Заедничка историја
  Објавено на
share

ЗАЕДНИЧКА ИСТОРИЈА. Во понеделникот (19.06.2017) Зоран Заев, во духот на секој полуук автократ, изјави дека од македонските учебници ќе биле отстранети сите делови во кои се говори за бугарската реокупација на Македонија, без претходно да се консултира со било која македонска научна или образовна институција, почнувајќи од Институтот за национална историја, па до МАНУ. Едноставно, човекот така одлучил – и, точка! Можеби некого ќе го збуни мојата употребата на терминот „реокупација“. Меѓутоа, овој термин не го употребив случајно, бидејќи Македонија претходно (во периодот меѓу двете Светски војни) беше под српска окупација, во рамките на Кралството Југославија. Според тоа, влегувањето на бугарските трупи на тлото на Македонија (1941) значеше само замена на една окупација (српска) со друга (бугарска и фашистичка) окупација. Меѓутоа, за апартната особа Заев ниту постоела бугарска окупација, уште помалку постоела бугарска фашистичка окупација, макар што Царството Бугарија беше дел од тројната оска. Наедно, овој „велеучен“ човек истакна дека македонската и бугарската историја биле блиски. Би можело да се рече дури и идентични. Затоа, некои историски празници ќе се славеле заеднички.

Сè би било во ред, кога не би постоела една „мала“ фалинка. Имено, ако се тврди дека историјата на Македонија и историјата на Бугарија се испреплетени и дека, во оваа смисла, секоја претставува дел од другата, тогаш ред е да се квалификува/оцени секој дел, односно период од таа историја и да се види кој каква улога имал во неа. За да бидам појасен, ќе се послужам со едноставен пример. Секако дека Адолф Хитлер е дел од греманската историја, како што нејзин дел е холокаустот, анексијата на Австрија, окупацијата на Чехословачка, како и започнувањето на Втората светска војна. Ако се избрише кој било период/дел од овие настани, се брише и дел од германската историја. Во тој случај, историјата на Германија би била прикажана нецелосно и осиромашено. Затоа секој дел, секој период низ кој минувала Германија мора да се смета како неделив дел од нејзината историја. Но, од ова не следи дека претходните настани немале фашистички карактер. Така е и со историјата на Бугарија – дел од нејзината историја е фашистичката окупација на Македонија, како што и дел од историјата на Македонија е нејзиното окупирање од страна на фашистичка Бугарија. Овие две истории, на одреден начин, навистина се дел од една историја. Но, од тоа не следи дека Бугарија во еден период од својата историја не извршила окупција на Македонија, како што и не следи дека Македонија не била окупирана од Бугарија, макар тоа и не одело во прилог на добрососедските односи, сеедно што на овој план не гледам никаква колизија.

Накусо, вистината (или Вистината) не може да биде жртвувана во името на добрососедските односи. Напротив, добрососедските односи го налагаат констатирањето на фактите, како и признавањето на Вистината. Сè друго е само празна и лажна сказна.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани