УСТАВНИ АВЕНЏЕРСИ
Автор: Петар Котевски   Објавено на
share

 УСТАВНИ АВЕНЏЕРСИ

Си правиме на улица муабет јас, Гордана Силјановска, Димитар Апасиев и Билјана Ванковска - кога одеднаш еден крадец ми ја грабнува ташната од рака и почнува да бега по улицата.

Јас: „Дрште го крадецот!“
Апасиев: „Немој да се тревожиш. Уставот јасно кажува дека насилното присвојување на туѓа сопственост е незаконито.“
Ванковска: „Мислам дека беше член 35 алинеја 8?“
Апасиев: „Точно, колешке!“
Јас: „А бре луѓе дајте да трчаме да го фатиме дури не избегал!“
Апасиев: „Хех, ова куре не знае дека не може да докаже на суд дека е негова чантата. Ќе ја вратиме кога-тогаш! Ако треба ќе го сурнам на врховен!“
Силјановска: „А да се кандидирам ја за судијка, па откако ќе ме одберете ќе ја употребам целосната сила на Уставот, како и моите врски у иностранство за да ти ја вратам ташната?“
Јас: „Ама како ќе го најдеме, ќе избега... Отидов да го бркам!“
Ванковска: „И да го стигнеш, што ти е планот потоа? Да беше сериозен за твојата сопственост над чантата, ќе имаше целосна и сеопфатна стратегија за тоа што ќе правиш во случај некој да ти ја грабне! Мислам дека планот на Силјановска е најдобар...“

За среќа, на следниот ќош полицаец го фаќа крадецот.
Јас: „Уф, каква среќа.“ (пуштам рака кон чантата).
Апасиев: „А не! Сега треба низ судска постапка да утврдиме чија е чантата“
Јас: „?? Па што има јас да се судам за мојата чанта?“
Ванковска: „Ако не се појавиш на суд, тогаш судија може сумарно да пресуди во корист на крадецот, и тогаш ташната ќе биде легално негова“
Крадецот: „Татко ми е судија!“
Силјановска: „Да ви објаснам како тоа ќе оди - ти нема да се појавиш на суд, и тогаш уставот му дава јасни ингеренции на судијата ташната да му ја додели на крадецот“
Јас: „Ама луѓе, сите го видовте дека ми ја украде ташната!“
Ванковска: „Видовме, и во тој момент сите бевме согласни дека ташната е твоја, ама еве сега гледаме дека во суштина твојата пасивност и неангажирање со крадецот во моментот на кражбата всушност беше причина зошто си ја изгуби ташната!“
Апасиев: „Така е. Уставот е јасен по ова прашање, нашите раце се врзани“
Јас: „Море каков Устав, крадецов не му е гајле за Уставот!“
Силјановска: „Каква дрскост! Не му било гајле за Уставот - како е тоа можно? Па Уставот е врвниот законодавен документ во правосудството на државава. Јас еве се колнам, ако ме изберете за судијка, полека, парче по парче, рачка по рачка ќе ти ја враќам ташната! Можеби ќе ми требаат години, можеби децении, но ти ветувам дека ќе се посветам на таа работа!“
Ванковска: „Луѓе, да не се расправаме со неуки, туку да си ја тераме нашата работа. Еве сега ќе викнам такси!“

Посегнува по чантата, но и ја нема. Ги нема ни чантите на Апасиев, ниту на Силјановска, ниту на полицаецот. Крадецот во расправијата киднал и ги украл сите!

Јас: ??
Силјановска: ??
Ванковска: ??
Апасиев: „Не знае со кој си фатило работа курево. Отидов да напишам строго протестно писмо до него. Има да го тужам до Хаг!“




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани