Кај било мрсното - Членовите на ДИК за 18 месеци земале 30 плати - Машала!
  Објавено на
share

 

Членовите на ДИК за 18 месеци земале 30 плати 

Членовите на Државната изборна комисија за 18 месеци земале 30 плати. Од јуни минатата година до крајот на оваа, се почестиле со 12 плати бонус за работата која ја извршувале.

Три плати надоместок земале за изборите во април 2016-та кои не се одржаа, пет бонуси за предвремените парламентарни избори и четири плати бонус за локалните избори. Овие последните, под притисок на јавноста денеска решија или да ги вратат во буџетот или да ги донираат.

Меѓутоа ниту еден од членовите на Комисијата, пред камерите не изјави дека чувствува одговорност поради делењето на големи бонуси. Тие сметаат дека бонусите се законити и целосно оправдани.

„Моја лична изјава, не заради тоа што се чувствувам виновна за тие пари што ќе ги добијам од одлуката, ќе ги вратам на било кој начин, ќе ги донирам, или ќе ги вратам во буџетот“, смета Виолета Дума.

„Ние проценивме, можеби е висок, но, за воопшто да не бидам надоместен, јас навистина не се согласувам, бидејќи мојот труд не се цени“, додава Субхи Јакупи.

„Зарем нужно е потребно, таква дискредитација ако се сметало дека завршила нашата мисија? Подготвен сум ако треба да ја дадам и својата оставка ако има било каков чекор надвор од Изборниот законик“, вели Сашо Срцев.

„Тие ниту се пари добиени од злоупотреба, ниту се пари од оштетување на буџетот на Република Македонија, тоа се пари кои според членот 19 од Изборниот законик се предвидени за ангажманот, трудот кој што го вложуваат а со тоа и сложеноста на работните задачи кои што како членови на ДИК ги исполнуваме“, додава Атанас Урумов.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски истакна дека на место се критиките од страна на јавноста поради недоволната транспарентност на Комисијата во постапката за делење на надоместоци за изборите.

Тој вели дека се бара правна можност дали парите може да се вратат во буџетот или во спротивно ќе бидат донирани.

 „Во наредните денови ќе ги разгледам правните можности, надоместоците кои ми се исплатени, или треба да бидат исплатени, да ги вратам или во буџетот, или доколку не постои таква правна можност да ги донирам“, изјави Чичаковски.

Информацијата дека членовите на ДИК земаат големи бонуси ја обелодени амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли на предавањето кое го имаше пред студентите на факултетот за безбедност, а поврзано со корупцијата.

Откако неговата изјава беше пренесена од страна на медиумите, реагираше целокупната јавност во државата осудувајќи ги осуди постапките на членовите на ДИК.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани