Македонскиот опиум меѓу двете светски војни
Привршувајќи ги истражувањата во Архивот на Југославија наидов на фељтонот „Комитите; или тероризмот на Балканот“ на францускиот публицист Албер Лондр од 1932, кој е објавен во водечките париски весници, а кој, со обѕир на изразито пројугословенските ставови на авторот, е преведен и од тогашната белградска Политика. Се работи за текст заснован на „теренско истражување“ на Лондр кој извесно време минува во Бугарија во желба да ги открие механизмите за финансирање на ВМРО. Еден од неговите главни заклучоци ми послужи како мотив да го истражам прашањето на опиум и во меѓувоена Југославија.
Не ми требаше многу време за врз основа на достапните податоци за производство и извоз да пресметам дека производителите на опиум во Повардарие меѓу двете светски војни задоволуваат 43% од побарувачката на глобалната легална преработувачка индустрија, дека подоцнежната југословенско-турска соработка покрива 80% од светските потреби! Она што посебно ме интересираше беше политичкиот контекст во кој се одвива производството и трговијата од такви размери, при што треба да се има предвид дека се работело за најнеразвиеното подрачје на Југославија. За македонскиот опиум и одгледување мак нема некои аналитички трудови во историографијата (ако ги изземеме маргиналните осврти на монополската политика) што беше дополнителен стимул.
Од пушка на тиквешка земја
Благодарејќи на геолошките предиспозиции на македонското земјиште и специфичната клима одгледувањето мак уште на почетокот на 19-от век станува перспективна дејност во која Турците го гледаат „скратениот пат“ за економското стартување на Македонија и зголемување на рентабилноста на турските поседи. Првиот мак е посеан во 1835 во околината на Штип, а анегдотата е дека семето мак е донесено на цевка од пушка. Како први одгледувачи на мак се споменуваат кочанскиот барјактар Абдул Хешн Халил и извесен Али Симон Заде кој го посејува првото семе во Кавадарци.
Во 80-те години на 19 век селаните во штипскиот крај по инструкции на солунските трговци го одгледуваат растението, го собираат катранот и добро го наплаќаат. Веста за чудната билка брзо се шири, па котлината на Тиквеш брзо побелува од непрегледните полиња со цветови. Имајќи предвид дека македонскиот подвид на мак настанал со вкрстување на бел и виолетово-сив мак, многумина заклучуваат дека кај садењето на првите експериментални полиња активно учествува и некој експерт. Добрата страна на одгледување мак се огледува и во тоа што по неговата жетва може да се засее и уште некоја култура, па во иста година од ист простор да се добијат две жетви.
Првите статистички податоци зборуваат дека во 1880 во долината на Вардар произведени се 70 тони, дека само во 1893 преку солунското пристаниште се извезени 19 тони, а дека следната година производството достигнува 79 тони сиров опиум. Во тогашната Отоманска империја само на просторот на Повардарие се одгледува 28% од целокупното турско производство, иако уште тогаш е забележана навиката на производителите тежината на стоката да ја зголемуваат со разни додатоци, со додавање на пржен леб, жолчки и слично.
Зоната на одгледување опиум во југословенското кралство зафаќа 14.000 хектари во 40 општини на Повардарие. Македонскиот опиум благодарејќи на погодното тло и речните наноси бил меѓу најквалитетните во светот бидејќи содржел 14-16% морфиум. Колку за споредба, кинескиот имал вкупно 3 до 5 проценти морфиум. Францускиот ботаничар Емил Перо за време на својот престој во Скопје изјавил дека „макот од Јужна Србија дава најдобар опиум“, па не е ни чудно што е толку баран во Франција, Германија и Швајцарија. Најголем процент на морфиум содржи опиумот одгледуван во околината на Кавадарци, Струмица и Велес, додека нешто посиромашен е во прилепскиот и кочанскиот крај.
Покрај опиумот, од макот се добива и масло за јадење. Одгледувањето мак бара добра подготовка на земјиштето но и прецизен „тајминг“ и стриктно придржување до роковите: од сеење на крајот на август, и разретчувањето на почетокот на март, до прашење на растенијата кон крајот на март и засекување на чаурите на почетокот од јуни. Производствените трошоци за оваа култура изнесуваат околу 5.000 динари за еден хектар од кој се добиваат 10-20 килограми опиум. Освен законските ограничувања (за кои ќе стане збор) приносите од макова смола периодично се слаби и заради лошите климатски услови и наезда на скакулци.
Откуп во рацете на политичката елита
Опиумскиот оддел на Привилегираното извозно друштво (ПРИЗАД) со седиште во Белград беше задолжен за откуп на опиум од македонските произведувачи. Експертизата на почетокот е вршена во Белград, се додека хемиската лабораторија при скопскиот Институт за тропски болести не е оспособена да издава валидни извозни сертификати.
Според тврдењето на софискиот весник Македонија, основањето на споменатото привилегирано друштво имало за цел целиот извор за земјоделски производи (вклучувајќи и опиум) да го стави во државни раце. На чело на неговата скопска филијала е белградскиот трговец Давидовиќ, а во управата седат амбициозниот колонист и новопечен индустријалец Бошко Жерајиќ, контроверзниот директор на Сојузот на аграрни задруги Васо Шалетиќ, трговецот и политичар Милан Чемерикиќ и призренскиот „србоман“ Патрногиќ. Секторот за опиум формално го раководи Димитрие Крајничанац меѓутоа сите одлуки се носени без негово знаење, вклучително и таа дека целиот опиум со пазарна вредност од 80 милиони динари да се откупи од македонските производите за вкупно два милиона!
Покрај таквите махинации, секој експерт на Друштвото добивал по 2% од прометот, покрај плата и хонорари. На овие привилегирани позиции се поставувани луѓе верни на Живоин Лазиќ, банот на Вардарска бановна и министер за внатрешни работи. Според пишувањето на Македонија, токму Лазиќ ги диктира неповолните откупни цени преку своите луѓе во монополската управа.
На директните производители и трговци со опиум не им одговара паушалниот откуп, туку бараат плаќање според процентот на морфиум што тој го содржи. Наместо тоа, ПРИЗАД утврдува фиксен надомест од 200 динари по килограм што штипските производители ги присилува својот производ да го продаваат на околните пазари значително под цена. Со доаѓањето на Милан Стојадиновиќ на власт, ситуацијата донекаде се менува: на производителите им се ветени 20 динари по процент морфиум, меѓутоа истовремено им е потценуван квалитетот на опиумот. Дури и надалеку прочуениот тиквешки афион е обезвреднуван, па наводно имал само 10% морфиум. Главен виновник за лажната и „аматерска“ проценка на квалитетот на македонскиот опиум е извесен Раја Туцаковиќ, член на белградската централа на ПРИЗАД.
Женевската конвенција како ноќна мора
На иницијатива на Друштвото на народите за сузбивање на „опиоманијата“ во Женева се потпишани меѓународни конвенции за опиум (1925), за ограничување на производството и уредување на поделбата на опојни дроги (1931), како и конвенција за сузбивање на недозволената трговија со опојни дроги (1936). Конвенцијата стапува на сила кон крајот на 1928, а Југославија била една од 36-те земји-потписнички, на општо незадоволство на производителите на македонски опиум. Вистина е и дека многу земји ги прекршуваат нејзините одредби се до октомври 1939 кога на сила стапува одредбата што предвидува драконски казни за трговците и сопствениците на дроги. Инаку, од вкупното светско производство само 42% оди во медицински цели, додека остатокот е консумиран како опиум за пушење на Далечниот Исток и Северна Америка.
Белградската Постојана комисија за опојни дроги проценила дека целосната светска индустрија би можела да апсорбира 250 тони сиров опиум, а дека само во Повардарие се произведува и до 70 тони. Според тогашните статистики, на еден Кинез во просек отпаѓа по 50 грама опиум, а на Европејците по едвај четвртина грам. Едни го пушеле опиумот, други го пијат, додека некои го внесуваат преку вена „сметајќи дека тоа е поотмено и подостојно за белата раса“. Податоците на Опиумската комисија за потрошувачка на дрога во Југославија во 1930 беа следните: кока листови 30 кг или 2,2 мг. по жител; индиски коноп 14 кг (1 мг / жител), медицински опиум 143 кг (9,9 мг / жител), морфиум 67 кг (4,9 мг / жител), хероин 2 кг (0,15 мг / жител), еукодал 1 кг (0,07 мг / жител) и кокаин 25 кг (1,5 мг / жител).
***
Во Југославија пристапувањето на Женевската конвенција е примено со општо негодување. Михајо Чучковиќ во 1939 ги критикува „неетичките“ мотиви на Конвенцијата, патетично сожалувајќи ја „потта на нашиот вреден земјоделец“ која се слеваше во трезорите на европскиот опиумски картел. За него Јужна Србија без опиум е исто што и Франција без лозја, Бразил без каучук, Америка без нафта. Со други зборови „спасувањето Јапонци и Кинези од токсикоманијата која со векови владее кај нив“ не вреди за да се уништи една цела покраина.
Женевската конвенција влијаеше и откупните и продажните цени да бидат во постојан пад, како и приходите на производителите. Интересно е дека драстичниот пад на цената на сиров опиум (од 107 милиони во 1928, на 4,5 милиони динари во 1932 година) не предизвика поевтинување на крајниот производ - напротив, нивната цена е зголемена за три пати заради картелот фабрики на алкалоиди.
Од јули 1931 во скопската опиумска зона почнува трупање на опиум што не може да се извезе, така што Југославија кон крајот на летото 1935 располага со извозни количини опиум за следните четири години. Против пристапувањето на Југославија кон Конвенцијата се изјаснува и Културната лига во Скопје на чело со универзитетскиот професор Миливој Павловиќ кој смета дека опиумското прашање по секоја цена треба да се реши во корист на производителите. Вишоците сиров опиум достигнуваат и 150 тони, будејќи кај југословенските производители желба за итно откажување на Женевската конвенција. Увидувајќи ја нерентабилноста на земјоделското производство колонистите од Караѓорѓевац покрај мак почнуваат масовно да сеат и индиски коноп, меѓутоа уште за време првата жетва неговото одгледување е забрането со споменатата конвенција.
Малверзации и шверц
Во сите берби на македонски опиум меѓу 1920 и 1932 добиена се 1.029.000 кг (околу 1000 тони) чиста опиумска маса, додека во истиот период извезени се 808.505 килограми (околу 800 тони). Случувањата од март 1933 кога во притвор се наоѓаат пет членови на Управниот одбор на Стопанската банка за Јужна Србија можат посредно да укажат на тоа што се случило со остатокот од опиумот што не завршил во извоз. Во притвор е ставен и директорот на банката Р. Лајтмановиќ бидејќи е утврден минус на депониран афион од 32 тони со што Државната хипотекарна банка е оштетена за 7,5 милиони динари. Текот на опиумската афера не ги заобиколува ниту управите на Велешката и Виничката банка, па така заради тргување со измислени количини опиум од страна на филијалата на Државната хипотекарна банка во Скопје, уапсен е и Димитрие Крајничанац. Предмет на истрагата е само недостатокот од 32 тони, додека преостанатите 150 тони опиум што недостасува не се земени за разгледување. Бидејќи до судењето е пуштен на слобода Крајничанац со семејството преку Рим емигрира во Софија.
Трговските магнати во опиумскиот бизнис се изразито против монополизација на извозот. Меѓу нив предничи солунската фирма Шалома чии главни прекупци се Салватор Мусафија, Менахем Леви и контроверзниот народен пратеник Влада Пуздерлијевиќ. За овој последниот, командантот на југословенската жандармерија В. Томиќ располага со докази дека е главен нарачател на убиството на генералот Михаил Ковачевиќ во Штип во 1928 година. Како трговци на големо со опиум се јавуваат Саво Обрадовиќ и сенаторот Спиро Хаџи-Ристиќ, кој кон крајот на 1938 во Скопје со пиштол го убива еден доверител.
Имајќи предвид дека профитот на европските фабрики на опојни дроги во картелот надминуваат 400% во однос на производствените трошоци, во Турција почнаа да се разредуваат резервите и да се претвораат во опиум за пушење кој потоа е криумчарен во Кина. Вишоците македонски опиум исто така се движат по нелегални канали па југословенските граничари запленуваат грав филуван со опиум, лебови од смола на афион во охридска јагула и шарпланински кашкавал и сл. Во текот на зимските месеци на 1930-те шверцерите на опиум и тутун неуспешно се бркани и од жандарми скијачи кои се обучувани на патеките на Шар планина и Копаоник.
Југославија и Турција ги здружуваат силите
Најголемите европски производители на опиум биле Турција, Југославија и Бугарија, додека во Азија доминираат Кина, Персија, Индија и Јапонија. Имајќи предвид дека Женевската конвенција ја преполовува потрошувачката на опиум во индустриски развиените земји, и ги намалува приходите на производителите на една четвртина, се раѓа идејата за југословенско-турска опиумска соработка. Освен тоа, лошата клима, слабата берба и катастрофалниот пад на цените ја забрзуваат реализацијата на идејата.
На почетокот на април 1931 идејата за картел на државите производители му е изложена на турскиот пратеник во Белград, а реализирана е веќе во средината на истиот месец во Анкара каде што е потпишан прелиминарниот текст на спогодбата. Недоразбирање има само околу „клучот“ за учество на двата партнери. Југословенските делегати бараат една четвртина, меѓутоа компромисот е пронајден така што југословенското учество во составувањето на пратката сиров опиум изнесува 22%, додека во приходите изнесува 26%, имајќи предвид дека македонскиот опиум бил поквалитетен во однос на содржина на морфиум.
Заради одолговлекувањето на преговорите, Конвенцијата за продажба на југословенски опиум на Турција, која има цел картел фабрики за негова преработка, е изгласана во Народното собрание дури во ноември 1932. При таа прилика поранешниот четнички војвода, а тогаш актуелен народен пратеник и тутунски магнат Василије Трбиќ потсетува дека Кина, Јапонија и Египет биле против меѓународни ограничување, со тоа сугерирајќи и на Владата излегување од Женевската конвенција.
Др. Драгутин Костиќ на тоа исто место ја изнесува идејата македонскиот опиум исто како и турскиот да се извезува на Исток како опиум за пушење, со „интересно“ трговско резонирање: „Тоа, господа, не значи дека ние сакаме да го отруеме светот со нашиот опиум, туку само дека сакаме да го навикнеме на него!“ Кратко по ова утврден е клучот за учество на Југославија во извозот на опиум за пушење на Далечниот Исток, кој изнесува 14:86 во корист на турските извозници.
Не е ни случајно што најжестоките критики на ваквиот договор доаѓаат токму од југословенскиот Сенат. Споменатиот сенатор и трговец Хаџи-Ристиќ во своите остри говори повторува дека со тоа ќе им се нанесе голема штета на производителите во Вардарска бановина, и дека реалното учество на Југославија во заедничкото производство треба да изнесува 39% имајќи го предвид квалитетот на опиумот. Тој посебно е иритиран од баснословниот профит на швајцарскиот индустријалец Хофман Ла Рош (основачот на фармацевтската компанија Ла Рош) кој е остварен од препарати подготвени на база на морфиум.
Без разлика на сите овие критики, југословенско-турска соработка започнува. Во состав на мешовитото цариградско Централно биро за опиум влегуваат два турски и еден југословенски делегат, за што и по тој повод е изразен сомнеж во непристрасноста на идните одлуки. Освен тоа, Турција требало да биде една од 14 држави кои не ја ратификуваат Женевската конвенција па и во тој факт треба да се бара мотив за нејзиното влегување во соработка со Југославија.
Почетокот на работата на Централното биро е темпирано за јануари 1934 кога се очекува голем скок на цената на опиумот. Во меѓувреме, Турција под притисок на неколку моќни трговци и политичари невнимателно ги извезува сите стари залихи, меѓутоа се покажа дека на пазарот токму тие ќе бидат главна конкуренција на официјалниот југословенско-турски опиум! Овој пропуст сепак не ја намалува многу заедничката заработувачка која требало да биде искористена за откуп на новата берба. Наместо тоа ПРИЗАД македонските производители повторно ги препушта на луѓето од солунската компанија Шалома кои опиумот го откупуваат 70% под пазарна цена.
Подредената положба на Југославија во однос на Турција, во која се наоѓаат сите фабрики за обработка на опиумот, југословенското Министерство за трговија и индустрија решава да го поправи во август 1935, одобрувајќи изградба на фабрика за производство на деривати од опиум крај патот Скопје - Велес. Она што ја изненади стручната јавност е што дозволата ја доби фирма од Галичник која до тогаш се занимава со производство на млечни производи. Браќата Огњановиќ, сопственици на компанија со силни политички врски, стануваат легални производители на опојни дроги, вклучително и кокаин и препарати од индиски коноп, иако тоа не се деривати на опиум. Залудни се протестите на Хемиското друштво на Кралството Југославија што таквата работа им се доверува на нестручни луѓе, бидејќи кон средината на октомври 1936 скопскиот митрополит ја осветува новата фабрика чиј капацитет изнесува 35 тони сиров опиум, или половина од целокупното југословенско годишно производство.
Бугарски опиум и ВМРО
Како што навестив на почетокот на овој текст, опиумското прашање било подеднакво интригантно и на другата страна на порозната југословенско-бугарска граница. Имајќи предвид дека ВМРО сè до 1934 бил своевидна парадржавна творба која на својот „буџет“ има илјадници луѓе, споменатиот француски новинар и истражувач Албер Лондр заклучува дека нејзиниот механизам за финансирање е во нераскинлива врска со шверцот на дрога и тутун.
Во извештајот на директорот на Централното информативно биро за дрога, Русел паша, Бугарија е означена како центар за криумчарење на опиум, што е причина за серија текстови во југословенскиот печат во кои се ликува над официјалното разоткривање на „јавната тајна“ - дека со профитот од бугарскиот опиум е финансирано купувањето оружје за ВМРО, што своевремено го пренесува и дописникот на Њујорк тајмс од Софија. Дополнително, на удар се наоѓаат и српски политичари кои одржувале врски со челниците на ВМРО, меѓу кои и неколку звучни имиња од југот.
Инаку, во Бугарија работеле девет нелегални фабрики за дрога од кои најголемата била сместена во Радомир и била во сопственост на Методија Лазов. За вкупно 2 месеца од основањето (1932) оваа фабрика со прозаично име „Балканска производна компанија“ произвела тон и пол хероин кој потоа во куфери е шверцуван, преку некои од најголемите европски пристаништа, во САД. Оттаму и засилениот интерес на водечките американски весници за македонската герила и за трговијата со опијати. Со пласирање на синтагмата „балканска Колумбија“, која се однесува на опиумската зона на Вардарска и Пиринска Македонија, американските дописници од Балканот им го привлекуваа вниманието на рамнодушните европски функционери на ескалацијата на проблемот кој и тоа како влијаеше на Европа.
Пешчаник,
Владан Јовановиќ