Фељтон дел 5 - А која е цената? - Томислав Гошевски
Автор: Томислав Гошевски   Објавено на
share

 Моите мисли и настаните запишани и раскажани од прво лице овде , во најголема мера се резултат на симбиоза помеѓу мојата упорност и кармата која маестрално најде начин и ме фрли во канџите на суровиот свет на цивилните контрактори кои (making other people happy) си го уништуваат својот живот по белосветските воени зони. Јас едноставно не можев а да не бидам подготвен за се што ми се случуваше во периодот помеѓу Мај 2008 и денес во Скопје, Кувајт, Дубаи, Кандахар, ФОБ Апачи во Југоисточен Авганистан, Багдад, покрај Еуфрат околу сириско-ирачката граница, во Ербил, Курдистан и на некои чудни аеродроми како во Оман или понормални како во Хјустон и Чикаго. Друго ми беше муабетот....

Како против кармата изиграв нерешено во гости

 

5. А која е цената?

 

ФОБ Апачи – мојот дом 46 месеци. Егзотично парче пустина големо колку 2-3 фудбалски игралишта, заградено со четириметарски зидови и каде(кога Мерал е расположен) можеш да јадеш највкусен босански бурек со месо(никако пред босанец немој да спомнеш бурек со сирење-не постои поголема навреда кон бурекот) и каде не ти треба будилник.

Не, не ти треба будилник, те будат хеликоптери или во полош случај … БУУУМ …“Рокет атак, рокет атак…рокет атак…” Ти стануваш лупајќи ја со глава светилката што ти виси над кревет и пцуеш се живо и си викаш “ Доста ми е од ова, утре давам отказ и си одам дома“. Барајќи го прекидачот да запалиш светло ја истураш лименката Фанта точно во левата чизма. Освен  чизмата, најчеста жртва во вакви ситуации е твојот лаптоп кој се крши дефинитивно и неповратно затоа што синоќа гледајки “цртани филмови” со хепи енд (и тоа упорно и до крај за да видиш дали младите на крај ќе се земат)  си заспал со него во кревет. Кога ќе се заврши узбуната си викаш “…значи кој фраер сум јас…. мала криза одма гомна да се јадело…пих…отказ…како не…седи си тука…глупчо…земи си уште некоја платичка…” Него...друго ми беше муабетот...

“This is not a drill…I repeat… This is not a drill…there is an active shooter on the base…. I repeat… there is an active shooter on the base….” – трешти од големите звучки низ цела база.

Го мразам разгласот. Го мразам тој глас. Да…дефинитивно го мразам и почнав да добивам психосоматски реакции кога ќе го слушнам. Не знам дали сакам да го запознаам човекот, да му го видам изразот на лицето кога ќе му кажам дека ми доаѓа да излезам од сопственава кожа кога ќе го чујам. Веројатно за него се ова е само дел од работата. Да, тоа можам да го разберам, но знае ли тој дека на секое негово притискање на копчето “он” на микрофонот јас добивам нагон за повраќање и две нови брчки се појавуваат на моето чело.

Претерувам? Нееее...никако...Во вакви ситуации те обземаат микст имоушнс.  Стрес скоро ко оној кога три дена по ред мораш да се возиш во приФатна диветнајска до Шутка и назад за време на скопски шпиц...и неизмерна среќа...или кармата била на твоја страна, па не си бил првиот на кој налетал самоубиецот со пушка кој трча низ база и бара жртви. Не, не е вежба. Навистина во базата има човек со пушка во рака кој иако не те познава  и нема никаква лична причина, сака да те убие. Иако нема поима дека ти имаш фамилија и сакаш пак да ги видиш. Него не го интересира што ти уште еднаш сакаш да го гледаш син ти како игра кошарка и полека прераснува во вистински кошаркар, здрав прав талентиран млад човек. Тој не знае дека уште еднаш сакаш да ја гушнеш саканата, твојата судбина и животна сопатничка или да отидеш во шопинг или на куглање со својата мала принцеза која веќе станала девојка, прекрасна млада дама.

Кога е вежба во прашање, ги мразиш сите затоа што мораш да одиш во бункер, а надвор е 60 степени во сенка. А кога е навистина, кога имаш непријател со пушка во базата и кој пука по секој кого ќе го види, тогаш најмногу на свет би сакал да се работи за вежба. Хау ду ју фил абаут ит? Би те прашала бланширана и искварцана висока и згодна новинарка од CNN, која како лешинар чека да види дали ке се расплачеш, за да приказната биде поавтентична.

А како да се чуствувам , мики? Каде по ѓаволите сум јас? Најцрни мисли ми се мотаат по глава? Авганистан е зверот шо ме чека зад некоја кривина со отворена уста за да ме лапне. ММЕ, човек е чудна животиња и на се се навикнуе. За овие години се навикнав на многу необични и страшни ситуации. Научив да живеам и со гранатирање, со рокет атак. За  првите 24 дена во Кандахар, имав преку дваесет напади, по некогаш и 2-3 дневно, некои и секој ден во исто време. Во даденото време, ние земавме кафе и сокче и точно пред да се огласат сирените одевме во бункер. Покасно, само си продолжувавме со кафето, каде и да бевме, и не реагиравме воопшто. Како да не не засега нас. Ко да не сме во најопасната земја на светот, на најгранатираното место кое го нарекуваат Рокет Сити.

На пешеесе метри од мојата канцеларија, малку на запад, југо-запад поточно, се наоѓа оградата од комшиската ни Авганистанска касарна со типично Америчко име-Игл. Ко што ние си го сакаме Шарпланинецот(кој пак сите сакаат да ни го земат) така и Америте си го ценат орелот и нема-нема, оп ќе наречат некое местенце по него. Добро звучи…Игл бејз. До душа они и Шварци си го сакаат и респектираат, па имаат овде една база наречено Терминатор, и Индијанците си ги ценат  па така мојава база ја нарекле Апачи, али тоа е друга прича. Да се вратам на комшиите.

Игл бејз и комшиите. Едно време редовно одев таму. Понекогаш и секој ден бар еднаш. Со цистерната пуневме некои генератори. Или на секој 3-4 дена одев надвор да проверам дали ни дошла цистерна со гориво, за дополнување на резервите. Така само додека бев гуштер овде и немав поим што се случува надвор од зидовиве. И се додека не видов уапсен талибанец и неколку ранети авганистански војници како висат од еден Тојота пикап. Тогаш малку се замислив. Него... друго ми беше муабетот…

Од мојава канцеларија го гледам грејвјардот на возила кај комшииве во Игл. Можда ги има стотина. Од секаков вид. Камиони мали, камиони големи, хамвија, најмногу пикапи. Изгледаат ко Хулк да ги згужвал и акнал од земја. Некогаш си мислам…којзнае колку луѓе изгинале во возилава. И зошто? Првото такво возило разнесено од импровизирана експлозивна направа(“ај и ди” ко што ги викаат Америве) видов пред 3 години. И тоа кај нас, во базава. Беа донесени две Тојоти-џипови што налетале на нагазни мини во околина на базава. Ги гледав Тојотите секој ден. Доаѓаа кај нас по гориво. Ги полневме секој ден. Ги користеа цивили, Амери главно. Работеа луѓето како тренери на локалната полиција.

Зошто? Ту супорт деир фемилис, ко што сите контрактори велат кога барат изговор заради што се во Авганистан. Еден од нив беше дечко на некои триесетина години, бивш војник. Крупен..набилдан. Го среќавав скоро секој ден во теретана. Вежбаше…одржуваше форма. Имаше убава тетоважа на левата рака. Целата рака му беше истетовирана во боја. Некакво стилизирано сонце, некој оган…јеби га. Не му го знаев името…Ретко  овде прашуеш име…не е битно, најчесто користиш кол сајн…Секјурити ту, оперејшнс уан, фјулс ту(мојот кол сајн он  д рејдио). Контрактор си и тоа е.

Ми кажаа дека во белата Тојота загинал дечкото со тетоважата. На полски пат  налетале на противтенковска нагазна мина. Со него биле двајца локални полицајци. Противтенковска може тенк од 20 тона да оштети драстично. Тојотата беше распарчена. Сите тројца мртви на место. И…сега…Вакви работи те оставаат без текст. Вчера човекот беше во теретана. Трчаше, работеше трбушни или бенч. Чекаше ред за ручек пред мене. Не знам дали беше женет…дали имаше деца. Обично разговараш некои смол токс муабети, као за кого навијаш во баскет, кој игра во финале на Исток…колку најмногу си дигнал на бенч или… пак во кујна донеле од сладоледот што го немаше цел месец. Лични работи не се прашуваат. Никој нема време за лични работи. Него...друго ми беше муабетот…

Го нашле позади неговата куќарка. Литванците, специјалци…ги има неколку десетина овде. Биле во патрола и го нашле мртов, крвнички искасапен. Не можам да пишувам за деталите кои ми ги кажаа. Мираџудин, Авганистанец од околинава. Работеше во кујна, чистеше изнесуваше ѓубре. Неколку години така…ту супорт хиз фемили. Секоаш насмеан, поздравуваше секого. На неговите комшии, талибанците им пречело што работи за Америте. Можам да замислам каква порака добиле останатите Авгани кои работат тука со нас.

Секој од нас е овде ту супорт хиз фемили. А која е цената, прашал ли некој?

 Имам една слика, како за документи, обично ја користам за кога аплицирам за виза кога одам на одмор накај Дубаи и накај дома. Се сликавме со Лаки цимерот во Кувајт, пред скоро 4 години. Ни бараа слики за некои беџеви додека бевме на процесинг во Кувајт, на пат за Авганистан. Пред некој ден некој од колегиве ја виде сликата и се запрепасти. Ми вели... “...човеку…си видел ли на сликава колку ти е црна косата?“  Се погледнав во огледало и ја погледнав сликата. Види...навистина, лузните од мојава душа се појавиле на мојата глава…сум побелел во косава. Обично поискусните контрактори ќе ти кажат…”Една година во Авганистан е исто како 4 години поминати дома.” Толку побрзо се старее овде. Него...друго ми беше муабетот...

Многумина нас контракторите не споредуваат со “кучиња на војната“ и поробувачи на напатениот Авганистански народ иако ние само менуваме филтри на климите, работиме по канцеларии  или печеме плескавици. Повеќето од нас одамна веќе  не се ни обидуваме  да објаснуваме  дека  сме отишле на крајот на светот со главата во торба само колку да се обидеме на децата да им обезбедиме подобра иднина. Цената за тоа ја знаеме само ние и нашите најблиски. Мислењето на останатите не ни е важно.

 

 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани