ЗА 30 ОТСТО ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ПАЦИЕНТИ СО ПСИХИЧКИ ПРОБЛЕМИ, ЗА 25 ОТСТО СЛУЧАИТЕ СО СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО
  Објавено на
share

 

ЗА 30 ОТСТО ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ПАЦИЕНТИ СО ПСИХИЧКИ ПРОБЛЕМИ, ЗА 25 ОТСТО СЛУЧАИТЕ СО СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

 

Пандемијата на вирусот ковид-19 со себе донесе и т. н. пандемија во сенка со последици по менталното здравје. Страв, анксиозност, афективни растројства, стрес како и пореметувања на сонот се дел од психичките последици кои се јавуваат како резултат на коронавирусот. Пандемијата, според статистиките на Клиниката за психијатрија, го зголеми бројот на пациенти за 30 отсто во споредба со лани, а за 25 отсто се зголемени случаите на семејно насилство.

 

Д-р Александар Ристески, психијатар на Клиниката за психијатрија, во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека од самиот почеток на пандемијата на ковид-19 се појави една нова „пандемија во пандемија“ или пандемија во сенка.

„Наглиот и неочекуван почеток на ширење на коронавирусот, големиот број непознати работи поврзани со трансмисијата на болеста, непостоење на вакцина и соодветна каузална терапија, како и бурата од лажни вести кои ја преплавија јавноста, се фактори кои доведоа кај луѓето да се јави едно интензивно чувство на страв. Ако на сето ова се додадат и рестриктивните мерки кои секоја од државите во светот индивидуално ги носи, ограничувањата на движењето, како и економските последици кои ги предизвика оваа вонредна состојба која трае прилично долго, тогаш се добива претстава за каква сериозна закана по здравјето на луѓето станува збор“, вели доктор Ристески.

 

Д-р Александар Ристески, психијатар на Клиниката за психијатрија, вели дека од самиот почеток на пандемијата  на ковид-19 се појави една нова „пандемија во пандемија“ или пандемија во сенка. ( Фото: СДК.МК)

Ристески вели дека од искуството во изминативе осум месеци, последиците по психичкото здравје кај граѓаните би ги поделил на оние кои веќе се заразиле со вирусот или некој од нивното најблиско семејство, и на оние кои секојдневно живеат со страв од потенцијално заразување или трансмисија на вирусот во нивната околина.

„Чувството на страв доминира кај луѓето, а секако нагол пораст се регистрира кај повеќе психолошки состојби, тоа пред сn4; се однесува на анксиозните состојби, афективните растројства, посттрауматското стрес растројство – ПТСР, како и пореметувањата на сонот. Во овој временски период од околу 8 месеци од почетокот на пандемијата па до денес, истовремено се регистрираат влошувања на состојбите кај луѓето кои претходно имале некакво психијатриско растројство, но и појава на тие состојби кај луѓе кои претходно немале такво искуство. Овие влошувања ние ги регистрираме како пораст на бројот на прегледи во нашите амбуланти и бројот на јавувања на линиите за психолошка поддршка“, вели Ристески.

Од почетокот на пандемијата, односно од март до ноември, во амбулантата на Клиниката за психијатрија се извршени 6.300 прегледи, што е за 30 отсто повеќе од истиот период лани. Полицискиот час и ограничувањата во движењето го зголеми и бројот на жртви на семејно насилство за околу 25 отсто. На телефонската линија која ја отвори Клиниката регистрирани се повеќе од 5.000 повици. Поради големиот интерес и големиот број јавувања, отворени се неколку телефонски линии и тоа за психолошка поддршка за бремени жени и родилки, психолошка поддршка за ворасни лица и лица во самоизолација, психолошка поддршка за деца, адолесценти и нивни родители, како и психолошка поддршка за родители на деца со попреченост.

„Најпрвин, луѓето ги користеа линиите за поставување прашања поврзани со вирусот и прашања околу тоа каде да се обратат за помош и поддршка. Потоа, како се развиваше состојбата и се воведуваа мерки за ограничување на движењето, луѓето имаа потреба од поддршка и советување особено околу тоа како да се снајдат во целокупната ситуација. Исто така, имаа потреба од техники на самопомош и како да реагираат при исчекување на резултати од тестирањето, понатаму што доколку добијат позитивен резултат и како да се однесуваат во таа ситуација. Дел од наведените потреби на граѓаните се присутни и денес, со дополнување на едни нови моменти во смисла на справување со загубата на некој близок и прашања поврзани со тоа каде и како би можеле да добијат психијатриска и психолошка помош“, вели Ристески.

 

Полицискиот час и ограничувањата во движењето го зголеми и бројот на жртви на семејно насилство за околу 25 отсто. На телефонската линија која ја отвори Клиниката се регистрирани повеќе од 5.000 повици. – Поглед на болницата 8 Септември од дворот на приватната болница Жан Митрев во  Скопје (Фото: Ѓ. Личовски)

Психијатрите објаснуваат дека човекот како биолошко, психолошко и социјално битие има потреба од секојдневни социјални интеракции. Без оглед на тоа дали тие интеракции се одвиваат  во семејна, работна и социјална средина, ограничувањата кои се неопходни за воспоставување контрола на ширење на вирусот наидуваат на отпор кај луѓето, поради тоа што им се нарушува кон фор-зоната и на некој начин им ги ускратува секојдневните задоволства од споменатите социјални интеракции.

„Оваа таканаречена нова нормалност која ни се наметна и која е неопходна за на некој начин да се постигне контролирано ширење на заразата, нn4; затекна сите. Сите различно се прилагодуваат на новонастанатата состојба и на некои луѓе им е потребно да вложат дополнителен напор за прилагодување. Ние секојдневно им препорачуваме на нашите пациенти да ги користат новите технологии и достапни апликации за комуникација со своите блиски. Сите се согласуваме дека и покрај тоа што тие нудат видео и аудио врска, не се стопроцентна замена за комуникацијата во живо, но сепак се алтернатива за безбедна комуникација. Сето ова има ефект за одржување и на т. н. ментална хигиена, позитивно влијае и на задоволување на потребите од размена на идеи и искуства“, вели Ристески.

Со оглед дека пред нас е зимата, а ситуација на пандемија на ковид-19 секојдневно се влошува со голем број нови позитивни случаи, но и починати пациенти, психијатрите очекуваат да дојде до пораст на бројот на пациенти кои имаат психички проблеми. Поради тоа, велат од Клиниката за психијатрија, имаат зголемен број термини во психијатриските амбуланти, кои работат во две смени за да можат да одговорат на потребите на пациентите.

За полесно да се помине пандемија без последици врз менталното здравје, психијатрите советуваат граѓаните навремено и точно да се информираат за работите кои се од нивен интерес, од проверени извори на информации. На тој начин, велат, би се превенирало непотребното и опасно ширење на гласини и паника. Како индивидуални совети за справување со стресот поврзан со пандемијата се грижа за имунитет и телесно здравје со јадење здрава храна и витамини и минерали, редовна физичка активност, редовна комуникација со блиски личности и ако се почувствуваат некакви симптоми, веднаш да се побара помош од својот лекар.

 

А. АНТЕВСКА

целиот текст тука 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани