СУЕТАТА НА ПЕТТАТА КОЛОНА
Автор: Петар Котевски   Објавено на
share

 СУЕТАТА НА ПЕТТАТА КОЛОНА

Петта колона - многу интересен поим. Вообичаено значи група луѓе кои работат за да подријат некоја заедница одвнатре, најчесто имајќи ги како цел интересите на некој надвор од таа заедница.

Интересно е и името - петта колона. Значи тоа се луѓе кои никако не се истакнуваат (не се првата, ниту првите неколку колони). А сепак се колона, што значи на прв поглед изгледаат како сите други во колоните.

Поимот има негативен призвук- обично асоцира на некоја група подлеци, згрбавени платеници кои потајно си ги тријат рачињата. Ама во реалноста сликата е малку поинаква. Петтата колона не оперира толку очигледно, и повеќето наредени во неа не се ни свесни во која колона се. Така елегантно се изманипулирани, што дури да се сетат каде стојат и што работат, штетата веќе е сторена.

Така и во Македонија. Една армија уметници, музичари, глумци, професионалци беа излажани да почнат да се интересираат за политика, просто затоа што стана „општествено неприфатливо“ да немаш мислење за политиката - а бидејќи досега немаше тие имаа едно спремно да ти го сервираат.

Само зини.

Нашиве „јавни“ и полујавни личности го проголтаа мамецот сосе тапа. И тоа не мораа сите да бидат капиталци - и ситни, локално познати фаци беа таргетирани. Тие, кај кои Господ претерал со талент, но штедел на здрав разум - не беа тешки за убедување точно ШТО треба да мислат на некоја тема. И тие заминаа онаму откаде доаѓаа лајковите:

„Грујо вака, Мијалков така. Овој крадел, оној уште повеќе. Овој чинел, оној не чинел.“

И тоа имаше посебна тежина. Друго е ова да го збора Милчин, или Сашо Ордановски - тие знаеш дека се платени провокатори. Ним никој не им верува.
Но кога муабетот доаѓа од твојот омилен пејач, глумец, од цртачот кој го следиш заради неговата работа - и најголемиот скептик ќе си рече : „Па богами, ваљда нешто има во целава работа штом овој кажа нешто!“

Сега откако маските паднаа, и на најглупавиот нареден во петтата колона му стана јасно што се случило- станал ПЕТТОКОЛОНАШ. Од оние гнасните. И со својот каков-таков интегритет помогнал да се изманипулира попростиот народ и да се излаже.

Е сега, дотука на човек може да му се прости. Ок, си бил глуп, не си можел да процениш со сопствен мозок, некој ти натурил муабет и ти си го лапнал како клен; некој ти рекол „абе лажат овие“ и те зафркнал - луѓе сме, грешки правиме.

Но стигнавме до момент каде никој не може (и не треба да му биде дозволено) да се прави наудрен за улогата која ја одиграл. Ако се најде себеси во петтата колона, постои само една чесна постапка:

Застани, истреси се од говната со кои те посипале, извини му се на луѓето што си испаднал ѓубре - и ПОПРАЈ СЕ.

Не познавам човек што потоа не би бил способен да ти прости.

Но тоа не се случува во Македонија. Петтоколонашите, сега затечени, се туркаат накај четвртата, накај шестата колона - и се чудат кога некој ќе ги праша:„Чек бе ти не беше во петтата колона?“

И уште се вицкасти, луѓе. Државата своерачно ја турнаа во амбис и се прават како ништо да не било.

Лесно се препознаваат. Тоа се типците кои наеднаш не ги интересира политика повеќе, типците на кои им е „доста од негативност“, шизиците што уште трубат за „Грујо“ откако овој одамна го пензионираа.

Кога ќе ги потсетиш во која колона беа, вообичаено преоѓаат во напад: „Ами ти бранеше криминал“, „Исти се сите како МВРО“, „Политиката е срање“.

За такви, прошка нема. Таков е најлошиот вид на суета - СУЕТАТА НА ГЛУПАВИОТ, или суетата на петтата колона.

Не им дозволувајте ваква авто-рехабилитација.

Може да не си знаел дека си петта колона, но не може да се правиш луд откако е јасно дека таму си бил. Или ќе се соочиш со своите постапки, или ќе бидеш промовиран во подлец, згрбавен платеник кој потајно си ги трие рачињата.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани