Градежениот инспектор од Општина Чаир донел одлука за уривање на објектот што се гради во ТЦ „Мавровка“ на местото на кафулето „Фонтана“, но општината не можела да го најде ниту инвеститорот ниту изведувачот на градежните работи. Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, вели дека сега решението за уривање ќе се објави во „Службен весник“ и ќе почне да тече рокот од осум дена за сопственикот самиот да си го урне објектот. Ако не го стори тоа, истакна тој, тогаш дивоградбата ќе треба да ја урива општината.

-Овластениот градежен инспекторат има донесено овластување со кое се бара отстранување на наведениот објект. Рокот на дејствување е осум дена од приемот на решението од страна изведувачот или инвеститорот на работите. При инспекција никој од присутните лица на самото место не презема одговорност за одвивање на работите. Поради ова, решението му се доставува на непознат сторител. Постапувајќи согласно правилата за доставување на актот во случај кога сторителот е непознат, ние имаме извршено и доставување на актот со јавна објава, постапка која сn4; уште е во тек – изјави Ганиу.

Инаку, „Фонтана“ изгоре до темел во пожарот што се случи на 1 мај, за време на продолжениот полициски час. Повредени немаше, а првичниот наод од истрагата покажа дека веројатна причина за пожарот бил краток спој на електричната инсталација меѓу компјутерот и фискалната каса.