Не само што не сме „единствени“, ние не сме никакви „наследници“ на Александар Македонски! - Колумна на Бранко Геровски
  Објавено на
share

 Не само што не сме „единствени“, ние не сме никакви „наследници“ на Александар Македонски!

 

Нема нужда современа Македонија да се троши на присвојување на ниту еден атом од античка Македонија. Со тоа ништо не се докажува, ништо не се добива. Само се губи. Во културно-идентитетска смисла, наследството на Филип Втори и на Александар Велики за нас Македонците е празно множество. Во секоја смисла!

Ние имаме цркви и манастири, житија и живописи пред кои здивот запира, икони пред кои светот се поклонува, светски призната мисија на основоположинците на словенската писменост, инспиративни дела на нашите преродбеници, препознатливи творби на нашите модерни автори и на нашите современици. Нашиот културен код е препознатлив во целиот свет. Не од вчера, туку со децении. Нашата македонска приказна светот ја знае.

Грчката телевизија Алфа соопшти дека Зоран Заев ги отфрлил практиките на неговиот претходник Никола Груевски и објаснил зошто не се согласува со позицијата на претходните премиери, дека „скопјаните се единствени наследници на Александар Велики“. Всушност, станува зор за најава на интервјуто со Заев. Најавата е побитна од исказот на Заев, бидејќи таа ни кажува како Грците (кои „имаат проблем со нашето уставно име“, како што Заев често на ја повторува таа фраза наследена од агитпропот на Груевски) ги разбрале него и намерите на нашата влада, за тоа до кој степен таа е подготвена да прави отстапки.

Сфаќам дека Заев има потреба на некој начин (одмерен и дипломатски, бездруго), да одговори на фактот што на Грција o7; пречи тоа што ние го поврзуваме нашиот идентитет со античка Македонија, која таа ја смета за грчка. Во една пригода, во фамозната 2008 година, кога нашата земја имаше ексклузивна прилика умно да затвори голем дел од овие отворени прашања (а постапи спротивно на тоа!), напишав дека јас лично мислам дека Грците имаат исто толку големи проблеми во присвојувањето на наследството на Филип и на Александар колку што имаме и ние, ако не и поголеми. Но, тоа сепак е нивен проблем.

Гротеска
Темата е толку сложена и во политичка смисла толку непродуктивна и нерелевантна, што и тогаш тврдев и сега тврдам дека двете страни треба да постапат рационално, да ја маргинализираат и да им ја остават на историчарите. Во културно-идентитетска смисла, наследството на Филип Втори и на Александар Велики за нас Македонците е празно множество, а приказната за нивната империја е холивудски феномен. Затоа тогаш реков дека е најблиску до умот определбата наследството на големиот војсководец да му го оставиме на целото човештво.

Како и да е, нашиот обид Александар Македонски да го заковаме во нашите национални прангии беше гротескен, како што беше и обидот на Грците да го сторат истото. Но, во Грција се најдоа и умни луѓе, кои одбија еден набрзина склепан споменик на Александар да се подигне и во Атина, градот што бил покорен од античките Македонци, кои биле Грци толку колку што морале да бидат во допир со престижната хеленска култура, која потоа ја ширеле во своите освојувања на исток).

Нема нужда современа Македонија да се троши на присвојување на ниту еден атом од античка Македонија. Со тоа ништо не се докажува, ништо не се добива. Само се губи. Ние треба да храбро и јасно да ги определиме нашите идентитетски позиции. И тука делумно не се согласувам со Заев. Не само што „скопјаните не се единствени наследници на Филип и Александар“ (ако атињаните точно го разбрале и пренеле кажаното на Заев), туку не се никакви наследници! Тоа е вистината. Нема артефакти, пишани записи, храмови и што било друго што ќе потврди дека нашите основни идентитетски белези  – јазикот, религијата, обичаите и сето она по што е сочинет амалгамот што денес го нарекуваме нација – се поврзани со империјата на Александар Велики.

Вистинските корени
Во изминатата деценија Македонија се отепа од копање за да се најдат артефакти што ќе ја потврдат нашата идентитетска врска со империјата на масовниот убиец, но ништо битно не излезе од тоа. Требаше навреме да сфатиме дека ние, Македонците, не мораме да копаме. Нашите храмови се над земја, тие се непроценливо богатство на кое му се восхитува целиот свет. Ние се гордееме со нашиот македонски јазик. Ние имаме цркви и манастири, житија и живописи пред кои здивот запира, икони пред кои светот се поклонува, светски призната мисија на основоположинците на словенската писменост, инспиративни дела на нашите преродбеници, препознатливи творби на нашите модерни автори и на нашите современици. Нашиот културен код е препознатлив во целиот свет. Не од вчера, туку со децении. Нашата македонска приказна светот ја знае.

Кога своевремено Ниче Македон на македонската државна телевизија ја промовираше својата тирада за Македоноидите како зачетници на белата раса и директни наследници на Александар Македонски, во еден текст со наслов „Биди Македонец, а не Македоноид!“, напишав: „Извесно време ќе биде вака. Јас се молам тоа време да не биде прекратко, бидејќи ние, Македонците, треба малку да пропатиме, кога веќе патиме од својата глава. Иако мислам дека империјата на Македоноидите ќе трае кратко, токму како и таа на нивниот славен и божемен предок, сепак го велам ова – дури и изборот на вечни патила наспроти приклонувањето кон нивната апсолутна власт, барем за мене, е првенствено естетски избор. Имено, Македонците се убави луѓе. А Македоноидите се грди. Со тоа е кажано и одлучено – сè“.

За жал, моето предвидување дека империјата на Македоноидите ќе трае кратко беше погрешно. Траеше цела една деценија. Тоа веќе не смее да ни се повтори! Во интерес на идентитетот на македонската нација е веднаш, безостатно и одлучно да престанеме да се глупираме со приказната за Александар и Филип како наши потомци и да се свртиме кон нашите вистински корени.

Бранко Геровски




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани