Дали корона вирусот оди кон генетска пропаст - самоуништување?
  Објавено на
share

 Дали корона вирусот оди кон генетска пропаст - самоуништување?

Д-р Пановски за теориите дека коронавирусот оди кон генетска пропаст: Не верувам, ние да се подготвиме за најлошото, па дај боже нека се самоуништи!

Големи научни авторитети прогнозираа дека САРС Ков-2, поради својата РНК структура, ќе се самоуништи. „Мислам дека вирусот нема брзо да го снема, а и секој што мисли спротивно, треба да се воздржи, доста ни е од оптимистички прогнози“, предупредува д-р Никола Пановски.

 
 

Прочуениот хрватски генетичар д-р Мирослав Радман деновиве ја возбуди тамошната јавност, но и јавноста во регионот, со прогнозата дека коронавирусот ќе се самоуништи, поради својата РНК структура (рибонуклеинска структура). РНК вирусите, вели тој, често се менуваат, акумулираат грешки во копирањето и редовно одат кон својата генетска пропаст.

Мислење за оваа смела теза и прогноза побаравме од нашиот познат микробиолог д-р Никола Пановски, професор на Медицинскиот факултет во Скопје.

– Овие претпоставки дека вирусот ќе се самоуништи имаат основа кога се работи за РНК вируси, кои инаку десетина пати повеќе мутираат од ДНК вирусите, поради зачестените грешки во синтеза на молекулата. Парадоксално, нискиот праг на можност за грешка им дава поголема адаптибилност и нови својства. Прашање е дали САРС 1 го победивме со тоа што го спречивме да нападне, односно со мерките спречивме да најде домаќин (човек) и така мистериозно исчезна, или едноставно се самоуништи (за мене поверојатно), па по 16 години се јави во оваа сегашна форма – вели Пановски.

Научниците кои веруваат во претпоставката дека коронавирусот ќе се самоуништи се повикуваат на „парадоксот на Ајген“ (според нобеловецот Манфред Ајген). Во еволутивната биологија и во генетиката, прагот на грешка или критичната стапка на мутација, е ограничување на бројот на базни парови што може самостојно да ги реплицира молекулата пред мутацијата да ги уништи информациите во следните генерации на молекулата. Има ли коронавирусот, просто кажано, вграден „проблем“ со реплицирањето?

– Вирусот ќе го снема, кажаа и нобеловецот Лук Монтање и професорката Глишиќ од Белград и прогнозираа дека тоа ќе се случи за два месеца, а изјавите ги дадоа во мај или јуни. Поборник сум да се кажуваат мислењата и вистината, но оваа тема е чувствителна и вакви авторитети, вклучително и д-р Радман, треба да се навистина сигурни во кажанато, а очигледно не се, туку претпоставуваат. Така, да не се чудиме што мерките напролет беа толку нелогично ригорозни, бар така изгледаат од денешен аспект. Се велеше, да издржиме, во јули ќе се самоуништи вирусот, кај и да е – коментира нашиот микробиолог.

 Will mutations soon make COVID-19 less harmful? | Science| In-depth  reporting on science and technology | DW | 17.06.2020

И еден друг хрватски научник, д-р Златко Тробоњача, имунолог од Медицинскиот факултет во Ријека, е скептичен во врска со теоријата дека вирусот ќе се самоуништи, бидејќи овој вирус, благодарејќи на сложената машинерија за верно копирање на геономот, мутира исклучиутелно бавно и малку е веројатно брзо да го снема. Која теорија му е поблиска на д-р Пановски?

– САРС Ков-2 двојно помалку мутира од вирусот на грипот, а четири пати помалку од ХИВ. Досега имал стотина мутации кои ги зафатиле само 1 до 2 отсто од вирусите, со исклучок на една мутација, многу значајна, D614G, на С протеинот (шилецот), мутација која ја зголемила неговата трансмисивност (инфективност), на што сме сведоци сега.

Го прашуваме д-р Пановски дали и тој има сопствена претпоставка за тоа како ќе се однесува коронавирусот во периодот пред нас и дали воопшто има основа верувањето дека во некој клучен период САРС Ков-2 сепак ќе ја изгуби својата потенција, дека ќе „ослаби“.

– Не би заземал став, јас сум пред сn4;, бактериолог, за вирусите само предавам, а не ги работам, освен серологија, ПВР и антигенски испитувања. Сакам да кажам, не ги работиме од научен аспект, односно не експериментираме со нив. Мислам дека вирусот нема брзо да го снема, а и секој што мисли спротивно, треба да се воздржи, доста ни е од оптимистички прогнози.

Да се подготвиме за најлошото, па дај Боже нека се самоуништи – вели д-р Пановски




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани