Моето име е РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
(REPUBLIC OF MACEDONIA)
По повеќенеделни најавувања, во Скопје стасува грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас. Според добриот стар дипломатски обичај во светот, очекуваме високиот гостин од Грција да научи барем два збора на македонски јазик, а, се разбира, за нас Македонците најубави и најсакани зборови се Република Македонија.
Имаме навистина многу причини да се надеваме дека господин Коѕиас ќе ја надрасне официјалната политичка тесноградост на својата земја и ќе го направи тој „мал чекор за него а голем за човештвото” и ќе научи да го изговара тоа - Република Македонија, бидејќи самиот тој остава впечаток на цивилизиран, модерен, отворен и добронамерен Европеец, кој многу добро знае дека името, татковината, твојот народ и твоето семејство ти се се' на светот. Така и нам нашето име Македонци, името на нашата татковина Република Македонија и името на нашиот македонски народ, вклучително и претставниците на македонското национално малцинство во соседните земји, па се разбира и во Република Грција ни претставуваат најсвети национални вредности со кои се гордееме, се грижиме за нив и ги чуваме како капка вода на дланка.
Еве, господине Коѕиас, обидете се да го изговорите ова, едноставно е: Република Македонија, Република Македонија, Република Македонија. Лесно се учи и прекрасно звучи!
Сегашниот престој на министерот Коѕиас во Скопје е извонредна можност да се доближиме само на педа до признавањето на официјалното уставно име на Република Македонија од страна на Република Грција и, во рамките на тој договор меѓу двете држави, нашиот јужен сосед конечно да го признае и македонското национално малцинство во Егејскиот дел на Македонија со сите човечки права загарантирани со Повелбата на Обединетите нации, вклучувајќи ја и слободата на употреба на својот мајчин македонски јазик и на своето национално име Македонец, Македонка. Се' што би било помалку од тоа не би било задоволително за еден негов вака важен престој во Република Македонија.
За жал, морам да признам дека егзалтацијата малку ми спласна кога ја видов веста на балканската новинска агенција ИБНА дека наместо договор за конечно признавање на Република Македонија под нејзиното уставно име, од министерството на господин Коѕиас пред неговото доаѓање наеднаш почнаа нешто да тргуваат со ситни, чаршиски работи како кога се пазариме кај нас во нашата стара чаршија или во некое зафрлено дуќанче на периферијата на Солун: те македонските ракометни репрезентативки носеле дресови со натпис „Македонија”, те македонскиот конзул во Торонто Палешевски говорел пред картата на „Голема Македонија”.
Прво, сосема е нормално македонските ракометарки да носат дресови со натпис „Македонија”. Па нема белки да пишува „Зелено'ртски острови” или „Мартиник”. Тоа е репрезентација на Република Македонија и се разбира дека на своите дресови девојките гордо ќе го носат и низ светот ќе го афирмираат и слават името на нашата татковина Република Македонија. Колку што мене ми е познато ниту нашето министерство за надворешни работи не побарало грчката ракометна репрезентација на дресовите да носи натпис „Казабланка” или „Мадагаскар”. Ако случајно побарало - е тогаш тоа е за секаква осуда. Тогаш и вие, господине министре, би имале право да се лутите. А вака, доколку агенциската вест од Атина е точна, тоа се најобични детски глупости, далеку под нивото на еден префинет министар за надворешни работи на така угледна европска земја како што е Грција. Освен тоа, и ова што младите грчки ракометарки го напуштиле турнирот, па и тоа не треба да им се забележува. Тоа се пубертетски години, лоши оценки во школото, можеби и младешки љубовни маки. Ние во Република Македонија им го простуваме тоа и се надеваме дека на следниот турнир што ќе се одржи кај нас ќе го стават во преден план своето спортско достоинство и нема да се мешаат во глупите работи на возрасните како што е здодевната и злобна политиката.
Околу ова другово, пак, со картата на Македонија во Торонто, за тоа господин Коѕиас веројатно од некого злонамерно погрешно е информиран. Не можам да сфатам зошто третите страни секогаш сакаат да ги скараат најблиските добри соседи што се сакаат и што заемно се почитуваат! Значи, министерот Коѕиас нека си спие мирно и воопшто да не се вознемирува и да не се грижи кога ќе види такви призори како тој во Торонто, и тоа не само по македонските амбасади и конзулати низ светот, туку и насекаде каде за тоа ќе се укаже културолошка потреба. Такви ситуации ќе има уште многу. Ќе има и изложби на старите мапи на кои Македонија од најстарите времиња од разни врвни европски и светски картографи секогаш е прикажувана во истите свои историски, географски и етнички граници. Затоа во случајот од Торонто воопшто не станува збор за никаква карта на „Голема Македонија”, не дај Боже, туку за обична историска карта на Македонија, а Македонија тогаш навистина беше голема земја, се' до Балканските војни во 1912 и 1913 кога, како што веројатно многу добро знае и министерот Коѕиас, беше немилосрдно парчосана и поделена помеѓу Бугарија, Србија и Грција на која тогаш и' припадна околу 66% од нејзината историска, географската и етничка територија. Тоа се само факти што времето и' ги предаде на историјата, и ништо повеќе. Верувам дека министерот од таков европски ранг ќе се согласи дека македонскиот народ има право да ги негува своите најтажни спомени на откраднатата татковина, на уништените домови, на раскопачените гробишта, на најтешките семејни спомени, на денационализираниот и нехумано избркан, раселен македонски народ од Егејскиот дел на Македонија. А најдобра илустрација за тоа секогаш се старите карти на Македонија на кои се гледа сета слава и достоинство на нашата татковина што бесните меѓународни интриги и грабежи ја сведоа на тоа денес околу неа и нејзиното славно име да се води ваков беден чаршиски муабет како меѓу продавачи на семки, кикирики, туткал и мачкини влакна. И тоа е се'. Па зарем ќе си дозолиме да бидеме на такво бедно ниво, господине Коѕиас?
Наместо таквиот апсолутно погрешен и приземен пристап, ви сугерирам грчкото Министерство за култура веднаш да издвои средства за печатење на грчки јазик на импресивниот тритомен „Атлас на населените места во Егејска Македонија” од Тодор Христов Симовски, едно навистина епохално дело кое до најситни подробности ги систематизира, ги опишува и ги толкува тие историски и демографски процеси во Егејскиот дел на Македонија, а ова нека биде можност да ги поттикнам и нашите македонски читатели оваа книга секако да ја земат в раце, за подобро да си го запознаат и тој дел од нашата драматична и тешка историја.