РУСИЈА И ЗБУНЕТИТЕ ДЕСНИЧАРИ
Автор: Петар Котевски   Објавено на
share
Petar Kotevski shared ЗАУМ's post.
РУСИЈА И ЗБУНЕТИТЕ ДЕСНИЧАРИ

Колку е измешана ситуацијата во Македонија најлесно се гледа според огромниот број збунувачки теории на заговор кои ги создаваат јавните личности во Македонија за да скубнат малку од јавното мислење и некако да изградат релевантност за себе. Мојата омилена е чаршискиот муабет дека Македонија некако требала да се ориентира кон Русија за да се направел некој баланс кон „лошиот Запад“. Па решив малку да напишам во врска со тоа.

Прво за лошиот Запад, поготово лошата Америка.

Се шират некакви небулози дека „поволната геополитичка положба на Македонија“ ја прават плен на стратешката борба помеѓу Западот и Истокот.

Ова е ноторна глупост.

Македонија престана да биде стратешки битна кога беше измислен евтин бротски и авионски транспорт (а и беше баеги слепо црево и пред тоа). „Ама чекај, сега кога кинезите го купија пристаништето во Солун, сите патишта низ Македонија врват“. Сите патишта освен оние што се низ Бугарија (веќе членка на ЕУ и НАТО) што се само 100-тина додатни километри разлика, која во копнен транспорт од 1000 километри е 10% разлика и како таква: НЕ ПОСТОИ.

Ако тоа не ве убеди, размислете дека брод кинисан од Кина кој стигнал во Солун има уште 5% плус пат да застане во Трст - што е 0 километри до Европа. Или уште 10% и ќе застане некаде во Франција или Шпанија.

За тоа дека Американците сакале да не пикнат во НАТО заради некоја тивка војна со Русија, прочитајте ова:
https://www.facebook.com/zaumkd/photos/a.183348915738798.1073741828.165981440808879/195961314477558/?type=3

Е па тогаш, зошто им помагаат на Албанците?

Државата Америка интервенира на Балканот по распаѓањето на Југославија, кога не беше јасно на каде ќе одат новоформираните држави - тоа беше на крајот на 20-тиот век (војните во Босна и против Србија). Неспорно дека тогаш САД помогнаа да се ослабне Србија, а Македонија имаше идеална шанса да преживее во гужвата и покрај неспособноста на нејзините политичари.

Кога Американците си ги собраа парталите и заминаа, останаа инсталациите кои ги создадоа, кои сега се најдоа во потрага на нов инвеститор. Го најдоа дел во ЕУ која влезе да го пополни вакуумот (легалниот дел) и во разноразните мафијашки организации кои оперираа во Македонија отсекогаш (со центри во Србија и Косово).

Новите инвеститори инвестираа во истата инфраструктура, која претежно беше составена од американски и европски дипломати од низок ранг, протерани овде богу-иза-леџа затоа што не ги бива за служба на поважно место. И така добивме години смут кој беше генериран од луѓе кои зборуваа англиски со амерички акцент. Тие беа одговорни за сликата што беше создадена преку барата за Македонија, па немаше проблем кој било да го претстават како спасител, демократ, автократ или националист на годинешниот состанок во Стејт Департментот кога меѓу другото ќе беа запрашани - а како оди во Македонија?

Тоа му даде огромна шанса на разноразните продавачи на магла во Македонија (ала Мирка, разноразните удбашки новинари и јавни личности) да создаваат омраза прво кон државата САД, а потоа кон целокупната Западна Цивилизација (која, да сме начисто, постои заради Англија и САД) и кон вредностите кои таа ги претставува - демократија, граѓански права, слобода.

И оп - почнаа прикаските за Русија. Како Путин бил вистински маж (додека овој полугол јава на коњ), како Русија берела гајле за традицијата и семејството, како биле всушност економски посилни од западот, како силен водач е подобар од демократија и слични глупости.

А во меѓувреме, Русија продолжи да си биде касно-феудалистичка монархија на чело со царот Путин, која своето комплетно богатство го гради врз продавање на природни ресурси (нафта, гас, руда). Се што е ново и напредно денес во Русија, таа го видела од Западот.

Тоа не значи дека тоа е така затоа што Русите се глупави, или словени. Има многу паметни Руси, ама повеќето од нив навремено ја напуштаат Русија, земја каде не е важно колку си паметен, туку на колку високо имаш пријатели.

И во тоа е суштината на немањето избор, кога Русија е алтернативата.

Имаме ние избор, а тоа е да престанеме да си бараме СТОПАН (или некои го викаат сојузник, по модерно). Се што не чини во Македонија СМЕ СИ ГО НАПРАВИЛЕ САМИТЕ НА СЕБЕ, затоа што мислевме дека со тоа ќе го задоволиме нашиот сакан СТОПАН. Без разлика дали тоа е ЕУ, НАТО, нашите славјански „браќа“, Русија или кој било друг.

Доста барате стопан. 
Направете си го животот подобар за себе.

 
ЗАУМ

МАКЕДОНИЈА ВО НАТО
(Петар Котевски)

Еден од аргументите за влегување на Македонија во НАТО е дека со тоа ќе се зголеми безбедноста на државата, и ќе се обезбеди нејзиниот опстанок на подолг рок.

Но од каде може да дојде закана за безбедноста на Македонија? Ако ја погледнеме картата на сликата, ќе видиме дека Македонија е опколена од НАТО членки на сите страни, освен на север кон Србија и Косово. Скоро од сите страни, единствен начин некој да ја компромитира безбедноста на Македонија е или тоа да го стори НАТО, или НАТО да дозволи некому да ја искористи неговата територија за напад врз Македонија.

Дали би можела безбедноста на Македонија да биде под закана од Србија? Иако Србија беше доста агресивна после распадот на Југославија (се ангажира во војни во Словенија, Хрватска, Босна и Косово), во ниеден момент немаше сериозна закана по безбедноста на Македонија од страна на Србија. Во поново време има се помалку отворени прашања помеѓу Србија и Македонија (со исклучок на црковното прашање, кое очигледно не ги оптоварува секуларните односи). Значи, од Србија е тешко веројатно дека ќе дојде некаква безбедносна закана кон Македонија.

Дали би можела безбедноста на Македонија да биде под закана од Косово? Сите поводи за нестабилност на Македонија од независноста до денес се дојдени од Косово - почнувајќи од бегалската криза, преку паравоените формации во 2001, па се до изолираните оружани инциденти кои се случуваат скоро секоја година (двапати во изборни години) - и генералното беззаконие во пограничниот појас. Нестабилноста од Косово е директно подгреана од одредени групи во популацијата на Албанци во Македонија. Реално тоа е единствената безбедносна закана за Македонија во моментов.

Тоа ја прави Македонија класична жртва на рекет.

„Македонија мора да влезе во НАТО.“
Зошто?

„За да може НАТО да ни го гарантира суверенитетот и територијалниот интегритет.“
Па кој може да го компромитира територијалниот интегритет на Македонија?

„Па еве Албанците.“
А што им смета територијалниот интегритет на Албанците?
Па сакале да бидат во НАТО.

Значи, НАТО ќе не чува од дестабилизација која постои единствено затоа што не сме во НАТО.

Исто како што рекетар заштитува бизнис така што ако му платиш нема да го запали.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани