Сеќавања -Фељтон - Томислав Гошевски
Автор: Томислав Гошевски   Објавено на
share

 

Како против кармата изиграв нерешено во гости.

Само губење на време е да посакуваш нешто. Затоа што порано или подоцна нештото кое тебе те посакува, кое тебе ти припаѓа ќе дојде и ќе те потчукне по рамо. А ти, можеби е подобро да бидеш подготвен. 
-Бека Муди, Калифорникејшн С06Е04

Мики, кен ју пикчр дис. Еве ја сликата. Самрак. На рамна, прашлива, песочна површина наредени 4-5 осмоаголни дрвени маси. Околу секоја маса дрвена клупа, која се чини е споена со масата, ко да се едно. Почнувајки од првата, од гро план, па кон лево, малку косо, една зад друга полека се губат од кадар. Од десно, во позадина заградено со ограда и мрежа над неа, се гледа дел од некаква поголема правоаголна осветлена површина. Скоро да наликува на некаков кафез и некоја платформа внатре. Неколку ликови стојат до оградата, а неколку се внатре, ко фатени во движење. 
На првата, најблиската маса, на секоја од четитите страни седнати луѓе. Пред нив отворени лаптопи кои скоро да се допираат со страните од мониторите, а во средина помеѓу нив во форма налик на совршен квадрат, празен простор . Од лево, доаѓајки некаде од надвор од сликата, два долги кабли се провлекува низ песокот кон масата. Наликуваат на мутирани пустински змиишта. Од нив излегуваат други 3-4 помали кабли-змиички и се губат некаде под нозе на луѓето, под масата. 
Светлото од мониторите бледо ги осветлува ликовите на луѓето седнати пред нив. Ко млечната 25 ватна светилка над бебешко креветче. Ко Филипс млечната светилка што виси над мојата глава и креветот во имрпвизираната 2 на 2 соба во факинг аљаска шаторот во Авганистанскава пустина. Не е нај јасно, но ко сите ликови да имаат слушалки на главите. На по оддалечените маси се гледаат само силуети од луѓето, некои исправено стојат до масите. Светлото и целата околина ја прави сликата да изгледа по малку пост апокалиптична. Се наоколу делува помалку футуристички, ко да е кадар од Стар Ворс, сцена на планетата Татуин и ти секој миг очекуваш да се појават Артудиту и Трипио, или Чубака. 
Оваа фотографија сосема случајно влезе во мојот живот некаде околу мај 2008. Во тој период од мојот живот интензивно и упорно се обидував да добијам работа “оуверсис“ што би рекле колегите амери, во Авганистан или некаде во некој Поѓаволите-стан. Ја споделив фотографијата со Данче. Јас бев ко маѓепсан од неа. Не мислев на Данче, таа е лав ов мај лајф и животен сопатник и секако дека сум маѓепсан од неа. Фотографијата. Таа ми се моташе во глава, разговаравме за неа, за местото каде е сликана и за луѓето на неа. Во тоа време, оваа фотографија неизбришливо се врежа, ко истетовирана во моето сеќавање. Колку само пати ја гледав, ја анализирав. Си правев разни сценарија, од приказна во приказна се обидував да претпоставам што се случувало во моментот кога е направена фотографијата, кога на неа некој го сопрел времето.
Не знаев од каде точно е оваа фотографија, која е локацијата, само знаев дека е некаде во Авганистан. Претпоставував дека е Кандахар во прашање, за него имав слушнато најмногу. Не знаев ни кои се луѓето, ни што прават таму. Едноставно, барајќи информации околу Авганистан, ја најдов фотографијата на интернет и таа и се на неа тотално ме зароби. Колку само посакував да сум дел од таа фотографија. Колку само сакав да сум во Авганистан, да добијам работа и да ги тргнам од мојата глава маката да се преживее, црните мисли и секојдневните стресови. За стресовите кои ме чекаат во пустинава не ни размислував.
Фебруари 2010. Конечно во Авганистан. За патешествието и голготата низ која минав додека конечно не стигнав овде малку по касно. Првиот ден во Кандахар Ерфилд. База голема колку пола Скопје. Не одведоа да ја разгледаме околината, да купиме некои ситници , да најдеме начин да се јавиме дома. Имало “шопинг центар”, во централниот дел на базата наречен Боардвок. Правоаголно од сите четири страни наредени дваесетина-триесет контејнери и дрвени бараки. Има се, од разни џиџимиџарници, Пица Хат и Сабвеј, па до КФЦ,Фрајдејс и Грин Бинс. Само уште Седмица и Тренд фалеа. 
Седнав на најблиската дрвена маса, го извадив лаптопот, се конектирав на интернет и чекајќи го скајп да зазвони разгледав наоколу. Во слушалките ја слушнав Данче.
-“Еј...како си? Се е во ред?”
Праша таа загрижена, со треперлив глас.

-“Да...се е во ред. На вистинското место сум...конечно...”
Одговорив гледајќи ги луѓето со слушалките на глава седнати на масата крај мене.

-“Никогаш нема да погодиш од каде ти се јавувам...”
Таа беше тука, околу мене. Не можев да не ја препознаам. Мојата фотографија. Јас бев во неа.

Кога конечно тоа што толку многу го посакував, дојде и ме потчукна по рамо, јас бев подготвен. 
Моите мисли и настаните запишани и раскажани овде , во најголема мера се резултат на симбиоза помеѓу мојата упорност и кармата која маестрално најде начин и ме поврза со оваа фотографија. Јас едноставно не можев а да не бидам подготвен за се што ми се случуваше во периодот помеѓу Мај 2008 и денес во Скопје, Кувајт, Дубаи, Кандахар, ФОБ Апачи во Југоисточен Авганистан, Багдад, покрај Еуфрат околу сириско-ирачката граница, во Ербил, Курдистан и на некои чудни аеродроми како во Оман или понормални како во Хјустон и Чикаго. Друго ми беше муабетот....Како против кармата изиграв нерешено во гости.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани