Фељтон 17 - Хаџи џиџимиџарница - Томислав Гошевски
Автор: Томислав Гошевски   Објавено на
share

 

Моите мисли и настаните запишани и раскажани од прво лице овде , во најголема мера се резултат на симбиоза помеѓу мојата упорност и кармата која маестрално најде начин и ме фрли во канџите на суровиот свет на цивилните контрактори кои (making other people happy) си го уништуваат својот живот по белосветските воени зони. Јас едноставно не можев а да не бидам подготвен за се што ми се случуваше во периодот помеѓу Мај 2008 и денес во Скопје, Кувајт, Дубаи, Кандахар, ФОБ Апачи во Југоисточен Авганистан, Багдад, покрај Еуфрат околу сириско-ирачката граница, во Ербил, Курдистан и на некои чудни аеродроми како во Оман или понормални како во Хјустон, Виена или Чикаго. Него…друго ми беше муабетот.... 

Како против кармата изиграв нерешено во гости

 

17. Хаџи џиџимиџарница 

 

Разговараат Македонец, Косовар и Американец. Добро де, не е ова  некој виц…туку  разговараме јас , Кадруш и Морис. И сега некој ќе рече, штом сте во Авганистан, во Америчка воена база, за што ќе разговарате. Војска, талибанци, платата, кога на одмор и тоа. Не…ние чат пат муабетиме и за рачни саати Инвикта, бренд кој е многу ин по Америчкиве контрактори во Авганистан, или за тоа дека Самсунг Галакси таблетот е топ у своја категорија, и дека хот спотот од него, барем кај мене  одлично функционира. Разговараме и за политика, и за тоа каде и како ќе бегаме ако Изрел го бомбардира Иран, а овие па за да вратат ги бомбардираат  Америчките бази овде. Ние не сме многу близу до Иран, али што знае руска ракета што е 400 километра. Јас веќе си договорив еден комплет од арабска гардеробата од мајка му на Азрат за камуфлажа  и едно магаре. Јеби га, мора да мислиме и на ритрит стратеџи, џаст ин кејс. Него…друго ми беше муабетот…

 За Азрат, кога го спомнав веќе. Азрат е  Авганистанец, локален дечко...тука од комшилук, од гратчето кое е одма позади тврдината на Александар Македонски...на некој километар-два од базава. Да го облечеш  во некој наш бутик и да го ставиш меѓу раја на кафе на Аминта или Кеј, нема да се разликува по ништо од сите останати. Ова “гратчето” земи го условно, нели. Ако група куќарки од кал и камења, со едвај по некој прозор главно со најлони затворен,  заградени со зид од кал и наредени покрај земјен пат може да се нарече гратче. За воља на вистината, има и во него  2-3 градби и куќата на локалниот ворлорд направени по западен терк. И една џамија која е најголем објект во гратчето. Летав 2-3 пати над Калат, интересно е, треба да се види. Тешко е да тврдиш со сигурност,  кучешкиот животот и марсовската клима  не биле нежни спрема авганистанците во никој поглед, ама мислам дека Азрат е на некои мид твентис или не постар од триесет години...тука некаде.

Пред некој ден дојде да ми донесе нешто и цел вџашен (многу го сакам овој збор уште од трето оделение и лектирите) и ме прашува….

 “Том...ти...од Босна беше…така?”

 Ова прашање/констатација сум ја слушнал сто пати. И почна многу да ме нервира. А Босанците па, секогаш ме прашуваат:

 “Томо брате...ти си Кумановац, јел тако?”

 Знаеш и зошто така мислат. Скопјанец овде до скоро беше ретка ѕверка. Кога ќе ме прашаше некој Американец, поточно кога ќе констатираше дека јас сум од Босна, јас после го прашував него…

 “Ти од кој дел на Канада беше? Манитоба?”…

 Малку јадачка не е на одмет…колку да вклучат мозок понекогаш, нели…Потоа, за да избегнат оквард ситуации, почнаа да ме викаат “јуропијан”, ама ме мрзеше да им објаснувам веќе дека тоа е пак уште поголема навреда. Него…друго ми беше муабетот…

 Мислев дека Азрат знае од кај сум, ама ете...Му кажав дека не се сите Европјани овде од Босна. Јас во тој период бев единствен од Македонија, иако предходно имаше уште неколку наши луѓе, плус  Кадруш од Косово. Му објаснив, му одржав мал час по географија. За Македонија, за Балканот и што е тоа.

 “Ама тоа е исто...слично, нели. Блиску сте. Имавте ли и вие војна? Како во Босна?”

Ме гледа и ко да не сака потврден одговор. Војна овде е нормална работа со векови. Зошто го интересира сега ова. Му објаснив каква беше војната во Босна, и дека не сме исто, дека не сме имале војна, иако не сме далеку. Излезе. Јас останав збунет. Што му текна сега да ме прашува за војна, поготово за таа во Босна. Зар малку ни е оваа овде. Помислив да не се спрема да “бега на Запад”, како што овде го викаат очајниот обид да се спасат од јадот и бедата на пустелијава наречена Авганистан.

Попладнето се видовме уште еднаш. Го прашав. Зошто се интересира околу Европа, војната во Босна и од каде наеднаш ваков интерес за се ова. Ми кажа дека предходната вечер го гледал “Лепа села лепо горе”. 

“Вистина ли е тоа? Такви работи навистина  се случувале во војната во Босна...како на филмот?”

 И проба да ми ги раскажува сцените, а ме гледа со поглед полн со очај, со поглед ко на златна рипка во дупната кеса со вода. Човекот е шокиран, се гледа. Изненаден и шокиран од филмот ко ја што бев шокиран по првото гледање на легендарниот “Опа цупа у кревету” во кино Градежници во 1978. Сега бара потврда од мене дека тоа е само филмска фикција. Дека не е можно такво нешто, такви гадости и ѕверства човек на човек да му ги прави. Со никаков изговор. Имав пред себе Авганистанец човек во чиј ген, како и во генот на сите овие племиња овде, кодот за војување, за самоодржување преку убивање е забетониран, ко Чернобилски реактор. Тој и таков човек е шокиран од војната во Босна. Не можев да му потврдам дека се тоа е само филмска фикција. Не, затоа што имам овде пријатели Босанци кои ми раскажувале случки од војната, а кои не можам овде да ги раскажам. Не можев да му кажам дека е фикција, затоа што и ние ги имавме Вејце и Селце. Не е фикција, за жал. Балкан е тоа. Него…друго ми беше муабетот…

Пред некое време кај мене во базава локалците отворија 3-4 продавничиња. Јеииии…нови. Шопинг бејб….шопинг…. Не е баш како Скопје Сити Мол или Космос, ама сепак е продавница и можеш да најдеш нешто за што ќе дадеш пари, предходно нели ќе се ценкаш малку и ќе добиеш нешто за кое не си ни помислил некогаш дека ти требало. И, кога ќе размислиш малку…па и не ти ни треба.

Обичен, стар транспортен контејнер со еден тон прашина во него.  Кога влегуваш внатре имаш чуство како да си во Мумија двојката, и само чекаш некое пајачиште да ти падне на глава, а продавачот сигурно може да помине кастинг за вилан во најновиот Индијана Џоунс. Гарант има по некоја шкорпија или отровен вајпер по ќошовите. Не сум видел, ама чуствувам дека се  таму, негде под купот “оргинални” Битс слушалици со потпис  на докторот кои работат 36 часа. Не, не мислев батериите им држат толку, туку толку им е “животниот век”.

  

Секогаш има по 2-3 деца кои скокаат околу тебе и нудат некои безвредни кинески тракатанци. Оф топик…Кога децата кои секојдневно ги гледаш околу капија или покрај оградата наеднаш и без причина ги снема, можеш многу скоро да очекуваш некаков вид на напад. Траст ми. Да се вратам на “бутикот”. На полиците  по некој нож од типот “се во едно”, а ни едно не функционира, батерии постари од продвачот (обично празни и бренд за  кој никогаш не си чул или SQNY место SONY). А и по некој пар аБидас оргинал патики.  Монстер енерџи дринк (сигурно украден од некој воен конвој) во пакети оставени на подот. Принглс чипс “мејд ин нешто-на-арапски-или-индиски-не-разбрав”(којзнае што има во него, ама не сум доволно фраер за да пробам) На другиот рафт по некој Хед енд шолдрс шампон од кој гарант или ќе ти падне косата или ќе ти израснат уште два пара уши.

 Енивеј…ова е некаков ивент, и некаква промена. Во првите  2 години, скоро и да немавме никаква продавница. Што од друга страна душа дало за лечење од шопинг манија, нели. Ама мики, верувај…кога после толку време влегуваш во продавница, кога ќе видиш некаков производ кој личи на цивилизација, макар тоа било и Непалски папучи “ала ЧИК Куманово” или Индиски “но нејм” мобилен телефон, како да си влегол во друга димензија, како во Фринџ. Се освежуеш и иако надвор е 52 степена, се осеќаш како тазе излезен од вода на плажана Лабино  во 1984.

 Ама. Изииии…препорачливо е првите неколку дена да не одиш таму. Од искуство. Мое…Имаше случај, пред година дена, овде кај мене, кога отворија една слична продавница (хаџи стор е вообичаен назив за таквите објекти) и кога за малку ќе го јадевме. И тоа биг тајм. На влез во базава, на доаѓање на работа, кај локалците кои работат во продавницата,  во нивно ауто кучињата намирисале експлозив. И ништо…од тогаш специјално си ги сакам кучињата…ин џенерал…

Не сакам ни да помислам што ќе се случеше локалците да го внесеа експлозивот во база, во продавница, каде пола ден има по десетина војници и цивили. Затоа мики…најдобро е првите неколку дена не влегувај кај локалците. Ако решиле да пукнат, веројатноста е голема дека ќе пукнат на почетак, освен ако не се слипери. Го гледаш човекот секој ден, цела година-две. Се смешка и сите ги поздравува. Му даваш стари ципели или маици, по некој долар ситно шо ти се мавта по џебови. Еден ден, ко од чиста мира, аут оф блу , шо би рекле америте, доаѓа до најблиската група луѓе , вади пушка и почнува да пука. Е мука ми е. Од вакви ситуации ми доаѓа да излезам од сопственава кожа. 

 Затоа…уат д фак…кога се во прашање локалците секогаш на штрек. Што знаеш, може на кучето на капија му било преку глава тоа сабајле, го нервирала жештината и прашина, и не го намирисало експлозивот. Него…друго ми беше муабетот…




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани