Фељтон дел 7. Нема грешки, има само лекции - Томислав Гошевски
Автор: Томислав Гошевски   Објавено на
share

 Моите мисли и настаните запишани и раскажани од прво лице овде , во најголема мера се резултат на симбиоза помеѓу мојата упорност и кармата која маестрално најде начин и ме фрли во канџите на суровиот свет на цивилните контрактори кои (making other people happy) си го уништуваат својот живот по белосветските воени зони. Јас едноставно не можев а да не бидам подготвен за се што ми се случуваше во периодот помеѓу Мај 2008 и денес во Скопје, Кувајт, Дубаи, Кандахар, ФОБ Апачи во Југоисточен Авганистан, Багдад, покрај Еуфрат околу сириско-ирачката граница, во Ербил, Курдистан и на некои чудни аеродроми како во Оман или понормални како во Хјустон и Чикаго. Друго ми беше муабетот....

Како против кармата изиграв нерешено во гости

 

7. Нема грешки, има само лекции

 

Што која грешка? Па таа, кога  збунет и запален ко циганче на лисичка цреша или ко Раде Рогожаров кога ќе му се погоди песната, аплицирав без да се информирам доволно. Мики, тоа е како да одиш на дерби, без доволно инфо и теоретски припреми и да улеташ на погрешна трибина. Ќе го јадеш. Траст ми…ми се случило и на мене. У Београду. Ама тоа е друга приказна. Во оваа ситуација јас само го земав постоечкото резиме што го имав за работа на брод и (без адаптирање = глуп напрај се дека си најдобар и најискусен на свет) аплицирав на некоја позиција што нема врска со тоа што стоеше како мое искуство во резимето. Џабе после  продолжив да висам по форуми и да читам и барам инфо уште поинтензивно. Одев пред Холидеј Ин и висев пред влез како битолчанец што виси пред скопска дискотека, ама џабе. Кумановци си доаѓаа, си беа прозвани и си влегуваа. По некое време излегуваа окезени како њуби твитерџија кога влијателен ќе му ретвитне твит или како тинејџер на клупа во парк после првиот петинг со малата . Мики...така си извисев едно 4-5  дена, и тоа покасно ќе се покаже дека бил последниот пат кога КБР дошол во Скопје, а јас кикснав и тоа биг тајм, како Лејкерси  сезонава во НБА или ко Сашо Тасевски кај Ефтов. Времето ќе покаже дека 8 години подоцна кармата сепак ќе успее да ме спои со КБР но на друг начин и во друг дел од светот и во друга мисија. За ирачкиот дел од мојот живот ќе пишувам овде малку подоцна. Него…друго ми беше муабетот...

Неврмајнд, излезе дека за моја среќа и подобро што тогаш не ме викнале на интервју, затоа што на крај на таа епизода јас добив и подобра работа и подобра плата и 2-3 години подолг договор. Учи се на туѓи грешки е правило кое го почитувам, ама на свои грешки е најефективно. Јас од оваа ситуација излегов со еден тон информации, запознав неколку луѓе кои, ќе се покаже покасно ќе имаат битна улога во мојава битка со кармата. Интернетот и форумите конкретно, мики, ти се најбитни за информации и полесно доаѓање до работа на проект (така го викаат Америте) или работа на Блиски Исток по нашки. Босанците дури имаа веб сајт Блиски Исток тачка ба (ова тачка ба е најгенијален домен шо сум чул). Јас имав прилика да извисам (као шо некои висат по фејсбук без врска и играат игрици) добри година и пол по хрватски и босански форуми и сајтови. На хрватскиот форуми успеав се да исчитам (тогаш имаше некои 300-400 страни со 7-8000 постови денес има дупло) се, буквално се за 3-4 дена. Упивав информации како сунѓер, како тинејџер што упива фотоси од прв порно сајт кој го открил на интернет.

И тоа донесе резултат. Така го запознав Мац, другар ми од Куманово, генерација и мој близок пријател. Човекот имаше веќе изработено 4 години за КБР во Ирак. Заради прекршок од Џенерал ордер намбр 1(парафразирам-секс, драгс енд алкохол) на Америчка војска изгубил работа и ете се обидуваше да се врати на проект преку друга фирма. Следните повеќе од една година заедно ќе бркаме работа и ќе споделуваме информации се до август-септември 2009 кога упорноста конечно ни се исплати.

Аплицирав пак....за сосема друга фирма. И така пак...за друга...во следниите повеќе од една година аплицирав кај едно 18 различни белосветски контрактинг компании. Овој пат не ја повторив грешката како со КБР.  Средив  потребна документација, од извод  до сведителства од основно и систематски прегледи, снимки од скршени коски и извештаии од извршени оперативни захвати и вакцинации. Препораки од бивши шефови направив, го средив резимето. Даниела коа го прочита рече…”како си се испофалил и си се покажал како најдобар, да не те знаев пак ќе се заљубев во тебе…” Ма.... карма, знам јас. Него...друго ми беше муабетот.

Покасно ќе се покаже дека ова ќе стане моја професија во следните 6 и повеќе години. Да. Фјул оператор, или по нашки пумпаш...или ете, конечно станав новиот “Томе од бензиската пумпа”...Со мала разлика. Не се работи за онаа бензинскана на Партизанска, туку фјул поинт во Американска воена база ФОБ Апачи, во Југоисточен Авгани- факинг-стан.

-“Зошто бе Томас?”-ќе прашаш ти.

И не само ти, сто луѓе ме прашале. И јас, не многу често, ама отприлика десетина пати дневно си го поставувам ова прашање. Што ме натера да си ги оставам најмилите и да отидам на крај свет, Богу иза леџа,  6-7000 километри од дома?  Зошто избегав од скопската магла густа ко фамозната пача за Прочка, комарците во јуни досадни ко муви пред дожд во август. Зошто ја оставив гужвата на Рекорд иста као да си во Пекинг во раш ауар?   Зошто решив да се одалечам од целодневниот третман заглупување со генијални турско-шпанско-индиски серии и дебили кои мислат господ ги створил само за да ни го сјебат животот со нивниот идиотизам во форма на дневна политика. Зарем нема да ми фалат нашите квази интелектуалци/експерти по се и сешто кои знаат се само никако сопствениот живот да си го средат. Како ќе живеам без досадните комшии кои за моето семејство знаат повеќе и од мене и секоаш точно и прецизно запишуваат кога и со колку ќеси од Рамстор или Кам жена ми се враќа од работа ? Што ќе правам без генијалните политичари со мали срца а големи џебови, новинари –лешинари кои ако нема црна хроника или партиска директива, не знаат ништо друго да напишат?

 Знаеш што? Ме заболе за се ова погоре колку за пубертетот на сибирските бели лисици. Јас решив мојот живот да го ставам на пауза, да се оттргнам од чемерот и јадот на секојдневната борба за опстанок и дилемата скоро секое утро...дали со последната стоденарка да им купам на децата млеко или овошје затоа што за двете не беше доволна. Едноставно, немав избор и морав да направам нешто пред да заглавам затвор затоа што ќе претепам некој од ЕВН кога доаѓа да ми ја исклучи струјата во јануари на -20 а јас со два џивџани дома и се обидувам да им направам појадок. Ако веќе морам да бидам одвоен од најмилите, подобро да бидам во пустина, во воена зона и да им обезбедам иднина, отколку да заглавам затвор. Десперејт тајмс рикујар десперејт межрс.

Америте викаат...”Кога животот ќе ти даде лимони, ти напрај си лимунада”. Поштено. Јас ќе додадам...”Кога животот ќе ти даде лимуни, ти напрај си лимунада, ама потруди се да има и кукис ”. Веќе објаснив дека кога се работи за обезбедување егзистенција за најмилите не се мислам многу, туку ја фаќам секоја прилика, па што и да е. Кога се работи за ваква прилика, каде што има и лимуни и лимунада па уште и кукис...дај да потпишам одма. Ту супорт мај фемили, се и секогаш. Но метр уат.

Баш ова – “дај да потпишам одма” го помислив кога на крајот на септември 2009 во 7 саат сабајле ми зазвони мобилниот. Непознат долг број. Возев такси, точно знам и каде возев. На Востаничка, во Црниче. Тивок женски глас на англиски со источен акцент ме праша дали сум јас тој кој аплицирал за работа во Авганистан и дали би прифатил работа, дали сум сеуште заинтересиран. Јас подзастанав и се загледав лево десно.

“Каде е скриената камера?“  За малку не викнав на глас... Не се заебавајте со ова.

“Платата е во Кувајтски динари”- ми вели гласот… и цифрата изгледа малку, ама курсот е многу висок и така доаѓа сосема ок сума во долари”.

Кај да потпишам си реков. Кај да потпишам...вреснав откако исклучив, а типот на совозачкото седиште ме загледа ко да сум жител на Градски зид кој исфрла ѓубре во контејнер наместо низ прозор.

 Тие денови компјутерот ми беше вклучен нон стоп, а инбоксот отворен и меилот го проверував на секои две минути. Ко на Мики легендарното чекање Шефилд Јунајтед да му ја даде два у два. Требаше да чекам на договорот , авионска карта и виза за Кувајт. Место не ме држеше, и гледав некако да најдам што повеќе информации во врска со работа и живот во Американските бази во Авганистан. Тогаш во мојот живот влезе фамозната фотографија од почетокот на оваа приказна. Фотографијата во која конечно и јас ќе влезам. Имав чуство како да сум испливал од живиот песок...скоро да сум се извлекол, ама се држам за тенко гранче и се мрдам милиметар по милиметар, обидувајќи се да дојдам до тврда почва и конечен спас...Него...друго ми беше муабетот...




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани