Љубомир Цуцуловски - ШЕГАЧЕЊА
  Објавено на
share

 

ШЕГАЧЕЊА

Македонскиот премиер го посети бугарскиот премиер. Одлучиле, помеѓу другото, некои празници заеднички да се прославуваат и да се споделуваат, бидејќи Бугарија и Македонија имале иста или слична историја, макар што не ми е јасно што Бугарија има со Крушево или со Илинден. Но, кој прашува народ? Затоа, наредниот чекор, покрај промената на името, би требало да биде взаемно и добрососедско споделување на сопругите, односно сопрузите, заради градење на взаемна доверба, бидејќи била една сопруга, била друга сопруга, се сведува на исто – сопруга е сопруга! Но, затоа, фашизмот не е фашизам, ниту окупацијата е окупација. Размислувајќи за овие можности, се сетив на мојата сказна „За Макенците и Буганците“. Ја приложувам во скратена форма.

„Постоеле два народа: Макенци и Буганци. Дел од Буганците сметале дека Макенците не се тоа што се, туку дека се Буганци. Умерените Буганци не се сомневале во постоењето на Макенците. Меѓутоа, сметале дека интересно е нивното потекло, односно нивната етногенеза. Сметале дека Макенците некогаш биле Буганци кои, со време, станале Макенци. Притоа, овие Буганци се поделиле. Едни сметале дека Макенците веќе не се Буганци и дека тој факт треба да се прифати. Другите Буганци, од „фактот“ дека Макенците биле Буганци, заклучувале дека Макенците се однародени Буганци. Затоа, сметале дека треба да се вратат кон матичното стадо, односно кон Буганците. Сепак, Макенците се чувствувале онака како што единствено можеле да се чувствуваат, бидејќи не биле ништо друго освен Макенци, ниту, пак, чувствувале потреба да го докажуваат своето постоење. Зарем нештата што постојат имаат потреба да го докажуваат своето постоење? Ако некој не го признава нивното постоење, тоа не е проблем на нештата, туку на оној што не ги признава нивното постоење.

Во моменти на заеднички средби, кога Буганците го доведувале во прашање постоењето на Макенците, Макенците умееле мудро да одговораат на буганските забелешки. Некои чешит Макенци условно, што значи хипотетички, прифаќале дека се Буганци. Меѓутоа, продолжувале со своето шегачење, ако Макенците се исто што и Буганците, тогаш и Буганците се исто што и Макенците, односно дека Буганците се Макенци, но без свест за својата макенска природа. Бидејќи, пак, Буганија се наоѓа источно од Макенија, следи дека Буганците се Источномакенци. Затоа, ќе треба да се вратат кон своите макенски корени, како што и сn4; на овој свет се враќа таму од каде што потекнало. Други Макенци, склони кон иронизирање, од ставот на Буганците за нивната етногенеза, извлекувале чудни, но логични заклучоци. Ироничните Макенци сметале дека сите суштества, вклучувајќи ги и Буганците, не се ништо друго освен амеби. Некои иронични Макенци оделе дотаму што тврделе дека сè во светот може да се сведе на минерали, бидејќи ако на работите се гледа како што гледаат некои Буганци (дека Макенците по потекло се Буганци) тогаш мора да се почитува фактот дека луѓето потекнуваат од човеколики мајмамуни. Човеколките мајмун потекнуваат од други мајмуни, кои потекнуваат од... На тој начин, ќе се стигне до амебите. Според тоа, иронизирале Макенците, сите живи суштества се амеби, меѓутоа без свест дека се амеби. Амебите, пак, се составени од минерили. Според тоа, сn4; на овој свет е минарел до минерал. Покрај ироничните Макенци, постоеле и цинични Макенци. И тие, условно, прифаќале дека потекнуваат од Буганците. Според нив, ако се прифати тезата дека Макенците потекнуваат од Буганците, тогаш Буганците ќе мораат да се соочат со непријатни заклучоци. Односно, дека дел од нив, благодарение на историскиот развиток, еволуирале во Макенци, додека другиот дел останал тоа што се – Буганци. Тоа би била историска стагнација. Или, во полоша варијанта, историска инволуција – додавале.

Така спореле Буганците и Макенците. Оттогаш изминале векови, но сеќавањата за нив се задржале. Притоа, Макенците си живееле и се чувствувале како Макенци, бидејќи тоа и биле. Како работите понатаму се развивале, не ми е познато. Меѓутоа, секогаш кога ќе се сетам на оваа сказна заклучувам дека некои луѓе, кога немаат што да понудат, или не можат да го оправдаат своето постоење, тогаш посегнуваат по празни и лажни сказни, како сказната за заедничка историја, на пример. Тешко на оние, кои немајќи ништо во себе, смислата ја бараат надвор од себе.“
(Објавено во мојата книга „Разни сказни“ од 2002, стр. 142-146.)




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани