РЕФЕРЕНДУМ - се што треба да знаете, имете право да знаете
  Објавено на
share

 


 

МОЖНОСТИ ИМА, НО ВО ПРАКСА ТЕШКО СЕ РЕАЛИЗИРААТ

Референдум е облик на непосредна демократија, односно  облик на  непосредно учество на граѓаните во вршење на државната власт и донесување политички одлуки. По пат на референдум граѓаните се изјаснуваат (непосредно и тајно) дали се за или против одреден закон, акт, политичка или друга одлука кои се веќе донесени или нивното носење се планира. 

Референдумот може да биде во областа на Уставот, законодавството, администрацијата, финансиите или меѓународното право и односи. Тој може да биде обврзувачки или советодавен, по времето на одржување може да биде претходен или дополнителен, а по дејството на одлуката може да биде конститутивен или аброгативен. Референдумот е најчест облик на непосредна демократија и како таков е предвиден во уставите на многу земји во светот. По честото користење референдумот се користи во Швацарија, како и скандинавските земји.

Референдум е гласање на избирачкото тело “3а“или “Против“ понудениот предлог. Граѓанската иницијатива е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето преку покренување на иницијативи пред Собранието на Република Македонија, преку советите на општините, Градот Скопје и општините во градот Скопје. 

 

ЗАКОНСКИ ОДРЕДБИ

Во македонското законодавство е предвидено одржувањето на референдум и изјаснување на граѓаните, но во пракса тоа тешко се спроведува. Досегашните малубројни примери укажуваат дека единствено успешен бил референдумот за осамостојување на Република Македонија.

Според членот 6 од Законот за референдум, тој може да се распише за целата територија на Република Македонија, како и за подрачјето на општината, градот Скопје и општините во Градот Скопје (референдум на локално ниво)

Право на гласање на референдумот имаат граѓаните кои имаат избирачко право и се наоѓаат на Избирачкиот список (член 7)

Според законскиот пропис, одлуката донесена на референдум може да биде задолжителна, а може и да биде само консултативна, тој редовно се одржува во недела, а во ист ден можат да се одржат и неколку референдуми.

Референдум на државно ниво распишува Собранието на Република Македонија.Според член 23 од Законот, Референдум на државни ниво задолжително се распишува за усвојување на одлука на Собранието за менување на границата на Република Македонија и на одлука за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави.

Референдум на државни ниво може да се распише и за потврда на меѓународни договори, за одлуките донесени од Собранието, за прашања кои треба да се уредат со закон, или за преоценување на закон кој е претходно донесен.

Од тука постои претходен референдум, кој се однесува на одредено прашање кое треба да се уреди со закон, и Дополнителен референдум кој се однесува на преоценување на веќе донесен закон.

Референдум на државни ниво не може да се распише за прашања што се однесуваат на Буџетот на РМ и завршната сметка на Буџетот, за јавните давачки, за резервите на РМ, за прашања на изборите, за именувања и разрешувања како и за амнестијата. 

Референдум на државно ниво не може да се донесе ниту за прашања кои се однесуваат на одбраната, воена и вонредна состојба, ниту за прашања за кои Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници ои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.(член 28)

Одлуката за менување на границата или за стапување или истапување од сојуз е задолжителна, доколку за неа се изјасниле мнозинството гласачи, но доколку на референдумот излегле повеќе од 50% од запишаните избирачи во Избирачкиот список.

Референдум на локално ниво распишува Советот на општината, Градот Скопје и општините на Градот Скопје, по сопствена иницијатива или по иницијатива на најмалку  20% од граѓаните во општината, Градот Скопје или општините во Градот Скопје.

Советот може да распиште референдум на локално ниво за прашања од негова надлежност, за кои со закон е овластен да одлучува.

Референдум на локално ниво може да се распише за донесување одреден пропис, за прашања што треба да се уредат во општината, или за преоценување на пропис што е претходно донесен.

И на локално ниво има претходен и дополнителен референдум.

Референдум на локално ниво не може да се распише за прашања кои се однесуваат на Буџетот, и завршната сметка на Буџетот на општината, за прашања за кои Советот на општината одлучува со мнозинство гласови, а одлуките од референдумот се  сметаат за донесени доколку гласале повеќе од половина од запишаните граѓани во Избирачкиот список во дадената општина.

Граѓанска иницијатива на државно ниво се покренува на иницијатива на 100 граѓани. Може да се покрене за пристапување кон промена на Уставот, предлагање на донесување закон и за распишување на референдум на државно ниво. Иницијативата за референдум на државно ниво се поднесува од овластен потписник со претседателот на Собранието, кој откако ќе утврди дали иницијативата е во согласност со членот 66 од Законот за распишување референдум, и во ро од три дена го известува овластениот потписник за заклучокот.

Кога претседателот на Собранието утврди дека е неуредна иницијативата, тој ја става на дневен ред пред Собранието, во рок од 15 дена, а Собранието прави заклучок дали е уредна или не е уредна.

Во случаи кога иницијативата е уредна, почнува постапката за собирање потписи да тече 20 дена по денот на доставување на известувањето од претседателот на Владата на република Македонија до органот на државната управа надлежен за евиденција на избирачкото право.

Преддлагачот е должен граѓанската иницијатива на државно ниво да ја спроведе во рок од три месеци од добивањето на известувањето на нејзината уредност.

Граѓанската иницијатива на државно ниво за поднесување на предлог за пристапување на измена на Уставот и за распишување на референдум се смета за покрената ако најмалку 150.000 граѓани со свои потписи ја поддржале иницијативата. (член 71)

Граѓанска иницијатива за предлагање за донесување закон се смета за покрената ако најмалку 10.000 граѓани со свои потписи ја поддржале иницијативата.

Граѓанска иницијатива на локално ниво се покренува  пред советот на општината, Градот Скопје и општините во Град Скопје, на предлог на 100 граѓани.

Таа се доставува до претседателот на Советот, кој во рок од три дена мора да го извести овластениот предлагач на иницијативата.

Предлагачот е должен иницијативата да ја спроведе во рок од еден месец од денот по добивањето на известувањето за нејзината уредност.

 

РЕФЕРЕНДУМ ВО МАКЕДОНСКИТЕ ОПШТИНИ

Според статистиката во македонските општини за периодот од 2005 до 2012 година, имало вкупно 345 граѓански иницијативи предложени на Советот на општини, а само два распишани референдуми на барање на избирачите. Едниот во Радовиш 2006 година и другиот во Струмица во 2007 година.

Од 2005 година до 2012 година општини каде немало воопшто граѓански иницијативи се општината Аеродром, Богданци, Босилово, Брвеница, Вевчани,   Вранештица, Врапчиште, Гази Баба, Дебар, Делчево, Демир Хисар, Долнени, Другово, Зајас, Зрновци, Илинден,  Карбинци, Кичево, Конче,  Крива Паланка, Куманово, Маврово и Ростуша, Могила, Новаци, Осломеј, Петровец, Пехчево, Пласница, Сопиште, Струга, Тетово, Чашка, Чешиново-Облешево, Чучер Сандово, Штип, Шуто Оризари, Град Скопје,  

Не се даваат податоци за иницијативи, но сигурно немало референдум се Арачиново, Бутел, Валандово, Градско, Дебарца, Демир Капија, Ѓорче Петров, Желино, Залениково, Јегуновце, Кавадарци, Карпош, Кисела Вода, Липково, Лозово, Неготино, Росоман, Сарај, Свети Николе, Старо Нагоричане, Студеничани, Теарце, Центар, Чаир, 

Општини каде што имало иницијативи, но немало распишан референдум на барање на избирачите се: 

-Берово од 2005 година до 2012 имало вкупно 11 граѓански иницијативи предложени до Советот на општината, но ниту еден распишан референдум, Боговиње 17 иницијативи, но без одржан референдум, Василево само три иницијативи, Велес само една иницијатива, Виница 35 иницијативи, Гевгелија 126 иницијативи, Гостивар една иницијатива, Дојран 14 иницијативи, Кочани 22 иницијативи, Македонска Каменица само една иницијатива, Македонски Брод три иницијативи, Ново Село шест иницијативи, Охрид седум иницијативи, Прилеп 56 иницијативи, Ресен осум иницијативи, Центар Жупа 14 иницијативи, 

Дополнително, од 2013 до 2015 година, во општина Берово имало 18 иницијативи  од граѓани за одржување на референдум а во Битола за истиот период  2 иницијативи, меѓутоа не дошло до реализација и до одржување на референдуми.

Распишани се  референдуми во Радовиш во 2006 година и во Струмица во 2007 година, на барање на граѓаните, но општините не дале никакви конкретни податоци.

Граѓанската асоцијација МОСТ на 14.09.2016 поднесе барање за информација за број на распишани референдуми на барање на избирачите, за број на граѓански иницијативи предложени на Советот на општината, за број на доставени претставки и предлози и за број на собири на граѓани свикани на барање на избирачите за периодот од 2013 до 2015 година до сите општини во РМ.

11 општини  воопшто не  одговорија на ниту едно доставено барање: Боговиње, Долнени, Кичево, Конче, Прилеп, Струмица, Студеничани, Чаир, Желино, Сопиште  и Липково.

 

МАКЕДОНСКИ РЕФЕРЕНДУМИ

Од неколкуте референдуми и обиди за референдуми во изминативе 25 години, единствено бил успешен референдумот за независност одржан на 8 септември, 1991 година кој резултираше со прогласување на независност на Македонија од Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Прашањето на референдумот гласеше:

1. Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија, а опциите за одговор беа со “да“ и “не“.

Референдумот следеше откако првиот повеќепартиски македонски парламент ја усвои Декларацијата за независност на 25 јануари 1991 година и донесе  одлука за распишување на референдум на 8 септември 1991. По долги и мачни преговори во македонскиот парламент, парламентарците донесоа одлука на референдумот да се постави прашањето:

На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.807 регистрирани гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85%, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,26% (односно 72,16% од вкупниот број на граѓани со право на глас).

 

РЕФЕРЕНДУМ ЗА ТЕРИТОРИЈАЛНА ОРГАНИЗАЦИЈА

Вториот референдум во независна Македонија, бил на 7 ноември,  2004 година кој бил распишан со цел изјаснување на граѓаните во врска со ново усвоениот Закон за територијална поделба на Република Македонија и бил неуспешен. 

Согласно Уставот на Република Македонија и Законот за референдум и граѓанска иницијатива од 1998 година, по барање на 180.454 граѓани со право на глас, Собранието на Република Македонија на 3 септември 2004 година го распишало задолжителниот референдум за територијалната организација на Република Македонија.

На референдумот мнозинството се искажало против новата територијална поделба, но референдумот не бил успешен поради тоа што излезноста била 26,58%, односно не бил постигнат законски потребниот процент од 51% излезеност на вкупниот број избирачи.

Иницијатор за собирање на потписите беше Светскиот македонски конгрес.

Референдумот беше предизвикан од новата територијална организација на Република Македонија која предизвика голем број на контраверзи и поделби во македонската јавност, главно поради етно-демографските импликации на новата територијална организација. Голем дел од Македонците, а и помал дел од албанското население сметаше дека со новата територијална организација се врши нарушување на етничката рамнотежа во Република Македонија. Во противници на предложената територијалната поделба вклучуваа се вброија повеќе опозициски партии, како и некои познати интелектуалци кои сметаа дека целиот процес на подготовка на новата територијална поделба се извршил крајно нетранспарентно, спротивно од волјата на граѓаните и дека е конципиран да направи етничка поделба помеѓу македонски и албански „територии“.

Прашањето на референдумот беше “Дали сте за територијалната организација на локалната самоуправа (општините и Градот Скопје) утврдена со Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96) и Законот за градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија бр.49/96)“?

Гласањето се одвивало на 2.973 гласачки места, при што целата територија на Република Македонија беше една изборна единица.

 

ИНИЦИЈАТИВА ЗА РЕФЕРЕНДУМ ЗА ВЕРСКИТЕ ОБЈЕКТИ НА ПЛОШТАДОТ

Здруженијата „Плоштад слобода“ и „Граѓани за европска Македонија“  иницираа постапка за собирање потписи за референдум во скопската општина Центар против изградба на верски објекти на плоштадот. На ваква акција, како што соопштија организаторите тогаш, биле охрабрени од резултатите од истражувањето во кое 70 отсто од граѓаните се изјасниле дека се против изградбата на верски објекти на плоштадот, а дури 74 отсто дека се против подарувањето на земјиштето на МПЦ и ИВЗ.

Како што објаснува од Плоштад Слобода,  анкетата е спроведена во периодот меѓу 20 и 22 јули од страна на „Брима Галуп“ со финансиска помош на Фондацијата Институт отворено општество - Македонија. Сондирањето на јавното мислење опфатило 503 испитаници, од кои 454 се Македонци, 14 Албанци, 11 Турци и 24 Роми. 

На прашањето дали ја поддржувате идејата за изградба на верски објекти на плоштадот „Македонија“, 28,5 отсто одговориле потврдно, 69,8 отсто со „не“, дека не знаат рекле 1,4 отсто, а 0,2 отсто - одбиле да одговорат. Прашани околу тоа дали се согласуваат со идејата на Владата да им се подари земјиште на плоштадот на МПЦ и на ИВЗ, 73,8 отсто од анкетираните се изјасниле дека не се согласуваат, поддршка дале 22,3 отсто, не знаат - 2,8 отсто, додека 1,1 отсто одбиле да одговорат.

Според Жарко Трајановски од „Граѓани за европска Македонија“, интересен е податокот дека дури 77 отсто од граѓаните сакаат да бидат прашани за прашања од интерес на нивната општина.

„Граѓаните никој не ги прашува за ништо. Тоа е акт на самоволие, кој ниту е демократски ниту е израз на добра волја“, оцени Трајановски и додаде дека ќе се искористат сите правни средства за да се спречи изградбата на верски објекти. 

Двете организации соопштија дека се потребни 8.800 потписи за да се спроведе референдум и, воедно, ги поканија сите здруженија на граѓани, неформални групи и поедици да им се придружат во собирањето потписи како нивна поддршка и да гласаат против на референдумското прашање. 

Но на 3 септември, 2009 година, советниците на Општина Центар ја отфрлија граѓанската иницијатива за распишување референдум за изградба на верски објекти на плоштадот Македонија.

Според советниците на ВМРО-ДПМНЕ потписите од оваа граѓанска иницијатива требало да се собираат во подрачните единици на Министерството за правда. Иницијативата на опозиционата СДСМ за референдум беше отфрлена.

 

ИНИЦИЈАТИВА НА АМАН

Граѓанската иницијатива АМАН, која имаше поддршка од  13.169 граѓани, се обиде да организира референдум  на 14 февруари 2013 година,  пратениците ја отфрлија иницијативата на АМАН претставена преку 13.000 граѓански потписи за измена на Законот за енергетика, односно враќање на евтината дневна тарифа на електрична енергија, но и да не им се наплаќа парно на граѓаните кои не го користат. 

Во Собранието  се гласаше со 49 гласа "за", четири "против" и 11 "воздржани" против измените на Законот за енергетика.

Во заштита на оваа иницијатива претставникот на АМАН, Зорица Димовска, пред пратениците побара враќање на евтината тарифа, бидејќи за тоа има поддршка од 13.169 граѓани кои ги дадоа јавно своите потписи. Но, од АМАН најавија дека нивната битка не завршува во Парламентот, односно дека ќе побараат за ова прашање македонските граѓани да се изјаснат на референдум. Димовска посочи дека неопходно е да се прифатат нивните барања оти тоа е во интерес на егзистенцијата на граѓаните, којашто е загрозувана со постојано зголемување на цената на електричната енергија и на парното греење.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Васко Пашевски укажа дека Собранието нема никакви ингеренции за барањата на АМАН и дека тие треба да се обратат на адресата на Регулаторната комисија за енергетика.

Откако стана јасно дека пратениците од владејачката ВМРО ДПМНЕ преку не изгласување на измените на Законот за енергетика, ќе кажат “ДА“ за скапата струја, очекувам дека иницијативата ќе опстои, во нова форма, како референдумско прашање што конечно ќе ги стави на тест не само демократијата и демократскиот капацитет на институциите да се соочат со граѓанското незадоволство, туку и личниот интерес на граѓаните што живеат во земја во која секој трет е сиромашен а бројот на невработени е околу 30 илјади. Легалиситички, за да се распише референдум потребни ќе бидат потписи на 150 000 граѓани со право на глас. Ако поддршката изостане од оние  4 до 5 отсто од граѓаните што можат целосно да си задоволат животните потреби, тогаш логично и за очекување е реакција и поддршка од сите оние што живеат во зоната на “нужност“. Од денешен аспект за неуспешноста на иницијативата говори Џељо Хоџиќ, од иницијативата АМАН.

 -Граѓанската иницијатива АМАН, незадоволна од поскапувањата на струјата, организираше собирање на 10.000 потписи за нејзиниот закон да биде ставен на дневен ред во Собрание. 

Целиот товар падна врз активистите на АМАН, кои прво мораа да чекаат месец дена Собранието да ја потврди одлуката на ДИК, а со тоа изгубивме цели 30 дена, од предвидените 90 за кои требаше да ги собереме потписите. Според лошиот закон, Собранието со својата немарност можеше да ни ги потроши и останатите денови за собирање потписи. Штампањето на формуларите и нивната дистрибуција до регионалните канцеларии на ДИК, како и нивното собирање беше на сметка на активистите. Регионалните канцеларии на ДИК работат само во работно време, па вработените луѓе кои сакаат да ја подржат иницијативата треба да прават посебни напори за да се потпишат. Бројката од 10.000 потписи за закон, како и 150.000 потписи за да се распише референдум се многу високи бројки за граѓански иницијативи и наместо да претставуваат механизам со кој граѓаните почесто би се занимавале со политика, напротив претставува механизам преку кој големите политички партии го монополизираат политичкиот простор, изјави Џељо Хоџиќ.

 

РЕФЕРЕНДУМ ЗА БРАНИТЕЛИТЕ

Македонските бранители бараa референдум во 2013 година за смена на министерот за одбрана Талат Џафери, но и тоа беше неуспешно.

Партијата на македонските бранители, “Достоинство“, започна кампања за собирање 150.000 потписи потребни за распишување референдум, за разрешување на новиот министер за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, поранешен командант на ОНА.

Партијата истакна дека граѓаните на референдум би се изјасниле за прашањето: “Дали прифаќате поранешни борци на Ослободителната национална армија, која се бореше против владините безбедносни сили за време на конфликтот во 2001 година во Македонија, да бидат избрани за министри за одбрана, за правда или за полиција“?

„Кампањата против Талат Џафери од власта беше прогласена како  политичка кампања. 

Во 2010 година, парламентот направи еден мошне контроверзен потег, гласаше за дополнителна амнестија на четири случаи на воено злосторство, што Хашкиот трибунал ги врати на процесирање во Македонија. Се работи за случаи на наводни злосторства извршени од страна на етничките албански бунтовници за време на конфликтот во 2001 година.

Достоинство“ во Собранието  достави иницијативата за собирање 150.000 потписи за одржување референдум, чија цел беше  да се спречи поранешни команданти на ОНА да можат да ги водат министерствата за одбрана и министерството за внатрешни работи. 

Освен разрешување на Џафери, со иницијативата бараа и автентично толкување на законот за амнестија како и ветераните на ОНА законски да не можат да бидат изедначени со бранителите.

Уставниот суд ја отфрли иницијативата како неоснована  на претседателот на Достоинство Стојанче Ангелов, за оцена на уставноста на законот за референдум. Одговорот стигна по две години откако Парламентот ја одби неговата иницијатива за организирање референдум за законите за амнестија, за територијална поделба, за поранешните членови на ОНА да не можат да бидат носители на високи функции, како и за ветерените на ОНА да не добијат ист статус со бранителите.

„Претседателот на Собранието, спротивно на Уставот не ни дозволи да ја започнеме процедурата за собирање на потписи. Затоа поднесовне иницијатива до Уставниот суд која, за жал ја отфрли, бидејќи веќе претходно расправале за слична иницијатива. Тие рекоа дека Референдум за прашања кои се уредени со Бадентерово мнозинство не може да се покрене.Ова се коси со одредбите од  Уставот, вели Стојанче Ангелов.

Според член 28 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, референдум на државно ниво не може да се распише за прашања што се однесуваат на Буџетот на Република Македонија и завршната сметка на Буџетот, за јавните давачки, за резервите на Република Македонија, за прашање на изборите, за именувањата  и разрешувањата и за амнестијата.

 Референдум на државно ниво не може да се распише за прашања за кои Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Овие законски одредби, според Ангелов, се во спротивност со основната одредба на член 2 став 2 од Уставот на Република Македонија, според која граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат НА РЕФЕРЕНДУМ И ДРУГИ ОБЛИЦИ НА НЕПОСРЕДНО ИЗЈАСНУВАЊЕ.

Оспорените одредби од членот 28 од Законот, ја ограничуваат гарантираната слобода на јавното изразување на мислата од член 16 став 1 од Уставот, каде што се гарантира слободата на јавното изразување на мислата (рефереднумот е легално организирано и колективно изразување на јавното мислење на граѓаните на Република Македонија).

Оспорените одредби се во спротивност и со членот 54 од Уставот, каде што во став 1, се наведува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а не и во случаите утврдени со закон, како во случајот, вели Ангелов. 

Собранието е должно да распише референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.

 

РЕФЕРЕНДУМ ЗА ГТЦ

На 30 март, 2015 година  со 12 гласа „За“ и 11 „Воздржани“, Советот на општина Центар донесе одлука за распишување референдум за задржување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар.

Советниците од коалицијата предводена од СДСМ гласаа за тоа на граѓаните на Центар да им се даде право самите да одлучат за изгледот на ГТЦ, додека советниците на коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ гласаа воздржано.

„Дали сте за тоа да се задржи автентичниот изглед на фасадата на Градскиот трговски центар?“, гласеше прашањето за кое  одлучуваа жителите на Центар, на 26-ти април, 2015 година.

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, кој до Советот ја поднесе предлог одлуката за распишување референдум за ГТЦ, рече дека тоа е историски ден за општина Центар и се надева дека ова ќе стане пракса и во другите општини.

Осумдесет проценти од граѓаните во Центар ја поддржуваа можноста за референдум и веруваат дека и тие треба да бидат вклучени во одлучувањето. Поддршка за овој референдум имаше и од 17 невладини организации.

Градоначалникот Жерновски кажа дека ова право е предвидено во Законот за градење, каде што стои дека Советот на општините во град Скопје, со одлука може да го утврдат изгледот на некоја фасада. Посочи дека и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, денеска ја поздравил одлуката за распишување референдум, бидејќи и самиот рекол дека тоа е „нивно демократско право“.

Референдумот ќе се сметаше за успешен, ако за него гласаа мнозинството од вкупниот број граѓани, но на гласање  излегоа половина од вкупниот број граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список на општина Центар.

Одлуката на референдумот е задолжителна, доколку на референдумот се донесе одлука да се задржи сегашниот изглед на фасадата на ГТЦ.

Советот на општина Центар е должен, во рок од 60 дена од објавување на резултатите од референдумот, да донесе одлука за утврдување на изгледот на фасадата на ГТЦ, во согласност со одлуката на референдумот.

На 26 април, 2015 година, на референдумот излегоа 17.655 гласачи од скопската општина Центар, односно 40,53% од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список. Според официјалните податоци на Државната изборна комисија, за задржување на постоечкиот лик на фасадата на архитектонскиот симбол на Скопје гласале 16.836 граѓани или 95,36%, додека против се изјасниле 659 жители, односно 1,51% од оние што излегле на референдумот. Во согласност со овие резултати, референдумското изјаснување беше  прогласено за неуспешно, од причина што на него не излегоа повеќе од половина од жителите запишани во Избирачкиот список.

Причините за одржување на референдум во општина Центар влечат корени од пред три  години. Кон крајот мај 2013 година, раководството на ГТЦ го објави победничкиот архитектонски труд на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, со кој се предвидува промена на постоечкиот изглед на трговскиот центар. Идејното решение предвидува изведба на нова барокна фасада, десетици антички столбови, доградба на третиот кат и поставување на скулптури на идната тераса од објектот. На ова решение жестоко се спротивстави Асоцијацијата на архитекти на Македонија, по што следуваа серија од граѓански протести и други активности за зачувување на постоечкиот лик на ова здание.

Референдумот за ГТЦ не успеа, бидејќи немаше доволна излезност.

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, вели дека бројот на граѓани, кои гласале ГТЦ да го задржи автентичниот изглед е повеќе од доволен да не се дозволи тој да се реновира во барок. 

„ Дојдовме до фрапантен резултат, 95 отсто од граѓаните гласаа за ГТЦ да го задржи автентичниот изглед. ГТЦ освои најмногу гласови во историјата, повеќе од било која политичка партија досега на избори во општина Центар. Да имаше реален избирачки список излезеноста ќе беше над 60 проценти. Де јуре референдумот не успеа, ама де факто ова се резултатите кои не можат да се игнорираат “, рече Жерновски. Според Жерновски во иднина државата треба да размисли и да направи измени во Законот за референдум во поглед на излезноста. “Кога се работи за референдум на локално ниво, излезноста не смее да биде повисока од излезноста при избор на претседател на државата. Цензусот мора да биде помал за да се поттикнат граѓаните да поднесуваат иницијативи и сами да одлучуваат за прашања кои се од нивен интерес, вели Жерновски.

 

РЕФЕРЕНДУМ ВО СВЕТОТ

Данска редовно спроведува референдум секој пат кога мора да потврди некој нов договот со Европската унија. Единствен пат тоа не го направи е прифаќањето на Лисабонскиот Договор што предизвика лавина незадоволство во таа земја.

Ирска е единствена земја членка на Европската унија која одржа референдум за Лисабонскиот Договор. Поради негативниот исход од референдумот во 2008 година, дојде до криза во ЕУ. На вториот референдум за истото прашање во 2009 година, Ирците сепак кажаа “ДА“ за Лисабонскиот договор. Најнеизвесен референдум во Ирска се случи во 1995 година кога се очекуваше легализација на разводот. Тогаш 50,3% од излезените избирачи гласаа “ЗА“, а 49,7% “ПРОТИВ“ легализација на разводот. 

Во Холандија законски не е можен национален референдум. Единствен во изминатите 200 години е одржан во 2005 година кога се одлучуваше за Уставот на Европа. Неговото одржување беше овозможено со донесување привремен закон само за таа прилика.

Норвешкиот Устав никаде не спомнува референдум и тоа е дел од норвешката политичка пракса. Но сепак одржани се шест референдуми, од кој најважни се тиа за раскинување на сојузт со Шведска, како и пристапувањето на Норвешка во ЕУ: Исходот на референдумот не е обврзувачки, па ни советодавен, со оглед дека конечната одлука ја носи норвешкиот парламент кој не мора да ја почитува волјата на сопствениот народ.

Швајцарија е земјата каде референдумот игра значајна улога во политичкиот живот. Уставот на Швајцарија ја регулира процедурата, но граѓаните, а не Владата, одлучуваат за тоа кога и за што ќе се одржи референдум. Постојат два вида на референдуми-обврзувачки и необврзувачки, а праксата постои уште од 1848 година. Референдумите секогаш се одржуваат во недела, во просек три до четири пати во годината.

Во Франција институтот референдум е воведен за време на Петттата Република на Де Гол. Во пракса се одржува ретко, и тоа најчесто на иницијатива на Претседателот на Републиката и се однесува за уставни промени, ратификација на договори или одредени закони.

Анализата е изработена од А1он

Извори: 

Содржината на оваа анализа е одговорност на МОСТ и не ги одразува секогаш погледите и ставовите на донаторите




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани