Познатиот готвач Џејми Оливер денеска ги стави своите британски ресторани во стечај, форма на заштита од банкрот, откако последниве години синџирот ресторани се бореа со долгови и со сn4; позаситениот пазар.
Сите освен три од 25-те ресторани на Оливер ќе бидат затворени, а околу 1.000 вработени ќе ги загубат своите работни места, според КПМГ, фирмата ангажирана да го раководи бизнисот за доверителите.
Останатите објекти, два ресторани „Џејмис италиан“ и „Џејмис дајнер“ на аеродромот Гетвик, ќе останат отворени на неодредено време.
„Скршен сум што нашите мошне сакани британски ресторани влегоа во стечај“, напиша Оливер на Твитер. „Длабоко сум натажен од овој исход и би сакал да им се заблагодарам на сите луѓе што во текот на годините ги ставија своите срца и души во овој бизнис“.
Оливер го отвори синџирот ресторани пред нешто повеќе од една деценија, на крилјата на својата телевизиска слава како „Голиот готвач“. Бизнисот се прошири и во него влегоа „Џејмис италиан“, „Џејмис дајнер“ и „Барбакоа стекхаусис“.
И поголемата империја на Оливер се прошири. Освен пишувањето книги за готвење и презентирањето на телевизиски програми, тој водеше кампања за поздрава храна во училишните мензи, се појавуваше во реклами за супермаркети и отвори ресторани во странство. Тој, исто така, се здружи со Шел за да ги снабдува со храна бензинските станици низ Велика Британија.
Но неговите британски ресторани се соочија со финансиски проблеми во 2016 година до таа мера што Оливер мораше да внесе милиони од сопствените заштеди за да го спаси бизнисот. Дури и тогаш, тој мораше да затвори околу 20 ресторани и пицерии.