За три месеци јавниот долг рипна за 1 милијарда евра или за 9 проценти од БДП
  Објавено на
share

 

За три месеци јавниот долг рипна за 1 милијарда евра или за 9 проценти од БДП

 Јавниот долг на земјава за три месеци во периодот од април до јуни, кога ефектите од корона-кризата беа и најголеми рипнал за речиси 1 милијарда евра или за 9 проценти од БДП, покажува извештајот на Министерството за финансии за состојбата на јавниот долг заклучно со јуни.

Министерот за финансии Фатмир Бесими на сред презентацијата на ребалансот на буџетот кој е на матичната комисија за финансирање и буџет ги корегираше проекциите. Им кажа на пратениците дека бројките кои ги кажал пред една недела не биле точни. Па така наместо 59,5 проценти од БДП колку што кажа пред едена недела кога ребалансот помина на влада, сега тој ја надминал критичната граница од 60 проценти и изнесува 60,3 проценти од БДП. Има корекција и кај буџескиот дефицит, кој наместо 8,4 ќе изнесува 8,5 проценти од БДП. Министерот рече дека корекциите се резултат на редовната ревизија на номиналните вредности на домашниот бруто-производ од страна на Државниот завод за статистика објавени на 5 октомври.

“Со ваквиот нов номинален износ на БДП дефицитот во Буџетот за оваа година наместо 8,4 отсто, ќе изнесува 8,5 отсто иако неговата апсолутна вредност останува иста. Исто е и со надворешниот долг, кој според номиналната вредност на БДП од 30 јуни годинава во однос на БДП беше 59,5 отсто, а сега со надолната корекцијата на номиналниот БДП иако долгот е со иста вредност од 6,527 милијарди евра, претставува 60,3 отсто од БДП”, рече Бесими.

Според податоците од финансии, заклучно со јуни земјава должи 6,527 милијарди евра или 60,3 проценти од БДП. Заклучно со март пак долгот изнесувал речиси 5,556 милијарди или 51,4 проценти од БДП. За овој период најмногу пораснал надворешниот јавен долг или се искачил од 3,551 милијарда, на 4,400 милијарди евра, додека внатрешниот јавен долг од 2 милијарди евра се искачил на 2,126 милијарди евра.