Фељтон 4. Другарка ми ЕДНА - пишува Томислав Гошевски
Автор: Томислав Гошевски   Објавено на
share

 

Моите мисли и настаните запишани и раскажани од прво лице овде , во најголема мера се резултат на симбиоза помеѓу мојата упорност и кармата која маестрално најде начин и ме фрли во канџите на суровиот свет на цивилните контрактори кои (making other people happy) си го уништуваат својот живот по белосветските воени зони. Јас едноставно не можев а да не бидам подготвен за се што ми се случуваше во периодот помеѓу Мај 2008 и денес во Скопје, Кувајт, Дубаи, Кандахар, ФОБ Апачи во Југоисточен Авганистан, Багдад, покрај Еуфрат околу сириско-ирачката граница, во Ербил, Курдистан и на некои чудни аеродроми како во Оман или понормални како во Хјустон и Чикаго. Друго ми беше муабетот....

Како против кармата изиграв нерешено во гости.  

4. Другарка ми ЕДНА 

Кој каков е? А...ок... сакаш социолошко-психолошки профил на просечен “контрактор“? Па мики,  нашинец “контрактор“ ти е многу чудно и ретко животинче. Па скоро како  новинар во Македонија без свој њуз портал, наша телевизија без турско-индиско-шпанска серија или скопјанец кој не платил казна за паркирање во Охрид.  Малку не има и мнозинството од нас се  хронично гастро-ентеро измачени (од крвавиот стек и лутиот табаско сос или индиското кари) и психосоматски дегенерирани и девастирани (нешто од гранати и змиишта нешто од стресниот и исцрпувачки онлајн  шопинг по Амазон и И беј). Ама затоа имаме свој личен банкар и курсот на доларот секогаш ние е на тикер на Ајфонот(кој е поскап од Голф 3) или на десктопот од најновиот макбук или ајпед. И секако... веќе не го лижеме капачето кога ќе отвориме нова тегла  Нутела (пошто Еуро крем е многу мејнстрим).

Контрактор е малку необичен  егземплар на човечкиот род. На пример,  контрактор кој држи до себе обавезно поседува најмалку два дреса. Еден од тимот од НБА, НФЛ или НХЛ за кој навива некој негов шеф американец и еден од некоја македонска репрезентација, по можност со апликација со сонцето од Кутлеш (никако Вергина).  Секако...мачниот живот на страствен пушач кој е присилен да живее во ограничен простор каде пушењето е забрането скоро како влез во кавадаречка дискотека за неготинчани, ќе те истренира да можеш да пронајдеш скришно место за пушење побрзо и поспретно од што просечен варошанец ќе го најде крстот во охридсконо езеро за Водици.

Е, такви сме. Многумина не не сакаат премногу, освен кога им треба позајмица за крштевката или за регистрација на аутото. Многумина ни завидуваат иако никогаш нема да разберат колку е тешко кога ќе пропуштиш неколку родендени на синчето или  поаѓањето во прво одделение на ќерќичката, колку е “забавно“ кога место будилник те буди аларм за гранатирање, или како  е да спиеш 4-5 години во шатор полн со граѓани од земјите од “третиот свет“ и понекоја отровница од чие каснување се умира за 12 секунди.

Како се најдов јас во оваа приказна? Види сега...Јас сум имал неколку ситуации во живот, од кои би можело да излезе сценарио за добар трилер, да не речам драма или краток документарец. Затоа и нормално ми е да кога треба да се обезбеди семејството…ќе работам се и сешто, но метр уат. Така и таксирањето во еден период во животов  ми беше занимање кое поштено си го работев. Иако имав едно две-три сообраќајки, искршени глави и аута и поминав неколку дена по болници заради тоа, ама јеби га...на секој може да му се случи, посебно ако не е спремен да вози со вклучен мултитаскинг. Како што е мултитаскинг?

Па мики, знаеш...тоа ти е способност да возиш безбедно, а во исто време  да  ја чекираш малата со миничот и со нозе ко солунски столбови на тротоар десно, ја скенираш комплет двострано, ја меморираш за после да можеш што посликовито, као летниот распуст 1977 што го опишуваше на писмена по Македонски,  да му ја опишеш на другар ти, од лево го проверуеш “најновиот” билборд што останал од ланските избори и сочно го пцуеш ликот пошто си гласал за него а он изгубил, а во исто време праиш муабет на мобилен со другар ти за последната пијанка на која не си отишол заради ЕДНА. 

Како која една? Па онаа познатата душманка на секој поштен скопски фраер, маж, домаќин и посветен спортски работник, т.е. играч на спортска....ЕДНА ти е најголемиот непријател на сите кладионичари, а најголем пријател на сите газди на кладилници. Многу битен елемент на социолошко-џаболебарскиот момент кладилница и легендарното…”ме заеба само ЕДНА”. 

Мики, најважната споредна работа во Македонија, кладењето ти е збир на општествено коцкарски активности поврзани со целодневно зевање во билтен или телетекст, нарочито за викенди, а проследено со финансиска загуба на пари, и материјални добра. Прво, и многу често присутно, заборавање на дел од гардеробата, како чадор, јакна, џемпер или кеси од Веро, Тинекс и Кам Маркет во кладилница. Следствено на ова, а специфично за Аеродром и Лисиче, субјект на губење/заборавање е адидас тренерка-ГОРНА. Кладење има значајно влијание во социолошко-фамилијарни односи во наши семејства. Посебно коа елементот ЕДНА ќе стапи на сцена. Тогаш материјалното (дал столица, дал прозор) најебуе и се претвара во филозофско прашање (кај ли да најдам пари за поправка/нов прозор). 

ЕДНА, исто така влијае и на редовено извршување на брачни обврски. И во двата случаја, кога е присутна а и кога не е во прашање, т.е. коа ја нема. Кога имаме влијание од “ЕДНА”, доаѓа до гореспоменатите нус појави (финансиско-материјално-филозфски) што предизвикува настануење на принудна сексуална апстиненција под влијание на психолошко-физичка состојба на госпшжата наречена ЉУТА. Истата кај скопјани може да се сретне и дообјаснета со познатиот турцизам- ИФРИТ. Значи...имат снемано секс. Ова главно настанува кога машкиот партнер е тој кој е субјект под влијание на ЕДНА, а женскиот партнер е ИФРИТ ЉУТА. Во такви околности до извршување на сексуални активности не доаѓа ни под разно. Не помага ни промис за ванредно целомесечно усисавање на прашина и три пати прекуредно носење на аутото на перење. Во случај кога женскиот партнер е оној кој ги заборавил тренерката и кесите во кладилница, и подпаднал под влијание на ЕДНА (Боже прости ми), немаме сексуална апстиненција, т.е. на машкиот партнер не му пречи финансиско-материјално-филозфскиот момент од кладењето и загубата, и истиот е секогаш спремен да извршување брачни должности (не се мисли на изнесување на ѓубрето). Секогаш и во секоја прилика. Со или без госпожата. Купете и цвеќе на саканата особа, само никако не ја заборавајте сопругата...ти текнуе?

Немаме извршување на брачни должости, да не речам секс и во случај да ЕДНА од кладионица не е присутна т.е. настанува ситуацијата позната како “фатив ливче” и доаѓа до значаен финансиски инпут во домашниот буџет. Тука имаме ситуација на друг момент исто така наречен ЕДНА, ама во сосема  друг контекст, со малку модифицирано значење. Машкиот партнер пристапува кон прослава со најбољи другар преку социолошко-алкохолната  општествена  активност наречена ...”На по ЕДНА”. Во зависност од место на живеење оваа активност се одвива  или пред гранапче, или пред кооперација, а многу често и во било која биртија, по можност најблиската, а трае се додека има од жутата, или додека не дојде време за дератизација и дезинсекција на локалот. И се така до следно коло, или до излегување на следна допуна на билтен.  И тоа по автоматизам си повлекуе дека како и да е ти си во финансиска загуба, да не речам була, или по нашки немаш вода у очи и затоа си ја пропуштил пијанката што беше спомната погоре.  

Се разбира дека секој нормален(колку и да ова звучи чудно) “контрактор“ веќе не игра спортска. Кладилниците ги посетува од чисто спортски побуди. За да им фаќа сеир на комшиите кога промашуваат само за ЕДНА. Е да...истиот својот нов Голф 7 секогаш го паркира на тротоар пред комшијата а гаражата ја користи за чување стар мебел.

Што? За возењето? Не, јас си возев со вклучен  мултитаскинг...стално возам така. Само во тие 2-3 ситуации фраерите што удираа во мене го имаа исклучено. Јебига, некад и карма из а бич...али ја ќе си рачунам дека извадив бод у гости, да не речам нула у нула. Него, друго ми беше муабетот....

 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани