, а таму Бузалковски беше неприкосновен.
За Бузалковски ова беше фантастична сезона, освојувањето на вицешампионската титула во БМУ Европскиот шампионат и шампионската во Бугарскиот национален шампионат за него ќе бидат од огромно значење за понатамошната кариера. Веќе за следната сезона Бузалковски планира да отиде чекор погоре и да си ги одмери силите во класата до 600ццм.
Во класата F1000 двајцата наши претставници беа во игра за челните позиции. Игор Спиров победи на саботната трка, а Ивчески доживеа пад но за среќа продлжи и финишираше на 10-та позиција. Распоредот на неделната трка кога како организатор се појавува Романската мото федерација се базира на најдоброто време од саботната трка, наместо според позицијата на крајот од трката. Така нашите возачи имаа изменет старт од она што беше првично најавено па Спиров стартуваше од петтата позиција, а Ивчески од шестата.
Веднаш по стартот нашите возачи ја завземаа првата и втората позиција во конкуренција на 24 возачи, но за жал не успеаа да ги сочуваат позициите до крајот. Спиров предводеше во првите 3 круга (од вкупно 12), а потоа водечката позиција да му ја препушти на Фуркан Идгу од Турција. Ивчески имаше неколку осцилации во позициите, па иако на моменти беше и на 10-та позиција, по половина од трката се фокусираше, возеше паметно до самиот крај и дојде до посакуваната титула во шампионатот. Спиров во втората половина од трката го попушти темпото и на крајот заврши на петтата позиција, која беше доволна за тој да стане вице шампион.
Нашите возачи не се искачија на пиедесталот на вчерашната трка, но во шампионатот се возат 12 трки, а на крајот од сезоната, Слободан Ивчески - Цобо беше прогласен за нов БМУ Европски шампион во брзински мотоциклизам, а Игор Спиров - Зизи стана вицешампион. Во Бугарскиот национален шампионат нашите возачи се со истиот успех, шампионаската титула за Цобо, вицешампионската за Зизи.
Беше ова долга сезона во која нашите возачи на најдобар можен начин покажаа дека имаме и тоа каков потенцијал за мотоциклизам.
Цобо е искусен возач кој нема намера да запре, Зизи премина од класата 600 во 1000 и со нов мотоцикл заврши на втората позиција, а Бузо возеше сезона во која покажа дека возачите ќе треба да стравуваат од него во иднина. Сега на ред се нашите компании кои треба да ги поддржат успесите на нашите возачи, но и надлежните во мото спортот да се ангажираат и да ги поведат работите во вистинската насока.
Нам ни треба македонски шампионат, ни треба тркачка патека!!!
 
 

 

 

 

 
 
 



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани