Американскиот магазин TIME за договорот од Преспа
  Објавено на
share
 

Image result for time magazine logo 

Преспанскиот договор е триумф за ЕУ, но е загрижувачки за демократијата

 

За ЕУ Преспанскиот договор е и геополитичка победа и оправдување на нејзината визија за меѓународната политика. Но во оваа приказна има три проблеми.

 

Минатиот јуни, во живописниот езерски крај Преспа, Грција и Македонија го надминаа децениското непријателство и водачите на двете земји потпишаа договор за преименување на поранешната југословенска република, вели американскиот неделник Тајм. Според тој истоимен договор, потпишан во присуство на европски и претставници на УН, Македонија ќе стане Република Северна Македонија. И сега, по шест месеци обид да обезбеди одобрување од двата парламенти, договорот за решавање на еден од најнерешливите (и за голем број надворешни набљудувачи најнеразбирливи) билатерални спорови на Балканот е близу до реализација.

И покрај тоа што спорот меѓу двете земји е фокусиран на правниот аспект на официјалното име на една земја, вели американскиот медиум, тој ги допре емоционалните прашања на историјата и идентитетот во двете земји. За граѓаните на она што наскоро ќе биде „Северна Македонија“, поимот „Македонија“ е симбол на нивниот посебен национален идентитет на Балканот. За Грците, од друга страна, Македонија е испреплетена со важни периоди и личности во историскиот наратив што се протега назад до античко време. Под товарот на сè уште живите сеќавања за конфликтите и војните во 20 век, за двете нации беше невозможно да се помират со заеднички договор за употребата на зборот „Македонија“ - сè до минатото лето. А сепак, лидерите на двете земји застанаа против длабоко вкоренетите националистички ставови.

ЕУ го поддржа договорот во сите фази од преговарањето, потпишувањето и ратификацијата. За ЕУ, Преспанскиот договор го претставува сето она што е добро во врска со мултилатерализмот и меѓународниот поредок базиран на правила, во време кога овие вредности се под напад од национализмот и популизмот во Европа, и од претседателот Доналд Трамп и Русија. Тој го отстранува каменот на сопнување во нејзиното проширување на Западен Балкан и го оживува нејзиниот проект за трансформација на овој регион преку негово вклопување во нејзиниот институционален и правен поредок. Така, за ЕУ Преспанскиот договор е и геополитичка победа и оправдување на нејзината визија за тоа како треба да функционира меѓународната политика.

Но постојат три проблеми во оваа приказна.

 

Правно-политички процес

ЕУ одлучи да ги игнорира проблематичните аспекти на процесот на ратификација што се спротивни на уставните норми и принципите на владеење на правото и во Македонија и во Грција. Бидејќи и Ципрас и македонскиот премиер Зоран Заев имаат тенко мнозинство во своите парламенти, за да се протурка договорот во двете земји беше потребно политичко преговарање што ги премина границите на законитоста.

Во Македонија, Заев, кој немаше двотретинско мнозинство во парламентот за промена на уставот на Македонија, употреби и закани со судски гонења за корупција и сомнителен закон за делумна амнестија за да ги натера опозициските пратеници да гласаат за неговите уставни амандмани. Опозициските пратеници во Скопје наводно биле под силен притисок и од поддржувачите и од противниците на Преспанскиот договор, вклучувајќи и странски влади, за да гласаат соодветно. Секоја страна ја обвини другата за закани со физичко насилство или за ветување поткуп.

Во Атина ситуацијата е уште покомплицирана. Владата на Ципрас го преживеа гласањето недоверба за да го ратификува Преспанскиот договор, но во нејзиното ситно мнозинство се и некои противници на договорот, кои биле привлечени со ветувања работа во владата. Наместо тоа, Ципрас очекува оваа недела да го ратификува договорот со намамување на пратениците од помалите опозициски партии, кои потенцијално би биле наградени со вклучување на изборните листи на неговата партија на претстојните избори. Последниве месеци опозицијата веќе го обвини Ципрас за непотребно мешање во судството, медиумите и армијата. Сега, неговото крпење ад хок мнозинства за различни гласања во парламентот ги урива нормите на парламентарната и уставната процедура и придонесе за уште поголема недоверба кај грчките граѓани во политичките системи.

За ЕУ, загриженоста околу владеењето на правото и законот и политичкиот процес треба да се сфати сериозно - особено во време кога многу од нејзините членки се борат со авторитаризмот и нелиберализмот. Во меѓувреме, сите балкански држави за кои ЕУ се надева дека еден ден ќе ги прими и понатаму страдаат од постојани проблеми на корупција и политика на моќ. Во еден свет дефиниран од борбата меѓу либералната демократија и популизмот, процесот е важен исто колку и содржината. Процесот преку кој се ратификува Преспанскиот договор остава многу работи неостварени.

 

Непопуларен договор

Второ, двете влади го туркаат Преспанскиот договор спротивно на желбите на големи делови од своите земји. Во Македонија, владата не успеа да победи на консултативниот референдум за Преспанскиот договор во септември - гласање што ЕУ одлучи да го игнорира. Во Грција сите анкети покажуваат силно мнозинство народ против договорот.

Демонстрантите спроведоа големи демонстрации против договорот, вклучувајќи го и оној во неделата, кој беше насилно растурен од полицијата и произведе слики што потсетуваат на најмрачните денови на кризата во еврозоната и насилните демонстрации против штедењето во Атина. Само неколку месеци пред изборите во европскиот парламент, каде што се очекува популистите да постигнат успех, ЕУ се чини дека ЕУ уште еднаш се покажува како бирократија склона кон игнорирање на реакциите на народот и суверенитетот на послабите држави.

 

Повторно палење на тензиите

Конечно, дури и геополитичката цел за стабилизација на регионот е загрозена од договорот, токму поради тоа што политичкиот микс во Грција и Македонија е толку нестабилен. Во Македонија, промената на името е поддржана од коалиција на малцинство од доминантната словенска македонска етничка група и македонското етничко албанско малцинство, додека му се противат мнозинството словенски Македонци. Со други зборови, договорот ја става коалицијата од малцинства во ров против мнозинство од мнозинството. Таквиот аранжман е осуден повторно да ги запали етничките тензии и да ја зголеми политичката поларизација во Македонија - што е сосема спротивно од намерата на ЕУ.

Во Грција, од друга страна, Преспанскиот договор ја оцрнува јавната перцепција за ЕУ, прекинувајќи период на бавна и болна рехабилитација по кризата во еврозоната од 2010-15 година. Во земја што сè уште ги лечи раните од економската криза и секогаш е подложна на популистички повторувања на болеста, повторното потпалување на национализмот со договор спонзориран од ЕУ е против интересот на ЕУ за стабилност во земјите-членки на еврозоната.

Поддршката на ЕУ за Преспанскиот договор извира од восхитувачките идеали за европска интеграција. Но таа е исто така и уште еден пример за бирократизиран начин на владеење, кој често ги игнорира политичките реалности и народните сензибилитети. Најмногу од сè, таа одразува еден став на самочеститање што пристапувањето во ЕУ и членството го гледа како семоќен лек за сложените етнички, економски и социјални проблеми, но и ги толерира и зделките со сомнителни национални елити и ги следи нивните методи сè додека тие постигнуваат про-ЕУ резултати на теренот. Во време на сериозни проблеми со владеењето на правото во некои ЕУ земји-членки и превирања на народот во други, ваквиот пристап кон проблемите на Европа е кратковиден и самоуништувачки.

 
 



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани