„ЕВН Македонија“ избран за универзален снабдувач со електрична енергија
  Објавено на
share

 „ЕВН Македонија“ избран за универзален снабдувач со електрична енергија

 

Конзорциумот составен од „ЕВН Македонија“ и „ЕВН Електроснабдување“ е избран за најдобар понудувач на електронската аукција за јавно поддавање за избор за универзален снабдувач со електрична енергија што се одржа утрово.

Претседателот на Комисијата за избор на универзален снабдувач, академик Глигор Каневче, информираше дека конзорциумот „ЕВН Македонија“ АД Скопје и „ЕВН Електроснабдување“ ДООЕЛ Скопје понудиле најниска маржа од 11.5 проценти и со тоа ги исполниле условите за најповолен понудувач за универзален снабдувач на електрична енергија.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев пред новинарите рече дека целта е универзалниот снабдувач, како механизам со којшто се штити интересот на граѓаните на Република Северна Македонија и се обезбедува домашното производство на електрична енергија да стигне кај граѓаните по најповолни услови и цени.

„Денеска заврши јавното наддавање на тендерската постапка за универзален снабдувач при што од првичната понудена бруто маржа од 14.4% како почетна цена на аукцијата, цената во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија се намали за речиси 30% и последната понудена бруто-маржа изнесува 11.5%. Со ова се гарантира дека најголемиот бенефит останува за граѓаните на Република Северна Македонија“, соопшти вицепремиерот Анѓушев и додаде дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија ги дава економските бенефити во корист на потрошувачите. 

Во таа насока вицепремиерот додаде дека сите снабдувачи на слободниот пазар треба да се борат со помали маргини и да ги задоволат условите на тендерската постапка што ќе обезбеди поповолна цена за граѓаните. 

„Ја воведовме евтината тарифа на електрична енергија. Цената на струјата за граѓаните од формирањето на оваа Влада не се покачи, а претходно за неколку години имавме покачување на цената за цели 75%. Преку универзалниот снабдувач гарантираме поволни цени и услови пред сé за граѓаните на Северна Македонија и заштита на претпријатијата и граѓаните, и конкуренција на пазарот на електрична енергија“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, информираше дека денеска по завршување на електронската аукција како најповолен понудувач за универзален снабдувач со електрична енергија е избран конзорциумот составен од компаниите „ЕВН Македонија“ АД Скопје и „ЕВН Електроснабдување“ Скопје, кој понуди бруто-маржа од 11.5% и посочи дека во новиот Закон за енергетика е предвидено Република Северна Македонија да избере универзален снабдувач за наредните 5 години.

„На транспарентен начин беше водена постапката, претседателот на Комисијата е од академската фела, денеска на ова наддавање го избра најповолниот понудувач за универзален снабдувач којшто на наредната владина седница треба да се усвои со одлука на Владата. Имајќи ги  предвид двете понуди, едната од ЕВН Македонија, другата од ЕЛЕМ важно е да се истакне дека токму оваа Влада уште еднаш докажа дека на конкурентен начин ги решава сите прашања. Ќе продолжиме на транспарентен начин да овозможуваме поквалитетни услуги за граѓаните“, соопшти министерот Бектеши.

 

 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани