НЕДЕЛА НА АРХЕОЛОГИЈАТА 4 , 11-15 ДЕКЕМВРИ 2017
  Објавено на
share

                                      НЕДЕЛА НА АРХЕОЛОГИЈАТА 4 , 11-15 ДЕКЕМВРИ 2017

             НУ Археолошки музеј на Македонија, од 11 до 15 Декември, оваа година по четврти пат ќе биде домаќин на  манифестацијата Недела на археологијата. Како и изминатите години  и овој пат 5 работни денови ќе бидат исполнети со настани отворени за јавноста.

           Во понеделник, 11 Декември, ученици од училиштето „11 Октомври“ од Скопје, ќе бидат вклучени во изработка на плакати за изложбата „Некогаш и сега“, а најдобриот од предлозите ќе биде прогласен за официјален плакат на оваа изложба чие отворање ќе биде  на 14 Декември, во 18 часот.

           Вторник, 12 Декември,  е отворен ден на музејот, со бесплатен влез за посетителите и можност да разговараат директно со кустосите археолози за сите теми поврзани со археологијата и музеологијата, како се пронаоѓаат предметите и што се случува додека тие станат  експонати изложени  во музејската поставка.

          13 Декември, среда, е ден во кој ќе се одржи Меѓународна археолошка конференција  „Неолитот во Македонија 3“, во организација на ЗГ„ Центар за истражување на праисторијата“,од Скопје. На конференцијата, домашни и странски археолози ќе ги претстават најновите резултати од истражувањата на неолитот на Балканот.                  

            Заложбите на Археолошкиот музеј да ги доближи своите поставки до сите посетители, во вистинска смисла на зборот, оваа година се вообличени во посебно осмислена програма за деца со оштетен вид, дополнета со тактилна изложба, подготвена за четврток, 14 Декември. Истиот ден, во 18 часот, ќе биде отворена изложбата „Некогаш и сега“ во која одбрани музејските артефакти од минатото се изложени заедно со предметите од ист вид од нашето секојдневие.

             Последниот ден, на 15 Декември, преку серија презентации, јавноста ќе има можност да се запознае со истражувачките проекти и изложби на Археолошкиот музеј реализирани оваа година, како и за учеството на кустосите на меѓународните научни конференции на кои ја претставуваат Република Македонија пред светската стручна и научна јавност.

             Содржините на „ Недела на археологија 4“ се збогатени со проекции на документарни филмови за археологијата и настап на хорот „Артизан“ со музика од минатите времиња.

            Ве покануваме да го посетите музејот во нашата „Недела на археологијата 4 “.

 

 ПРОГРАМА 

 Понеделник  11.12.2017 година 

·         12 часот 

Детска работилница: изработка на плакат за изложба под наслов ,,Некогаш и сега’’

·         15 часот

Археолошко  кино : проекција на документарен филм

   Вторник       12.12.2017 година 

·         Од  10 до 17 часот 

Отворен  ден на археологијата: слободен влез за посетителите и можност преку разговори со кустосите да се запознаат со археологијата како наука, со музеологијата и секој од предметите во археолошката поставка 

·         15 часот

Археолошко  кино : проекција на документарен  филм 

Среда     13.12.2017   

·         Од 09 – 19 часот

Меѓународна археолошка конференција  „Неолитот во Македонија 3“, во организација на ЗГ„ Центар за истражување на праисторијата“,од Скопје. На конференцијата, домашни и странски археолози ќе ги претстават најновите резултати од истражувањата на неолитот на Балканот.

·         Промоција на зборникот „Неолитот во Македонија“- уредници Љубо Фиданоски и Гоце Наумов

·         Промоција на монографијата „Grncarica: contribution to Early Neolithic puzzle in the Balkans“ на Дарко Стојановски 

Четврток     14.12.2017 година 

·         13 часот

Посета на децата со оштетен вид од  „Државно училиште за деца и младинци со оштетен вид Димитар Влахов – Скопје“: преку специјално подготвена програма и тактилна изложба, децата ќе имаат можност да се запознаат со музејски предмети, а потоа да ја изкажат својата креативност и наученото во врска со археологијата преку моделирање во глина. 

·         18 часот

Презентација на плакатите од детската работилница и промоција на победничкиот плакат

·         18:30 часот

Отварање на изложбата ,,Некогаш и сега’’: презентација на археолошки и современи предмети како: чаши, чинии, огледала, чешли, печати, играчки, накит и сл. според кои децата ги изработуваа плакатите 

·         19 часот

Музика од минатото, концерт на хорот „Артизан“  со изведба на средновековна музика

·         Од 18 до 19 часот

Коктел 

Петок     15.12.2017 година 

·         Од 11 часот до 13 часот

Презентации на археолозите од НУ Археолошки музеј на Македонија за овогодишните реализирани проекти

 ·         13:30 часот  до 15:30 часот

Презентации на вработените од НУ Археолошки музеј на Македонија за учествата на симпозиуми, научни конференции, едукации и обуки

·         15:30 часот

Археолошко  кино : проекција на документарен  филм

 

 

 

 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани