Возрасни и деца (2) - одговор на колумната на Мирка
Автор: Цветин Чилиманов   Објавено на
share

 

Влегувајќи во преписка со почитуваната Мирка Велиновска за предностите и слабостите на двата водечки системи на општествено уредување (слободниот пазар и планската социјална економија), во старт ми е јасно дека ќе играме на нејзин терен. Поради децении и децении наменско образование, контролирано толкување на историјата и изложеност на медиуми подредени на промовирање на една идеолошка страна, јавноста во Македонија секако ќе биде многу по-приемчива кон нејзините аргументи (иако во живо ги има искусено најлошите аспекти на системот вредности кој Мирка го брани). На обичен читател во Македонија доволно е да му кажеш: А Виетнам? Хирошима? Индијанците? и си завршил работа. Можеш до утре да му објаснуваш дека гладта во Етиопија или хиперинфлацијата на Зимбабве е резултат на примена на левичарските политики, и само ќе те погледне сомничаво и ќе ти каже: тоа ЦИА замешала прсти, од што им љубомори на Зимбабвеанците, исто како и на Југославија. Сите овие приказни служат не само како интересно историско градиво, туку како поткрепа на повикот дека во иднина, Македонија треба да се води претпоставувајќи дека со светот управува еден злобен хегемон, Дарт Вејдер, а ние треба да се приклониме кон малата група џедај бунтовници (теза која во првата преписка ја опишав како детинеста).

Но, добро, ако веќе сакам да бидам адвокат на Јенки Ѓаволите, најдобро е да се сконцентрирам на најпретераните тврдења во нејзината минатонеделна колумна во Нова Македонија (http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=1010141054592&id=13&prilog=0&setIzdanie=).

На пример, тука е тврдењето дека САД во 1970-ите години почнале да работат на стратегија за намалување на светското население за да обезбедат подобра позиција во трката за природните ресурси. Велиновска обвинува дека САД имаат стратегија за требење и десеткување на човештвото. Првин, факт е дека меѓу американските поборници на идејата за контрола на населението во светот, некои дел од нив, пред се од левицата, почнуваат од желбата да се контролира непожелното население, и тоа пред се кај нив дома. Така на пример, Маргарет Сангер, водечкиот поборник на абортусот и контролата на раѓањето, која до ден денес  е идол на левицата во САД која уште доделува и награди кои го носат нејзиното име, била непоколеблив расист и поборник за еутаназија на неспособните за живот и проретчување на процентот на пониските раси” во САД. Сангер свесно своите активности ги фокусирала кон афроамериканската заедница, постигнувајќи (од нејзина гледна точка) неверојатен успех. Така, денес, во Њујорк,над 40 проценти од абортираните деца се Афроамериканчиња, а 31 процент се Хиспаноамериканчиња. Го правам ова отстапување од темата свесно, за да лево-ориентираните поддржувачи на абортусот научат нешто за зачетокот на идејата која денес толку интензивно ја бранат.

Но, да се вратиме на тврдењето на Мирка дека САД сакаат да го десеткуваат светското население. Ако е тоа навистина американскиот план, тогаш САД се најнеспособната имеприја во историјата на империите. Од Втората светска војна до денес бројот на жители на планетата се зголемил од 2,5 милијарди на околу 7. Од 1974 година, кога Кисинџер решил да не истреби, бројот на жители е скоро удвоен, а порастот е особено голем во сиромашните, а богати со ресурси држави. Уште полошо, од почетокот на глобализацијата и отворањето на Кина и други долго време затворени пазари за светската трговија, стотици милиони Кинези, Индијци, Виетнамци и Јужноамериканци, па и по некој Африканец, излегоа од сиромаштија. Место животите да ги минуваат бавејќи се со екстензивно земјоделие, денес имаат струја, каква-таква вода за пиење, ако не скапана тојота, тогаш барем некое томосче, и трошат јаглен и нафта, јадат месо и пијат кока-кола.

Не само што оваа експлозија на бројот на жители на планетава се случува контра планот на Кисинџер, напротив, САД и злобните корпорации како Монсанто всушност се заслужни за овој пораст на населението. САД се предводници на таканаречената Зелена револуција, во која во 1960ите години американски агрономи како Норман Борлауг разработуваат нови видови на хибридни (односно, генетски модификувани) житарки кои се поотпорни на болести, имаат неколкукратно поголем род, подебели стебла да го издржат тој род, и овозможуваат по неколку жетви годишно, удвојувајќи или утројувајќи го производството на храна во светот. Агенцијата УСАИД, која за жал во последно време се умислува дека нејзина основна дејност е да инсталира лево ориентирани пубертетлии на власт низ светот, сепак се занимава(ла) и со корисни работи, па успева да ги прошири овие модификувани видови жито и ориз низ Индија, Пакистан, Мексико, Филипините во 1960ите и 1970ите години, доведувајќи првин до искоренување на гладта во овие земји, а потоа и поткрепувајќи го брзиот раст на населението. Денешните демонстранти против ГМО храните треба да имаат предвид дека веќе израснале со модификувани, американски хибридни видови на житарки.

Работната рака во земјите во развој, ослободена од примитивното земјоделство се сели во градовите, со што се поттикнува подемот на индустријата, што секако води до интензивно трошење на нивните енергенси, и натпревар на земјите во развој со САД и Европа за овие енергенси. Сепак, ние не гледаме дека ни се случува енергетска катастрофа. Светот минува низ една голема нафтена криза, во времето кога е и пишувана студијата која ја цитира Велиновска, но таа е резултат на вештачки воведено ембарго од страна на неврзаните, социјалистички земји на ОПЕК против САД, поради Израел и Јом Кипурската војна. Во меѓувреме САД изнајдоа нови начини да одговорат на проблемите поставени од студијата на Кисинџер. Покрај нуклеарната енергија, која е безмалку неисцрпна, новите технологии за користење на нафтените шкрилци и хоризонталното дупчење и фракирање доведоа до тоа Северна Америка денес да е во целост самодоволна во производството на нафта. И покрај тоа, иако бензинот во САД е скоро двојно поефтин отколку во Македонија, додека платите се троа повисочки, сепак јас имам впечаток дека на автопат во САД секој втор автомобил е Тојота Приус, кој произведува струја додека сопира и троши одвај неколку литри бензин на 100 километри (добро, обично веднаш до него вози некој СУВ тенк кој па троши кило бензин само да се запали).

Но, ете, бројот на жители расте, сите заедно живееме во просек побогато и  подобро отколку било кога порано (со заслужениот исклучок на Грците), а кризата со ресурсите е не само надмината туку и заборавена. Дури и левичарски еко-воин како Џорџ Монбиот мораше да признае дека приказните за недостиг на нафта се будалаштина, и дека има доволно нафта да ја испржиме планетата, кога би успеале да направиме доволно голема фритеза (http://www.theguardian.com/commentisfree/2012/jul/02/peak-oil-we-we-wrong). Идеолошката војна која ја водиме денес, десницата против левицата, е да им се дозволи и на сиромашните земји во светот во целост да ги користат своите ресурси, да горат јаглен, нафта и природен гас, да копаат и топат метали и си ја обработуваат земјата интензивно со современи култури, ѓубрива и пестициди, за да го достигнат нивото на животен стандард на западните земји. Западната левица се противи на изградбата на термоцентрали во Кина, или на Косово, се противи дури и на изградбата на две хидроцентрали во Македонија (од кога хидроцентралите се проблем за животната средина?), се буни против плантажите на палми во Индонезија, а не сака ниту јаглени термоцентрали во американските Апалачки планини или пак нуклеарни централи во Германија (на што Путин им вели спасиба на германските екологисти). Погледнете само како се свртеа работите, левицата се бореше да ги избрка западните експлоататори од Третиот свет, наводно за Африканците и Јужноамериканците сами да господарат со своите природни богатства, за денес да им забранува на овие сироти земји воопшто да ги користат своите ресурси.

Значи, можеме да веруваме дека САД имаат стратегија за десеткување на населението, или можеме да погледнеме од прозорец или да сурфнеме на интернет страницата на ЦИА каде детално се бележи порастот на населението низ светот. Но, ако веќе зборуваме за политики за десеткување на населението, мене на ум ми паѓа една која вистински постои, и се спроведува, и има елиминирано околу половина милијарда граѓани. Оваа стратегија за требење на луѓе е спроведувана во главната БРИКолаж држава – Кина. Екипа составена од кинески комунисти и западни еко-левичари има дојдено до заклучок дека Кина треба да има помалку од милијарда жители, и таа цел ја постигнува со принудни абортуси, високи парични казни и политички казни за луѓето кои ќе се дрзнат да родат второ дете. Ок, кинеските комунисти не се сосем бездушни, и дозволуваат родителите да родат второ дете ако првото им се роди со некој хендикеп. Или ако платат мито. Или ако мајката отиде да се сокрие некаде на село додека не го роди детето, по што најверојатно нема да го убијат туку само ќе ја натераат да плати висока казна. Е тоа е држава која навистина спроведува стратегија за контрола на населението и негово десеткување. Навистина немам зборови да ја опишам мојата згрозеност од оваа политика, како ни да ја опишам дволичноста на било кој мислечки, начитан човек кој оди наоколу и прашува Слушнавте за Фергусон?”, а не спомнува ниту збор за оваа жива рана на совеста на човештвото.





КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани