Фељтон дел 3 - Ама ова му се случува на некој друг - Томислав Гошевски
Автор: Томислав Гошевски   Објавено на
share

Моите мисли и настаните запишани и раскажани од прво лице овде , во најголема мера се резултат на симбиоза помеѓу мојата упорност и кармата која маестрално најде начин и ме фрли во канџите на суровиот свет на цивилните контрактори кои (making other people happy) си го уништуваат својот живот по белосветските воени зони. Јас едноставно не можев а да не бидам подготвен за се што ми се случуваше во периодот помеѓу Мај 2008 и денес во Скопје, Кувајт, Дубаи, Кандахар, ФОБ Апачи во Југоисточен Авганистан, Багдад, покрај Еуфрат околу сириско-ирачката граница, во Ербил, Курдистан и на некои чудни аеродроми како во Оман или понормални како во Хјустон и Чикаго. Друго ми беше муабетот....

Како против кармата изиграв нерешено во гости

 

3. Ама… се ова му се случува на некој друг

 

Замисли Кирил и Методиј да се откажеле од своето дело пред да го завршат. Замисли Александар Македонски да живеел уште 20 години. Замисли да не успеала Француската револуција. Замисли диносаурусите да преживеале. Замисли да не му успеел дизајнот на човекот кој бил талентиран, способен...генијалец. Толку талентиран за  да направи производ кој ќе е познат и препознатлив од Исланд до Кејптаун и од Окинава до Манитоба.

 Замисли да направиш  производ чија популарност нема рок на траење и производ кој го знаат и децата од Сомалија и бандите од Бруклин и Москва. Производ кој го носи твоето име и е толку познат што кога некој сака да го употреби твоето име за тебе мора дополнително да појасни дека мисли на авторот, а не на производот. А твојот производ, твојот бренд  да биде таков да може и да убие  милиони луѓе.  АК 47- Калашников. Што ли имал во глава човекот со чие "чедо" се убиени милиони луѓе? Дали жали заради своето дело? Замисли Михаил Калашников да се откажал од своето дело пред да го заврши. 

Што дали сум добар? Добар сум...мислам дека сум добар. Моја блиска и драга личност читајки некои од моиве писанија ми вели...“ Море, ме наежи со пишаното...со се што си поминал“ И велам......“ Не што се сум поминал...туку како сум перципирал. Точно, имам некоја километража позади себе, не којзнае колку голема, ама тие километри сум ги возел по лоши патишта...“ А тоа што сум го поминал, веројатно си повлеквит некогаш да сум Доктор Џекил, некогаш Мистер Хајд...ама па….коа ќе размислам подобро... нобадис прфект, нели?

Каква е корелацијата меѓу легитимните и скоро философски прашања на тема “ замисли“(кај ми се ленонките?) и “што би било кога би било“ од една страна и АК 47,  да не речам калашот од друга? Па офкорс...Авганистан. Се фатив себе во таква мисла пред некој ден кога на стотина метри од мојата кацеларија слетаа два болнички блек хока да ги евакуираат ранетите војници. Тројца мртви и тројца ранети на фудбалско игралиште.  И тоа од френдли фајар...или ти-ќе-му-дадеш-униформа-и- пушка-и-ќе-гораниш-а-талибанците-ќе-му-ги-киднапираат-децата-и-за-да-не-ги-убијат-ќе-мора-да-направи-самоубиствен-напад-и-да-убие-што-повеќе-непријателски-војници.  Секако дека потоа талибаците ќе му ги убијат и децата и цела фамилија. А... кога ќе ми текне дека и ние знаевме да се заиграме на тоа игралиште, знам дека уште пет влакна на мојата глава перманентно менуваат клубски бои и побелуваат. Што карма? Па ...се некако ми се чини дека со неа извлекувам “бод у гости“...куј знае... Него...друго ми беше муабетот...

 

Мики...Авганистан е необично и чудно место. Место каде многу лесно може да ти се случи на колегата Мухамед да му кажеш дека си Македонец...а тој ќе те погледни со светло сините очи и ќе ти каже ...“...и јас сум Македонец...“ и ќе ти покаже кон блиската 2300 години стара тврдина на Александар Македонски. Најопасното парче земја на планетава, каде може со месеци ништо да не се случи, а во миг, во секунда се да заврши. Се е вообичаено и нормално, се додека една вечер група талибанци не успее да влезе во базата преку оградата и ти ќе завршиш цела ноќ во бункер, цврсто стискајки го малото ноже во десната рака и мобилниот во левата. За да можеш последен пат да се јавиш дома ако веќе навистина дојде крајот.

Мене одамна ми е јасно дека и несакајќи се навикнав на ова. Луѓе, настани, Талибанци, локации, гранати, хеликоптери, крвави стекови, безалкохолно пиво, прашина, змиишта и носталгија ми се измииксаа во глава и ме обзема филинг као да сум го живеел ова сто години. И кога ќе се навикнеш...се опушташ до толку, па дури и додека си поврзан дома преку скајп и гледаш утакмица од Лига на Шампиони, никако не прекинуваш дури ни кога ќе чуеш пукање на оградата од базата. Се разбира дека почнуваш да крчиш со уста, правиш разни звуци и го прекинуваш скајп муабетот секогаш кога женати ќе те праша да му позајмите пари на вујко и. Него...друго ми беше муабетот...

Човек се навикнува на се. Само цената на тоа е различна. И без да знаеш, влегуваш во машина и продолжуваш да функционираш во ритам, ко клип на стара добро одржувана и разработена дизел машина со таман поминати километри и навреме сменето уље .

Ти така мислиш. Се изгледа ок, ритамот те држи…те вози, одработуваш такт, ама битажата не ти е ок, ти бега. Од време на време се фаќаш за пичот, сакаш да го прилагодиш ритамот на нашиот седум осмински, јужњачки, врел и полн со емоции такт. Да, од прва се изгледа ок, само отпосле, кога ќе се замислиш, кога ќе се загледаш во својот одраз во пукнатото огледало ги приметуваш  гребаниците врз твојата душа и модриците распослани преку твоите чувства.

Од време на време денот, животот, кармата ќе те плесне во фаца како во холивудски класик од шеесетите кога цурата изнервирана од дрскоста на главниот јунак му истура во фаца чаша виски он д рокс. И ти веднаш знаеш дека таа всушност него го лајкнала од старт, ама мора да покаже малку став и пркос. Колку да ја направи приказната малку по фанки, колку да се случува нешто, да има малку тензија. Така, и ти знаеш дека кармата, животот е секогаш на твоја страна, само понекогаш сака да те шлапне во фаца, само колку да те шокира, и да те држи на штрек за да не претераш во уживање во убавините.

Ти тоа го не го забележуваш се додека не се најдеш во ситуации као моите, на пример, кога ќе чуеш дека синоќа некој решил да излезе од машината, да го прекине својот ритам . Капетанот кој до вчера си го гледал во ред пред дифек, или како игра баскет три на три, едноставно решил да стави точка на својата приказна. После телефонски повик од дома, и веста дека дефинитивно неговиот брак се распаднал и жена му ги земала децата и кредитните картички и го напуштила, човекот решил дека му е доволно од се и позади пералните кај што редовно фаќавме дебела сенка, ја скратил својата приказната.

Ама се ова му се случува на некој друг. И ти си продолжуваш така, иако ќе чуеш дека граната синоќа погодила контејнер со купатила и  тушеви и за среќа не есплодирала. Само... скоро да му ја откинала раката на Амерот кој во тоа време се туширал. Дупката на контејнерот е закрпена, а јас  ја гледам на секое одење во Кандахар. Колку за потсетување. Или додека ти вечераш,  на двеста метри од тебе млада Кенијка за време на напад се враќала од работа си мислела дека нападот е далеку. Ко сите ние секогаш што си мислиме. Кармата имала друг план. РПГ-то паднало на 5-6 метра од неа и не експлдирало. За нејзина несреќа, рикоширало и ја погодило право во стомак. После собиравме парична помош за нејзиниот погреб. Штета. Дваесетгодишна девојка.

Или кога во базата ќе довлечат шлепер натоварен со остатоци од срушен хеликоптер, а ти го гледаш кршот, купот згужван и подизгорен метал и знаеш дека некоја мајка, ќерка, сестра или жена во Висконсин или Тенеси ја добиле најлошата вест. Вест која никој никогаш не треба да ја слушне. А кармата е секогаш на твоја страна…некогаш со помалку некогаш со повеќе модрици.

 Ама се ова му се случува на некој друг. Секогаш си со таа мисла. Исто ко што сообраќајките во Скопје секогаш  му се случуваат на некој друг. Никогаш не можеш да знаеш дали  аутото што доаѓа кон тебе додека преминуваш на пешачки кај Рекорд ќе застане или не, ќе те удри или не. Исто е и со гранатата. Него...друго ми беше муабетот...




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани