Сашо Мијалков директно против Христијан Мицкоски: На ВМРО-ДПМНЕ му треба ново раководство! Плусинфо
  Објавено на
share

 

Сашо Мијалков директно против Христијан Мицкоски: На ВМРО-ДПМНЕ му треба ново раководство!

Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и разузнавање, долги години втор човек во партијата, ги коментира резултатите на избори и оценката дека се освоени два пратеника повеќе од најголемиот опонент СДСМ, без пратениците на БЕСА.

– Жалам што мора да кажам, но ваквите ставови се навистина незрели и несериозни. Да не знае човек дали да плаче или да се смее. Се плашам дека повторно Христијан Мицкоски и највисокото раководство околу себе става стаклено ѕвоно и ја игнорира реалноста. Повторно со некакви математики кои се разбирливи само за нив, креираат лажна слика и живеат во еден лажен свет. Проблемот е што сега се помалку граѓаните им веруваат. Добар дел и од блиските на Мицкоски  не веруваат во оваа лажна слика, но се плашат да кажат дека со политиките кои ги водеа и со неискрениот пристап, не успеаја да обезбедат поддршка од граѓаните.

Реалноста гласи дека ова раководство на ВМРО ДПМНЕ го оствари најслабиот резултат во историјата. Од освоените 455.000 гласови на последните парламентарни избори во 2016 година, Христијан Мицкоски падна на 315.000 гласа. Само Љубчо Георгиевски бил полош од него во 2002 година, кога освои 300.000 гласови, а тогаш и тој и Љубе Бошковски беа на црната листа на САД, a позади себе имаа шверц на цигари, нафта,убиства и куп други афери.

Затоа сите искрени и чесни членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ се потиштени и разочарани, а само раководството слави победа.

– Раководството обвини за изборни нерегуларности, поткуп на ранливите категории и бројни нарушувања на изборниот процес…

– Човек треба да има храброст и да ја погледне вистината во очи. Вистината е дека се пропушти златна шанса Заев да биде соборен на избори со овакво владеење во изминатите три години. За жал јавноста не виде алтернатива во сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Како и може да види кога по ниту едно важно прашање раководството немаше заземено став?

Доколку имало поткуп, зошто тогаш МВР не го спречи? ВМРО-ДПМНЕ имаше технички министер цели седум месеци. Доколку тој не бил способен и неговиот тим, кој ги предложи и поддржа? Доколку СДСМ успеал да пенетрира кај социјално ранливите категории, тогаш чија била проценката ВМРО-ДПМНЕ да оди без технички министер за труд и социјала и да не се обиде да го спречи тоа?

Грешки има многу, но префрлањето на одговорноста нема да ја подобри реалноста. Дали биле лоши кандидатските листи или била лоша понудената програма или Републичкиот изборен штаб целосно потфрлил, повторно одговорноста оди кон едно место. Не може претседателот на РИШ да не свикува состаноци и луѓето кои треба да работат на терен да остануваат без инструкции. Не може кампањата да се води со реторика како во 90-тите години и спотови кои повеќе служеа за потсмев отколку што ги мотивираа граѓаните. Некој ја одобрил таа реторика и тие спотови, а видовме со колкава излезност резултираа.

– Колку бомбите влијаеја на изборниот резултат? Дали ВМРО ДПМНЕ не употреби се што имаше и зошто? 

– Не знам дали ВМРО ДПМНЕ имало и други „бомби“, што имало на нив и зошто не биле употребени. Го знам резултатот од целата операција, а резултатот е поразителен за Христијан Мицкоски. Врзувањето со сомнителни ликови кои би обезбедиле нелегално снимени материјали не е политика. Таканаречените бомби кои беа пуштани и од едната и од другата страна можеби имаа влијание врз сопственото гласачко тело, но тоа се луѓе кои секако би излегле и би гласале за ВМРО или СДСМ. Кај неутралните предизвикаа само чувство на разочарување, бидејќи не гледаа никаква понуда , туку само материјали со кои се компромитира противникот . Затоа многумина апстинираа , а добар дел ја даде поддршката за партија како Левица која е анти НАТО и анти ЕУ, спротивно од тоа како би требало да биде ориентирана ВМРО-ДПМНЕ. Намалената излезност беше на директна штета на ВМРО ДПМНЕ, а воздигнувањето на Левица, на долг рок, повторно ќе направи поголема штета на ВМРО ДПМНЕ отколку на СДСМ.

– Во дел од бомбите се тврдеше дека е споменувано и вашето име, а во неколку наврати највисокото раководство ве обвинуваше за релации со СДСМ ?

– Како изминативе скоро две години, така и добар дел од кампањата и од медиумскиот простор што го имаше актуелното раководство беше искористен за пресметка со мене, употребувајки ноторни лаги и невистини како што е наводната соработка со СДСМ. Дали беше тоа заради некаков страв од моето влијание стекнато со работа, труд и резултат, или мислеа дека ќе бидат поголеми во очите на членството не знам, но знам каков е исходот. Резултатот е најлош во историјата. Одлучив да се воздржам од напад кон раководството за да не направам штета на партијатата и воедно да не им се дадат аргументи и оправдувања за лошата политика. Се држев на страна и не се мешав, иако ми нанесуваа штета. Членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ не се наивни и не смеат ниту Мицковски, ниту неговите блиски соработници, да ги потценуваат. Прокоцкаа неверојатна шанса, а цената на нивната незрелост и суета сега ќе ја плаќа членството на партијата. Наместо обединување, се форсираа конфликти и се дистанцираа луѓе. Со таква политика беше јасно дека нема да стигнеме далеку. Лажните анкети може да ги покријат лажните вести само до денот на гласањето. После граѓаните ја испорачуваат сметката.

– Има ли можност ВМРО ДПМНЕ да направи влада?

– Според мене шансите се сведени скоро на нула, но тоа е последната сламка на спас за која што се држи ова раководство. За три години Христијан Мицкоски  доживеа три тешки порази. На претседателските избори падна од 535.000 гласови во 2014 година на 319.000 гласови лани. На референдумот немаше став, но знаеме дека победи опцијата на власт и конечно потопот што се случи на15 јули.

Искрено се сомневам дека Левица ќе сака да му даде поддршка со оглед на тоа што во програмските определби на партијата е барањето да се забрани користење на името ВМРО и да се бара повлекување од НАТО и од ЕУ курсот, како и отповикување на признавањето на Косово. Искрено се сомневам дека која било албанска партија ќе сака да влезе во авантура со Левица и Мицкоски. Сметам дека е чесно да им се каже на членовите дека ова раководство и оваа политика на ВМРО ДПМНЕ е поразена и дека нема да дојде на власт. Сепак не гледам зошто не би им се оставил уште еден краток временски простор за да се види дали ќе успеат и во најновото ветување дека и покрај поразот ќе успеат да состават влада.

Доколку не успеат во тоа, патот е јасен. Признавање на неспособноста, извинување за грешките и ослободување на партијата за демократизација и ново раководство. ВМРО ДПМНЕ е бренд. ВМРО ДПМНЕ не смее да се навикне на порази и да се помири со тоа како што актуелното раководство се помирува.

– Дали планирате да се активирате и да се вратите во политиката?

– Се чувствувам целосно реализиран. Бев дел од ВМРО-ДПМНЕ од нејзиното основање до сега и ке останам и понатаму. Изградивме модерна, силна, конзервативна партија која што ги имаше интересите на Македонија пред се и над се. Во статутот ги вградивме евроатлантските определби. Ова на што актуелното раководство го сведе ВМРО ДПМНЕ е срамно и непрепознатливо.

Не планирам да се активирам во политиката но никогаш не знаеме што носи иднината. Како и да е, не можам да го премолчам ова што и го прават на ВМРО-ДПМНЕ. Повторно преку нивни полтрони пуштаат нарачани текстови дека сум стоел зад некои кандидати само за да ме нападнат и мене и нив. Јас стојам зад тоа дека демократски треба да се избере ново раководство доколку не успеат да го исполнат и последното ветување. Сигурен сум дека кој било кандидат ќе има поголем капацитет од сегашните, но треба да се избере најдобриот кој ќе ја поведе партијата во нови победи.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани