ДЕМОКРАТИЈА ЗА ИДИОТИ
Автор: Петар Котевски   Објавено на
share

 ДЕМОКРАТИЈА ЗА ИДИОТИ

Сабајлево во колата, слушам некој полуписмен идиот на Македонско Радио како се обидува низ петни жили да ја забавува слушачката публика (која најверојатно се состоеше од мене и од некој слично залутан по етерот).

Во тие 2-3 минути тирада, човекот ми ги наслика во вивидни бои сите проблеми во Македонија. Со резигнација потврди дека Черчил бил во право кога рекол дека „од сите општествени уредувања, демократијата била најлоша“ - и како проблемот бил дека сите луѓе имале различни мислења, и дури се пофали дека ако некој најде двајца во Македонија што ќе се сложат, ќе го частел.

Понатаму мудро заклучи дека „ако сите сме работеле она за што сме биле стручни, и да не сме имале мислење за се, земјата ќе цветала“. Рече човек вработен во државна радио станица, на работно место за кое не е потребна НИКАКВА стручна спрема, и на кое најверојатно завршил затоа што некој негов роднина се познава со директорот.

Човеков заслужува медал за количеството глупости кои ги истресе во тие 2-3 минути. Како услуга од јавен карактер, ќе посочам зошто овие работи се глупости:

1. Черчил никогаш не рекол дека „од сите општествени уредувања, демократијата е најлоша“. Мислата на Черчил гласи: „Демократијата е најлоша форма на владеење, ако се изостават сите други форми на владеење“. Можам да разберам како човек „стручен“ за пуштање музичиња на радио во 7 саатот насабајле не е доволно спремен да разбере што сака поетот да каже. Важно успеа во еден здив со глупоста што ја каже да се пожали за лажни вести.

2. Разликата во мислења не е ПРОБЛЕМ на демократијата - демократијата е РЕШЕНИЕ за разлика во мислења. Ако вакви поданички идеи се истураат рано на сабајле, од радио-станица која скоро никој не ја слуша - може да замислиме што се истура во прајм тајм. Наместо да се учиме како да си ја аргументираме позицијата и како да разбереме зошто е различна од нечија друга, и како да најдеме полесно во што се согласуваме - ние повторуваме мантра дека било подобро кога некој НИ КАЖУВАЛ што е точно да се размислува, а секакво несогласување беше казниво.

Во Македонија треба да се слушаат гласови кои ќе разјаснат дека разлика во мислење, имање сопствен став - не се повод за раздор помеѓу народот, туку можност да се научи нешто, за себе, за твојот соговорник и на крај - одлична можност да се утврди точноста на твоите размисли.

 



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани