Допис од разочаран македонец.
  Објавено на
share

 Допис од разочаран македонец. 

 
Најпрвин сакам да ја поздравам Вашата професионалност, и секоја чест за начинот на објективно работење. 
 
Се мислев да се јавам во живо, вчера ја гледав Вашата емисија, но поради суштината на темата поради која се јавувам, решив тоа да го конципирам во пишан формат, па на Вас да оставам да го презентирате (доколку за тоа се одлучите), на најдобар начин (и во најдобар момент), бидејќи во тоа сте подобри. 
 
Сакам да истакнам две работи кои ми се пресудни во одлучувањето дека е најдобро да се замине од оваа држава. 
Се обидов да се борам изминативе години, со надеж дека има разбрани луѓе со широки сфаќања кои ќе го поведат општествово во правилна насока. Протестирав, се борев против, гласав против, убедував против..... и еве пак сме на истото ако не и подоле... 
 
Настрана од надворешната политика на новата власт (која всушност беше тема на Вашите дискусии вчера, па не се јавив.. ), би се свртел на внатрешната политика, која наместо да се поправи од предходната - таа стана уште полоша а по истиот механизам на дејствување. Целото општество е корумпирано, партиски вработувања, притискање за зачленување во партија од државни службеници... и едноставно ситуацијата е кадија те тужи - кадија те суди. Нема ни каде да се пожали човек.. 
 
Имено, 
Двете работи. 
 

Првата. Имам 4 години работно искуство, машински инженер. После 4 години работење, одлучив да го напуштам работното место поради приватни причини (немав проблем со работодавачот), во јуни 2017та година. Првиот судир со општеството настана веднаш тогаш: - Не сум исполнувал услови за здравствено осигурување како невработен, во елитните ни здравствени установи..
- Имаат две категории, од кои првата жално парадоксална бара услов кандидатот да не надминува годишни примања над 120 000 денари за минатата година. Тоа иде по 10 000 месечно, во период кога минималната месечна плата е НАД 10 000 денари. ПАРАДОКС. Секако овој услов не можев да го исполнам. 
Втората категорија бараше услов за прием, кандидатот да нема годишни примања повеќе од 197 000 денари. За жал (или за среќа 😊), ни овој услов не го исполнив. Тоа е околу 16 500 денари месечно, како инженер земав нешто над тоа... Во втората категорија стануваш ортак со државата, па своето здравствено осигурување си го подмирувате заедно, 2400 денари месечно (по 1200 секој ортак). 
- Бидејки не ги положив приемните за во оваа институција, за мене остана од трите најдолгото, односно третата категорија - сам да си го плаќам лекувањето, кое, искрено да ви кажам, СИ ДРЖИ ЦЕНА во приватна листа! ...Среќа па прилично здрав се погодив, пу пу. Е СЕГА, кога станува збор за мене, воопшто не е проблем. Но бидејќи брат ми веќе замина пред 2 месеци да бара леб во странство, а неговата сопруга е невработена, неговите две мали дечиња (1 и 6 години), немаат здравствено осигурување еве веќе 2 месеци, (исто и брат ми и сопругата негова.. но нејсе... ), и сите тоа тука за нормално си го сметаат. Тука паѓа во вода целата кула од карти на кои пишува младите ни се битни, здравјето на децата ни е битно, ќе намалиме невработеност.... муабети за мали деца. 

- ШТО СО ОВА?!

Втората. Мајка ми, медицинска сестра, технолошки вишок веќе 7 месеци, со 32 години работно искуство како успешна медицинска сестра. 20 години работа во ЈЗУ (јавна здравствена установа), па во 2006та година со закон за ставање на амбулантите под концесија си продолжи да работи во истата амбуланта единствено со промена од ЈЗУ во ПЗУ, уште наредните 12 години, се до 15ти март оваа година. Годинава докторот замина во пензија, фирмата се ликвидираше, а од ЈЗУ се појавија и си го собраа само инвентарот од амбулантата. Па заклучив дека во сите процеси на евакуација, нели, се земаат само најбитните работи. Човекот не спаѓа тука. Иако тие ја доведоа во таа "мат" ситуација...
- Во овие 7 месеци поминаа 2 конкурси за вработување еден во ЈЗУ и еден во Болницата, на кои мајка ми најрегуларно се пријави но вработувањата биле партиски, и тоа си се дискутира без срам ни ништо. Од Болницата само ни стигна известување кои особи се примени, и ни ги вратија документите. Во ЈЗУ сеуште немаме одговор, но одговор не ни чекаме. 
- Нека не Ви звучи како да сме неангажирани или неснаодливи, ваквата ситуација ја претчувствувавме, па уште 6 месеци ПРЕД ликвидирање на концесионерската амбуланта се обративме во министерството за здравство и оттука поради нивната несериозност презедовме и повеќе чекори. Се јавивме во Хелсиншкиот комитет, па кај Народниот правобранител, па во труд и социјала, па директно кај директорите на ЈЗУ и на Болницата, па во две здруженија на медицински сестри. Кај сите со пишани дописи по неколку пати кај секој (покрај посетите лично кои се и повеќе на број...). 
На заинтересираност наидовме кај здруженијата кои разговараа со нас за решавање на проблемот. 
Со нив токму денеска ја достигнавме највисоката точка, а тоа е да се чуе гласот на неколку наши телевизии на кои имаше пренос на изјавата на мајка ми (и останатите сестри во слична ситуација.. ), во врска со нејзиниот проблем (МРТ, Канал5, Сител, АлСат, Алфа... ). 
Еве некои од нив тука: http://mrt.com.mk/node/50781 ; 
тука: https://sitel.com.mk/40-medicinski-sestri-baraat-vrakjanje-vo-javnoto-zdravstvo ; 
тука: https://kanal5.com.mk/articles/352492/-kako-medicinskite-sestri-da-ja-zadrzhat-rabotata 
- Лично сметам дека и Вашата телевизија заслужува да биде информирана за ова случување. 

- А ШТО ПАК СО ОВА ?!?


Ете така. 

Се извинувам за долгометражноста на мојот допис, но пократко и не можев. 

  •  
  • - Ви дозволувам овој текст (во целост или дел од него) да објавите било усмено или текстуално. (секако без податоци од приватен карактер, како што е мојот е-маил, телефон, адреса или слично.. )

Со почит, 
Иван Младеновски 
Куманово.



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани