Фељтон 13 - Бркај ги соништата, но немој да го заборавиш патот кон дома - Томислав Гошевски
Автор: Томислав Гошевски   Објавено на
share

 Моите мисли и настаните запишани и раскажани од прво лице овде , во најголема мера се резултат на симбиоза помеѓу мојата упорност и кармата која маестрално најде начин и ме фрли во канџите на суровиот свет на цивилните контрактори кои (making other people happy) си го уништуваат својот живот по белосветските воени зони. Јас едноставно не можев а да не бидам подготвен за се што ми се случуваше во периодот помеѓу Мај 2008 и денес во Скопје, Кувајт, Дубаи, Кандахар, ФОБ Апачи во Југоисточен Авганистан, Багдад, покрај Еуфрат околу сириско-ирачката граница, во Ербил, Курдистан и на некои чудни аеродроми како во Оман или понормални како во Хјустон и Чикаго. Друго ми беше муабетот....

Како против кармата изиграв нерешено во гости

 

13. Бркај ги соништата, но немој да го заборавиш патот кон дома

 

Авганистанско утро во ФОБ Апачи, во југоисточен Авганистан, реон Забул. Не ни знам кој ден е, освен кога е петок. Да, овде петок е некаков ден на црвени маици, и тогаш ќе видиш по некој од цивилите со црвена маица. Имам и јас, ми ја даде менаџерот, за да не носи само тој црвено во петок. Ќе го испочитувам еднаш двапати, додека Кенијциве во лондри не ми ја направат два броја помала. Да, ако нарачуваш гардероба онлајн, нема гајле, слободно нарачај поголема. Оф топик. Значи...многу се нервирам кога слушам како некој се радува на престоен викенд или се жали на факинг понеделник. На пример, јас лично не се сеќавам дали во овој милениум, а и последната декада од минатиот сум имал слободен викенд. Мора да сум неарен, или... “не знам што ќе правам со парите од толку многу работа“...ко што саркастично коментираше Микац кога ќе спомнев дека жалам за СФРЈ само заради слободните викенди. А околу меник мандеј и слични драми од типот ...“лелеее...пак е понеделник...“, имам решение за тебе. Работи секој ден и понеделник никогаш нема да те нервира. Ќе те нервираат сите денови. Него...друго ми беше муабетот...

Одам до шатор да си земам од цедевитата што си ја донесов од последниот одмор. На враќање, проаѓам меѓу шаторите, покрај генераторот голем ко дневна соба и бучен ко локомотива. Пред мене широк земјен пат, прашината можеш со нож да ја сечеш и да ја намачкаш на леб. Жешко е. 8.42 а веќе е 35 степена во сенка. Од десно ми доаѓа цивилен камион, Мерцедес е, трејлер , со германски таблици. Возачот Авганистанец ми се насмевна проаѓајки пред мене. Не видов добро од прашината, ама ко да сум го видел и порано. Можно е. Еден локалец кој возеше ѓубретарски камион некаде во 2010 г, па го снема цели две години, наеднаш се појави во базава со друг камионот. Овој пат ги празни септичките танкови. Рипна од камион кога ме виде и грабна да ме гушка…после 2 години. А баш добро чоече, му давав понекогаш стари панталони или маици. Секоаш насмеан од уво до уво, кога ќе ме види, секогаш застанува и излегува од камион да ме поздрави. Не знае јазик, ама нема потреба…одлично се разбираме.

Загледувам уште еднаш лево десно пред да прејдам од другата страна. Базава стана многу прометна, конвои еден куп, по цел ден. Нема многу место, па камиончиштата ги паркираат околу бензинскава, кај шо работам. Ми текна на првите денови во Кандахар. Имаше случај кога некој несреќник бил прегазен на поминување улица. Имаше насекаде објавено оглас, за информација за возилото или возачот убиец нудеа 5к  долари награда. Од тогаш отварам четири очи кога преоѓам улица. И избегавам да возам. Немам возено одамна. Во последниве 2 години, можда 3-4 пати сум седнал во ауто или муле. Како што е муле? Па...Ол тереин виекл, по нашки баги/џипче без врати и прозори. Па знаеш...оние мали, автоматски џипчиња. Имавме неколку такви...Мејд ин Џапан бај Кавасаки. Супер се...само што кога го возиш...или си измрзнат како да се жител на Ново Лисиче а Топлификација решила да штеди и во Јануари те челичи со замрзнати радијатори, или си полн со прашина како да си бил во близина на чинук кога полетува или слетува. Него...друго ми беше муабетот...

Од другата страна на патот, пред мене мојата канцеларија и паркирано нашето муле Кавасаки. Лево од канцеларијата го гледам Јужноафриканецот Андреас го шета Арк, службен вучјак кој веројатно има спасено животи на неколку десетина луѓе од базава. Да…неколку пати имаат фатено експлозив на влез во базава. Ги сакам кучињава…..ма ги обожавам. Уште по лево го гледам пикапот од Материјали, Непалецот Рам (понитеил) вози накај ECP (чек поинт на влез во база) да ги собере локалците кои доаѓаат од околните села а работат во базава. Типот е голем фан на Самсунг, и после 3-4 неуспешни нарачки, конечно му стигна Галакси тројката. Нон стоп ме тера да му инсталирам нешто. Ги поминав тие десетина метри широк пат и таман да влезам во ладовината на мојата прајслес канцеларија ете ти го Трајко од Керамидница. Одамна не сме се убедувале дали Лисиче или Керамидница е поблиску до Центар. Баравме и судско вештачење и консултиравме Гугл Мапс. Уште не сме се убедиле. Ќе треба да посетиме некоја скопска кафана и да направиме мировни преговори на оваа тема. Он од Швајцарија јас од Ирак каде што моментално сме дислоцирани двајцата. Блиско Источно – Средно Европски преговори во Дебар Маало. Нејсе.

Ова е трети пат од сабајле да се видиме, и трет пат се поздравуваме ко да не сме се виделе со месеци. Па кога отворив врата од шаторот сабајле, прво него го видов пред врата.

Застанав пред канцеларија, го барам клучот во еден од дванаесете џебови од карго панталониве . Влегувам внатре…свежо…пријатно. На лаптопот свири Македонско радио, Радио 2. Не дека ги сакам многу, него има најдобар сигнал, и на овој шит интернет кој го имам, најчесто само тоа и може да се слуша. Застанав и ја погледнав мапата на Азија позади моето столче и си мислам. Шо барам ја овде? Зошто сум ја овде?…На радио водителот најавува…

”-8. 50 …се враќаме во минатото…ги слушаме АБА и ….Мани, Мани Мани….Останете со нас….”

Се завртев лево, десно. Каде е скриената камера. Кој кого трола овде? Него...друго ми беше муабетот...

Ме фаќа пак носталгија. Ете ја пак мојата другарка. Ме посетува редовно. Па скоро секој ден. Изгледа ми фалат и некои луѓе…некои од дома, ама и некои батки од тука, од пустелијава. Пак, не е малку 2-3 години со некој мање со некој више делиш и добро и лошо. Делиш благ амерички грав, љуто индиско кари и тсу, или лобстер,  некој крвав (толку крвав што уште не ти прозборело телето) амерички стек, и по некогаш кога ќе напраат босанците од кујна, некој босански бурек, колку да шокираш желудник и да го држиш во кондиција. Делиш со твоите луѓе и Аргета паштета и сирење и ајвар кои си ги донел коа беше последниот пат дома, и по некој аналгин или стрепсилс…иако Америте имаат пејн килери од кои ќе се осеќаш као да си на некоја тешка дрога. Кој знае што е во нив…

Да, со некого си делел и инкоминг…инкоминг…рокет атак…рокет атак…буууум, а богами и граунд атак…хит д банкер….хит д банкер. Јеби га…и тоа има, а делиш и вотка брзосмртка мејд ин Авганистан (некои мои луѓе многу скапо ги кошташе една таква) или покер или бриџ до сабајле…Делиш и фудбал кај Авганците во касарна, на терен како ораница или како да бил гранатиран скоро. Што голови сме давале таму со Оки и Трајко, и тоа на голем фудбалски терен. Среќа наша тој Авганот камиказата што пукаше пред некој ден и уби неколку наши не бил на должност ние кога игравме…иначе ќе го јадевме биг тајм. Фак…и тоа има. Ноубади евер сед ит вил би изи. Со некого си делел и поплави и снег до појас, и дезерт сторм и температура плус 50 и минус 20…Ама не е само тоа…

Друго нешто ми фали. Нешто друго ме убива и се нервирам како шарен револуционер кој сеуште чека работичка во Влада. Се нервирам и под стрес сум...па скоро како кога ќе погледнам од другата страна на оградата кај комшиите, и гледам има и зелена тревичка и се изгледа идилично, сакам да се прошетам малку, да се тргнам од прашинава...ама одма ми текнува на последниот случај кога излезе дека некој од комшиите од надвор слабо вози па се заби со камионот во капијата од базата. А замисли, камионот бил натоварен со 3 тона експлозив. Па кој ли им дава возачки дозволи на луѓево овде? Нејсе.

Нешто друго не ми дава мира. Сабајле баш одејки накај дифек да земам од  донатсите и Арапското млеко шлапајки до колена во кал ми текна што ми фали освен  моите најмили и френдовите. Брат…ми фали асфалт. Ебаму асфалтот…нема да веруваш…ама ми фали. Покрај бензинскава има пат…као главен за влез во стариот дел од базата. На тој пат го имаме единственото парче асфалт не само во базава, туку и во цела провинција. Немам идеја од каде се створил… сред пустињава…ама ете тука е. Некои 15-20 метри должина и 1,5-2 метри ширина убаво, здраво, цврсто парче асфалт. Скоро као нашиот асфалт во Скопје. Знам дека не е тоа тоа…ама многу личи и кога нема друго, може добро да го замени нашиот домашен асфалт. Не ме води пат од таа страна, малку ми е подалеку…ама секогаш гледам да поминам од таму и да изгазам десетина чекори по стариот добар асфалт, некогаш и напред назад, ако не гледа никој. Не знаеш кој филинг. Скоро како да си дома. Па дури и кога некој од комшииве од другите департменти околу ќе ми понуди превоз со ауто…не…фала…јас ќе си пешачам. Да си го посетам стариот ортак, асфалтот. Него...друго ми беше муабетот.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани