Со измените дозволено ќе биде пушење на терасите и бавчите по угостителските објекти и во текот на зимскиот период. Се укина одредбата за обврската за покриена тераса одозгора и отвореност од три страни.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ и иницијатор на измените, Томислав Тунтев рече дека законските измени се однесуваат на терасите, а не на затворениот дел од угостителските објекти и според него рестриктивните мерки во изминатите осум години, колку што законот е на сила, не дале резултати и бројот на пушачи не се намалил. Тој рече дека измените на законот одат во прилог на угостителството.
Според предлагачите на измените, актуелните законски решенија ја влошиле економската состојба во Република Македонија со тоа што поради драстично намалената посетеност на кафеаните, кафетериите, ноќните барови, кафе-баровите, кабареата, дискоклубовите, пивниците и коцкарниците, сопствениците биле принудени да отпуштат дел од постојано вработениот персонал, со што се зголемил и бројот на невработени, што е во спротивност со владините кампањи за отворање нови работни места. Угостителскиот сектор доживеал драстичен пад на прометот (околу 75%), особено за време на периодите кога временските прилики не се поволни за работа (зима, доцна есен и рана пролет), период во кој угостителите се дополнително оптоварени со зголемени режиски трошоци (струја, греење и сл.).
Во текот на дебатата беа изнесени спротивставени ставови од пратениците од парламентарното мнозинство, за потребата и ефектите од измените.
Лилјана Поповска од ДОМ процедурално рече дека ќе гласа против овој закон оти смета дека областа со претходниот закон беше добро регулирана.
„Не е добро да се воведува повторно стара практика и да заличуваме на балканска крчма. Мислам дека порано или подоцна ќе се вратиме повторно назад. А добрите ресторанџии одлично си ја вршат работата и при постојниот закон и не верувам дека ќе ја зголемат работата. Економски развој „да“, бизнис „да“, но не по секоја цена. И ова не го гледам како поддршка на бизнисот. Со законот терасите ќе станат дел од рестораните“, рече Поповска.
Горан Милевски од ЛДП рече дека нема да присуствува на гласањето, бидејќи не го поддржува. Апелираше тоа да го стори барем уште некој од пратениците за да не се создаде кворум за гласање.
„Овие измени не враќаат чекор назад. Ако сакаме измени треба целосни измени. Ничиј профит не може да биде поважен од здравјето на граѓаните“, рече Милевски и потсети дека ниту матичната Комисија за здравство не ги прифатила овие измени бидејќи четворица гласале воздржано и двајца „против“.