Алдо Климан
БУГАРСКО-ЗАЕВСКИ ДОГОВОР - ЗБОГУМ НА СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА
Мементо за македонската независна политика
Македонската автентична, независна национална политика штотуку доживува целосен домашен и меѓународен морален и практичен крах, банкрот и срамотно самопоништување. Всушност, нејзе веќе ја нема. Се разбира, доколку под автентична политика не се подразбира политиката на најидиотско и најмизерно велепредавство, или пак политика на меѓународно и домашно парламентарно и кулоарско куртоазно гланцање јајца.
Погледнете што ни остана од нашата национална политика: само бледо политикантство без вистински лидери, политика без страст и смртна љубов кон татковината. Ја снема душата на онаа изворна национална политика од која бувта неспитомлива енергија и исконски порив да се зачува единствениот и на светот најважен сопствен дом, татковината, во нејзината најдлабока интегрална национална димензија и со единствената нејзина можна смисла како народносна кохезиона центрипетална сила. Останавме без онаа величествена и храбра политика на нашите славни македонски првенци од минатото, политика на уверени и непоколебливи патриоти што со името на татковината на уста умираа за да ни ја зачуваат до денес Македонија како капка роса на дланка.
А ние, токму спротивно на сета крајна драматичност на овој тежок национален и историски момент, еве, благодарение на нашата безлична, безоблична и безбојна политика, политика без едра и без компас, заталкана во илузии дека најкомплицираните нешта некако со текот на времето сами ќе си се решат, можеби по овие или оние (добиени) избори, ние нашата најмила мајчичка, измрцлавена, напуштена и во партали, осамена, снеможена, премалена и понижена од непрестајни и непристојни надворешни атаци и грабежи и, што е најстрашно, од внатрешните ступидни македонски идеолошко-политички лудила и предавства, само така како сираче им ја туркаме в раце на груби и дрски странски предатори, бесчувствителни политичари со голема и јасно искажана исконска страст, омраза и презир кон нас Македонците како народ.
На 1 август, спроти најголемиот и најсвет македонски национален празник Илинден, во Скопје, пред очите на целиот македонски народ и пред лицето на целата светска јавност ќе биде потпишан најмизерниот меѓународен предавничко-освојувачки документ кога и да е потпишан во долгата и славна историја на Македонија. Од македонска страна, без да му трепне око, ќе го потпише бедниот предавник и криминалец Зоран Заев и со бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе изврши примопредавање на целокупната македонска културна и национална историја и на нашиот национален идентитет, и ставање под бугарска политичко-квазиисториска ингеренција.
А што направи опозицијата да го оневозможи тој страшен предавнички чин? Со бледникави изјави и соопштенија од неколку реченици, повеќе насочени кон тоа да не се изгубат потенцијалните гласови на наредните локални избори, одошто од уверение дека треба громогласно, енергично и недвосмислено да ги испрати „во мајчина” сите учесници и заговорници во тој голем меѓународен злостор и домашно велепредавство, во тоа извршување на смртната казна над Македонија и ставање крај на нејзиното постоење, ирешително да го повика македонскиот народ со сета сила и на секој начин тоа да го спречи, а тие опозициони лидери храбро да застанат на негово чело.
„Па зарем да се бунтува народот?” – ќе рече некој.
Не, господа, не треба да се бунтува народот. Тој е доволно длабоко разочаран и несреќен и јасно му е што се случува. Но народот не е официјално организирана политичка сила. Народот е само маса за тепање и апсење, маса за кривоклетно обвинување, влечкање по притвори, судење и осудување, особено со ваква власт каква што ја имаме во моментов. Но затоа народот има свои политички партии и политички лидери кои треба да говорат од неговата душа и од неговите мисли во негово име, и вербално но и со говорот на енергични и недвосмислени политички постапки, со јавни собири и жестоки протести. Се плашат ли нашите опозициони лидери дека некој од анемичните европски политичари, дипломати и амбасадори ќе им замери дека се мешаат во официјалната политика на државата, или можеби стравуваат да не бидат исвиркани од своите разочарани граѓани и партиски членови? Во вакви пресудни историски моменти треба да се биде поголем од себеси и, доколку е потребно, да се издржат и најтешки меѓународни осуди, па и исвиркување од сопствениот народ, но мора да му се овозможи на самиот народ и на тој начин да се чуе неговиот глас, зашто во спротивното на тие (не)актери им следи отсвиркување од политичката сцена. А ако некому тоа му се чини претерано и невозможно - бескрајно се лаже! И ова што сега се случува, ова тивко предавање на највалканата и најступидно, кукавички прифатена бугарска окупација на Македонија без ниеден „истрелан емотивен куршум” - и тоа е брзопотезно и мачно самоотсвиркување од македонската политичката сцена.
Зашто, искрено, што воопшто слушнавме од најголемата опозициска партија и од нејзините лидери додека ни се случува сево ова надреално предавство и препуштање во рацете на судбината и на туѓинците: само бледникаво повторување пред партиските микрофони дека договорот во суштина е добар и оти таков договор со Бугарија ни е потребен, но би требало малку да се поправи во делот кој се однесува на македонските државни и национални интереси, и дека секако би требало да се објави за да можеме сите да го прочитаме. И на Заев толку му требаше, пет минути цинична работа: го објави таков каков што го напишал самиот тој со својот предавнички компањон Никола Димитров, и според зборовите на бугарскиот крвен мрзител на македонскиот народ Красимир Каракачанов, самиот Заев и' го понудил на бугарската страна која немала никакви приговори и забелешки, туку само помогнала договорот да се довообличи во интерес на Република Бугарија. И свршена работа! Еве ви го текстот, ни порача Заев со својата постапка, читајте си го, забавувајте се со толкувања на неговите членови, параграфи и алинеи. Кој ве е... На 1 август јас ќе го потпишам, а вие правете што сакате. А опозицијата и нејзините лидери, и тоа главно од втор план, само млако продолжија да си го повторуваат истото дека всушност се' е во ред и оти таков договор имено ни е потребен, освен малку да се поправи во делот кој се однесува на националните интереси. Замислете, го слушнавме дури и ова: ок, Бугарите го добија тоа што го сакаа, а сега, во периодот што е пред нас треба дипломатски да работиме врз тоа договорот да го поправиме, па и ние да го добиеме она што е во интерес на Република Македонија. Катастрофа до катастрофа! Бесмислици до бесмислици!
Така не зборуваат вистински лидери и претставници на автентична и независна, автономна национална политика додека од песокта во песочниот часовник останаа уште само неколку судбоносни зрнца песок. И крај! Чекајќи го бавното, жешко, напорно и растегнато, заморно лето, времето истече во политикантски дрдорења и пелтечења за тоа на кој начин би можел да се сфати и да се разбере овој член, или како би можел да се одрази оној член од договоротврз политичката положба на Македонија во соседството и во светот.
Не, опозицијата требаше да стори се' да и' ги сврти цревата на влста да не донесува таков документ, онака како што Заев и неговиот бескрупулозен без'рбетен владејачки тим ни ги сврте нашите национални црева, ни го поништи и ни го уништи националниот живот и идентитет, и нашето национално достоинство, и тоа сосема опуштено, лежерно, без возбуда, без каква и да е пречка, без доживеан вистински политички отпор, тивко, без воопшто официјално да отвори јавна парламентарна и било каква друга дебата за тежината и значењето на содржината на договорот, без да и' одговара на македонската јавност и воопшто било кому. Зарем тоа и такво нешто е допустливо и прифатливо?! Во која и да е друга цивилизирана земја, Франција, Германија, Италија, Велика Британија, па и во оние со многу пониски цивилизациски стандарди, таков премиер, сликовито речено, „би летал на клоци” од премиерското столче, па и од државата. Срамота!
Заев како што дојде - така требаше веќе и да си оди, зашто веднаш јасно се виде дека по најкратка постапка не' води во општонационална смрт и исчезнување, особено со итното потпишување на овој апсолутно непотребен и за Македонија ужасно штетен бугарско-македонски договор за соработка. Глупостите околу божемната голема помош од страна на Бугарија на Република Македонија во евроатлантските интеграции е чиста флоскула. Доволно е само да кажеме дека Република Бугарија се наоѓа на најцрното дно во Европската заедницаво поглед на раширената и неспитомлива корупција и непочитување на правната држава, а тоа е најважната ставка од европската пристапна агенда за сите потенцијални членки на ЕУ.Зарем тоа ќе го учиме од нив? На Македнија таа школа за корупција и за узурпирање на власта воопшто не ни е потребна, и особено не на Заев. Тој за тоа може да им бидеквалитетен експертски советник и учител на Бугарите.
А за каков Договор воопшто станува збор?
За документ што недвосмислено во правна смисла пред меѓународната јавност ја испишува смртта на македонскиот народ, на македонскиот јазик, на македонската национална култура, на македонската национална историја; смрт на македонското национално малцинство во Република Бугарија, смрт на нивните македонски здруженија, смрт на нивниот печат и други видови зачувување и афирмација на националниот и културниот идентитет, смрт на нивните медиумски и човечки права и слободи - но овојпат со официјален благослов на македонската држава. Меѓу другото, тој договор отвора и бескрајни можности агресивната и ангажирана бугарска дипломатија на разни начини, со разни притисоци и постојани ноти да работи врз поништувањето, или барем врз радикална промена во негативна насока, на статусот на македонските друштва, здруженија и други организацији низ светот, и особено во земјите на Балканот.
Посебно морбидно и загрижувачко во договорот е она што можевме да го заклучиме и од дрските закани на Борисов дека тој документ значи и бескрупулозен атак и мешање во медиумските слободи и во слободата на мислењето во Република Македонија, што ќе бидат грубо контролирани и по потреба санкционирани од официјални меѓудржавни бугарско-македонски надзорни тела, што сегашнава диктаторска власт со задоволство ќе го спроведува, и тоа по кратка постапка, со подметнувања, лаги и воведување потенцијално сериозно казнив вербален дилект.
Бугарско-заевскиот договор натаму значи дека не се признава ништо македонско се' до одлуките на АСНОМ, а токму во тој долг претходен столетен период е содржано сето она најсуштинско, највитално и најважно што ни овозможи да си создадеме своја национална држава Република Македонија. Со договорот се официјализира и се легализира правото на бугарската ограбувачка шепа да си стои врз нашата народна Преродба, врз имињата на нашите најголеми просветители, учители и борци за слобода, борци за афирмација на нашата народна и културолошка посебност и идентитет и борци за втемелување на сопствена македонска држава. Погледнете го само ова: македонските народни песни и ора не се создадени по одржувањето на првото заседание на АСНОМ. Тоа неизмерно големо и оригинално македонско национално богатство, создавано низ вековите и создадено на македонски јазик и врз основа на специфичниот македонски народен мелос, познат и признат низ целиот свет, со договорот, на неколку странички валкана предавничко-освојувачка хартија им го даруваме на оние што бесрамно отсекогаш си го припишуваа за свое. Да, точно е, го правеа тоа и порано, но што и да речат, имаа и постојано оправдано чувство на крадец! Инаку зошто сега толку опиено би се радувале и би ликувале? А Заев со договорот, им вели, еве ви,господа, носете, сето тоа е ваше, правете со тоа што сакате, нам ни се важни само наднационалните НАТО и евроатлатски интеграции... кои ќе започнат и ќе се спроведат многубргу, речиси веќе утре. А јас, простете, народски додавам: тикви со расол!
И така нашиот национален пат во односите со Бугарија од непризнавање до негација и од негација до бришење, сега дојде до својот крај, до овој беден крај на кој не гледаме ниту едно значајно, големо македонско политичко лице, ниту еден каризматичен, голем, храбар и решителен лидер на македонскиот народ кој, ако ништо повеќе, би ни останал за иднината како симбол на надеж и верба дека над Македонија ќе се роди ново сонце на слободата.