Колумна со видео Томислав Гошевски
Објавено на

 Му се заблагодаруваме на Гошевски за покажаната доверба и честа што ни ја укажа, неговото патешествие низ животот, некаде по стапките на Александар Македонски, да ни ги довери нам и да ги објави тука. Му посакуваме, долг и спокоен живот и многу, забавни, луцидни, интересни, неживотозагрозувачки случки кои повторно ќе ги возвријат неговите кретивни сокови и ќе го инспирираат да пишува. Веќе ни недостасува неговото писание, но останува тука, како сведошто на еден невообичаен пат на еден македонец, во најчудните времиња, кој минува сцили и харибди за своето семејство бореејќи се како лав низ животот. Добри ветришта во твоите едра на пустинскиот брод кој пловиш, пријателе.

Мислите и настаните запишани и раскажани од прво лице овде , во најголема мера се резултат на симбиоза помеѓу мојата упорност и кармата која маестрално најде начин и ме фрли во канџите на суровиот свет на цивилните контрактори кои (making other people happy) си го уништуваат својот живот по белосветските воени зони. Јас едноставно не можев а да не бидам подготвен за се што ми се случуваше во периодот помеѓу Мај 2008 и денес во Скопје, Кувајт, Дубаи, Кандахар, ФОБ Апачи во Југоисточен Авганистан, Багдад, покрај Еуфрат околу сириско-ирачката граница, во Ербил, Курдистан и на некои чудни аеродроми како во Оман или понормални како во Хјустон, Виена или Чикаго. Него…друго ми беше муабетот….

 

Како против кармата изиграв нерешено во гости

 18. Дома 

Се започна многу порано од 26 Ноември 2009 кога за прв пат полетав кон Блискиот Исток на пат за Кувајт и потоа Авганистан како моја конечна дестинација. На мојата авантура и претходеа дваесетина месеци аплицирање, непроспиени ноќи и висење по интернет форуми и портли за работа во воена зона и собирање информации како да се добие работа. Тие кои ме познаваат знаат најголем дел од мојата Авганистанска приказна. Тие кои не ме познаваат, можеа овде да дознаат како јас гледам на овој дел од мојот живот.

 

1694. Толку денови поминаа од првиот лет во непознато. Толку ноќи поминаа во најголем дел преспани во шатор полн со граѓани од земји од Третиот свет, преполн со прашина, шкорпии, глувци и пајаци големи колку кутија за кондури и понекоја змија, нормално…отровна, затоа што во Авганистан не постојат неотровни змии. Половина од времето во овие 1694 деноноќија ги поминав во една канцеларија 2х2 со едно биро, две столчиња, една кинеска клима, корејски телевизор со индиски тв канали и јапонски фрижидер. И многу, многу тага и носталгија, по малку работа, многу одговорност,  нервоза, возбуда, онлајн среќни моменти со најблиските и пријателите, во живо несреќни моменти со гранатите и непријателите.

 

Видов и срушени хеликоптери, уништени џипови како Хулк да ги згужвал и удрил од земја, пукање околу канцеларија…гранатирање и самоубиства…ранети и заробени талибанци…убиени војници додека играат фудбал…На едно место заградено со зидови од 4 метри,  со големина на едно просечно скопско маало а наречено ФОБ Апачи, видов и среќа и несреќа во количини колку за три просечни и нормални држави и човечки животи. Непосредно работев со дваесетина луѓе од 4 континенти и десетина различни нации и уште поразлични карактери. Креирав преку 20 000 документи, испратив преку 15000 мејлови, примив уште повеќе. Заработив една пнеумонија, седа и проретчена коса, болки во кичмата од седење, стрес од алармите, пристојна сума долари на сметка и маки и јадови заради пропуштени мигови на радост и блискост со најмилите. Заработив и пријатели контрактори какви никаде и во никакви други животни ситуации и околности просечен човек нема шанси ни да ги сретне.

 

Многумина не не сакаат премногу, освен кога им треба позајмица за крштевката или за регистрација на аутото. Многумина ни завидуваат иако никогаш нема да разберат колку е тешко кога ќе пропуштиш неколку родендени на синчето или  поаѓањето во прво одделение на ќерќичката, колку е “забавно“ кога место будилник те буди аларм за гранатирање, или како  е да спиеш 4-5 години во шатор полн со граѓани од земјите од “третиот свет“ и понекоја отровница од чие каснување се умира за 12 секунди.

 

Многумина нас контракторите не споредуваат со “кучиња на војната“ и поробувачи на напатениот Авганистански народ иако ние само менуваме филтри на климите, работиме по канцеларии  или печеме плескавици. Повеќето од нас одамна веќе  не се ни обидуваме  да објаснуваме  дека  сме отишле на крајот на светот со главата во торба само колку да се обидеме на децата да им обезбедиме подобра иднина. Цената за тоа ја знаеме само ние и нашите најблиски. Мислењето на останатите не ни е важно.

 

Дојде време да се заврши мојата Авганистанска авантура. Дојде време да ставам крај на едно поглавје од животот. Никогаш немој да жалиш за нешто што си направил во животот. Треба да ти е жал за нешто што си можел и си требал да го направиш, но не си го сторил тоа. Јас не жалам за ништо што сум направил во овие 1694 денови. На 18 Јули 2014 се вратив дома. Мојата нова….Ирачка авантура започна на 2 Ноември 2015. Но за тој дел од мојот живот во друга прилика.

Него...друго ми беше муабетот

 




КОМЕНТАРИ



Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани