НАДВОРЕШЕН ПРОТИВ ВНАТРЕШЕН НАРАТИВ (Петар Котевски)
  Објавено на
share

НАДВОРЕШЕН ПРОТИВ ВНАТРЕШЕН НАРАТИВ

(Петар Котевски) 

 

Додека луѓето да се соземат и да сфатат колку беа изманипулирани од партијата СДСМ во минатите 4 години, додека неколкуте гласни критичари на расипаната политичка каста во Македонија да достигнат да реагираат на лавината предавства што се случуваат секојдневно - агендата на насилно инсталираната власт во Македонија се одвива без поголем застој.

Нивната агенда се одвива на два целосно подвоени фронта - внатрешен (за во Македонија) и надворешен (за меџународната).

На домашен терен, целокупната расипана политичка каста, нејзините сателити во редовите на интелектуалците-административци, аналитичари и „познати“ личности глумат епска драма на борба помеѓу доброто и злото, каде од „револуционери“ фрчат „критики“ за новата власт (без да се дискутира нејзината нелегитимност), понекој празноглавец се жртвува на олтарот на јавниот срам (како оној игнорамус Сашо Тасевски) и на телевизија се „соочуваат оштроумници“. Народот се забавува, и во налетот од фејсбук коментари, шерови и лајкови секој добива чувство дека се ангажира за „нешто да помогне“.

Додека публиката е толку ефикасно забавувана, во позадина си тече агендата за распродавање на националните интереси без никаков застој.

На меѓународен терен, на секој разумен странец му изгледа неприродно она што се бара од Македонија да си го направи самата на себе. Но тука е претставата уште подобро режирана. Се гради внимателно конструиран наратив дека во Македонија „се подобрува расположението за преземање храбри чекори кон интеграција“. На кој начин?

Па, гледано однадвор, Собранието работи легално. Имало таму некаков инцидент на 27 Април, но судовите го процесуираат а надлежните веќе уапсиле осомничени. Законот за јазици поминал со комфорно мнозинство во парламентот. Опозицијата има примедби кон законите, но генерално сака да игра конструктивна улога и не се меша во работата на власта.
Министерот за надворешни работи на секој свој настап ја повторува подготвеноста на Македонија за конечно да се отстрани секој “камен на сопнување“ за иднината на државата.
Министерката за одбрана поканува претставници на НАТО за да се уверат самите за позитивната атмосфера во државата. Нивните претставници ќе зборуваат пред полн парламент (партијата ВМРО ДПМНЕ ќе се погрижи да биде присутна, за да не се чуе надвор дека имало некаков проблем).
Спогодбата со Бугарија беше без проблеми или инциденти ратификувана во парламентот.

Накратко, за секој кој не живее во Македонија, не бил жртва на специјална војна во минатите 4 години, и не се задоволува со малодушни ситења од тип „види што му рече Петко на Митко“ - му изгледа дека во Македонија се е во ред, дека граѓаните сами се подготвуваат да си изберат ново име и идентитет, и дека сами одлучиле да си го остават глупавото минато позади себе и да зачекорат гордо во иднината.

Откако насилно инсталираната власт ќе распродаде се што имаме, чудно ќе не гледаат кога ќе прашаме зошто „меџународната“ тоа го дозволила.

Ќе не прашаат со неверување: „Па нели сами сакавте?“

Изгледа сакаме.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани