Мотор на дизел и бензин истовремено?! Нова (р)еволуција кај моторите со внатрешно согорување?
  Објавено на
share

преземено од Емитер

 Само што помисливме дека ерата им заврши... но ... 

Во време на засилено усвојување на електричниот погон за моторните возила, од пред 8 години еден американски универзитетски професор во неговите универзитетски лаборатории за реален мотор СВС врши испитувања на двогоривен мотор и со своите испитувања докажува дека неговиот изум го подига степенот на термички коефициент на корисно дејство на циклусот на 60% (теоретски е до 64% - блиску до Карнотовото ограничување за идеален затворен термодинамички кружен циклус) и драстично ги намалува штетните емисии. Името на професорот е Ралф Реитз (Rolf Reitz) а името на Универзитетот е Универзитет во Висконсин – Медисон (University of Wisconsin-Madison) во САД.

Имено, моторот користи две горива. Едното е со гориво со ниска реактивност и изборот е паднат на бензинот а другото е гориво со висока реактивност и тоа е нафтата или дизелот. Процесот е познат како Реактивно Контролирано Компресорско Палење или RCCI (Reactivity ControlledCompression Ignition). Моторот паралелно работи на двете горива со тоа што во зависност од потребите и режимот прави соодветен нивен микс така што при високи оптоварувања повеќе троши бензин а при ниски оптеретувања повеќе троши дизелско гориво. Напојувачката инсталација има два резервоара, и две шприцалки (бризгалки за горивото), една за бензинот, а друга за дизелот (види слика) и хардвер со соодветен софтвер за управување со работата на моторот.

Кога клипот вцицува шприцалката во вцицувачкиот колектор шприца само бензин и така цилиндерот се полни со смеса од воздух и одредена количина бензин. Потоа следува тактот на компресија и додека тој не е голем другата шприцалка за нафта која се наоѓа во компресиониот простор впрскува одредена количина нафта која добро се меша со бензинот и по кратка пауза кога клипот ќе е при крај со компресијата се впрскува нова количина на нафта која се замозапалува (условите за тоа се созреани) и со тоа го пали претходно подготвениот микс на нафта, бензин и воздух во цилиндарот. При ова, како се тврди во трудот во кој е презентирана оваа иновација, се овозможува скоро идеално согорување но клучот е што температурите на согорување се исклучително ниски и тука е трикот на високиот степен на корисно дејство од дури 60% (денешниве бензински мотори имаат околу 43% а дизелските околу 50% термодинамички степен на корисно дејство). Идејата е дека помалку “бега” топлина во ѕидовите на блокот од моторот и со тоа во системот за ладење и така се подига степенот на корисно дејство.

Дали оваа иновација ќе го најде патот до сериско производство и примена во моторите СВС никој не знае. Тоа може само времето да го каже. Испитувањата продолжуваат на реални автомобили. Повеќе за ова можете да видите тука и тука




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани