Заев е поука дека во политиката нема „едноставно решение“
  Објавено на
share

 

Заев е поука дека во политиката нема „едноставно решение“

 

Државата Бугарија ги исцрта своите позиции, а државата Македонија не. Сега сме во финалната фаза – за овие прашања да зборуваат партиските водачи – Заев, Мицкоски, а поретко нивните статисти – пратениците и претседателот на Републиката.

 
Во моментов е актуелнo позициoнирањето во Скопје по написот на бриселски „Политико“, според кој Бугарија ќе ги признае македонскиот идентитет и јазик, а Македонија бугарските историски корени на истите. Не би бил превознемирен, бидејќи целта не е запирање на евроинтеграциите на Македонија макар и со одлагање на формалниот старт на преговорите. Но дефинитивно не би бил релаксиран, бидејќи „Политико“ се чини објави што Заев има ветено па одречено.

Личи дека денес сме во финална етапа од разоткривањето на идејата за југословенизација на Македонија и Македонците, кое беше задача на сите влади од 1998 наваму. Георгиевски го запре кога наместо партнерство со Западот, си играше со Тајван пред камери и со транзициската олигархија зад завесите. Црвенковски (Костов, Бучковски) до 2006, како и до 1998, одеше на поделба на влијанието во економијата заснована на истата оска од доцните 1980-ти, а Груевски од 2006 беше фокусиран на контролирање на финансиите и, преку нив, во спречување на ослободувањето на економијата во договор со истата елита. Она што ќе следи е идентификување на носителите на таа идеја.

Како и пред триесетина години со Грција, кога од именски спорот прерасна во идентитетски, македонските партии и спорот со Бугарија од историски го пренесоа на идентитетски. Интересно, за целото ова време иста е политичката, научно-академската, невладината, финансиската и медиумската елита која е (само)прогласен чувар на македонските национални интереси, идентитет и име. За 30 години потоа, името да биде сменето, интересите и натаму недефинирани, а идентитетот сеуште проблематизиран.

За целиот тој период, пак, како фактор за релативизација на македонскиот идентитет, но не и на југословенистичката нарација за општеството, преку фондацијата во Скопје е присутен Сорос. Од денешен ракурс, неговата поддршка за Заев не би била сомнителна сама по себе, доколку истиот пристап кон општеството не беше манифестиран и од Вучиќ и од Рама, што на крај евидентно завршува во фиктивна карамкаша која наместо зближување веќе го разгорува национализмот според моделот од 1980-тите.

И, секако, најинтересна е заедничката југомакедонистичка точка на идентитетскиот аспект во обата спора: Жалејќи по времињата кога „бевме Американци за Бугарите (фашисти), Грците (монархофашисти) и Албанците (балисти)“ постои амнезија дека Втората светска војна во Југославија повеќе е збир на граѓански војни, геноциди и идеолошки судири „од Триглав до Вардар“, отколку само единствен правец на отпор кон нацизмот. А на Балканот, само уште една етапа на решавањето на националните прашања отворени уште војните водени триесетина години порано. Затоа, денес поумешно би било прашањето:

Сакаме историски договор на Македонците и договор во Македонија или само договор за историјата со Бугарија?

Ова прашање реално ги ужаснува властите, партиите, парто-невладините мислители, економско-финансиските елити и медиумите во Македонија. Ако треба да бираат помеѓу договор внатре македонското етничко ткиво за лоцирање на потребите, заблудите, историски пропуштеното и реално можното за Македонците денес или комисиско-партиски скоцкан меѓудржавен договор за историјата, нашата елита би го избрала второто за да плива на сигурно, колку и тоа да е далеку од реалните потреби на Македонецот.

Тие денес полесно би се определиле за „компромис“ околу историјата за да се вградат како елита и во новата епоха, одошто за чистење на југоромантизмот употреблив само од Табановце до Богородица или попрецизно – за македонизирање на македонизмот преку елиминирање на историските причини за несогласувањата меѓу Македонците и на Македонците со Албанците, Бугарите, Грците, Србите... во или околу Македонија.

Завиткани во идеолошката обланда на „СФСН“

...засега припадниците на скопската полит-елита води тешка битка за зачувување на својот статус обидувајќи се да креира „морална вертикала“ базирана на југомакедонистичкиот антифашизам во однос на сите околу нив во Македонија каде тие се проектираат во „избрани“, а останатите во „небањати“, а Македонија си ја проектираат „фенси“, а околината „ретро“. И во тоа си веруваат само тие самите.

Но, молкот вон медиа-политичките кругови и партиските ботови околу оваа битка покажува колку оваа реторика е неатрактивна. Молкот доаѓа од „обичниот Македонец“ кој се чувствува предаден од Заев, не препознава проактивност во Мицкоски и нема баш никакво очекување од Пендаровски.

Овој молк покажува дека само уште во потегот Водно - ул. „Македонија“ - Дебар Маало не е сфатено дека е истечен рокот на југо-македонизмот како темпо-колишевистичка доктрина за јужната југословенска караула Македонија од 25.713 квадратни километри или голема полициска станица за Македонците и Албанците во тие граници. Што ја ослободува креативната енергија на Македонецот за етно-македонската економска, научна, финансиска... компетитивност во и надвор од Македонија и го ослободува од „обврската“ да се сомнева во своите сограѓани, а пред се во Албанците. Тоа го овозможува нео-македонизмот вон идеолошките рамки на поранешната федерација што ќе ја разбие фамата за „македонското јагне опколено со волци“ и ќе не оспособи да бидеме „волчјаци што го чуваат своето стадо“.

Помирувањето со крајот на југомакедонизмот значи и подготвеност во соочувањето со историјата која, како во османлискиот, така особено во периодот на балканските и Првата светска војна, не била ниту дарежлива за Македонија ниту безгрижна за Македонците. Напротив. Историја за која баш многу и не знаеме, затоа што меѓувоените востанија во Вардарска Македонија од првата половина на ХХ век сме ги учеле како последица на репресијата врз населението и сиромаштијата, но само површно во однос на суштинската дефиниција на отпор кон српската колонистичка власт.

За нас како Македонци овие прашања се битни еднакво како пристапот кон она што нашата историографија и аналитичко-политичка фела го декларира како „фашистичко“ или „реакционерно“ наспроти „авангардното“. Одржувањето на југомакедонизмот во скопската научна, медиумска и политичка елита произведена во 1980-тите и генерациски распоредена во денешните институции, медиуми и партии е прилично зависно од „фашистичката“ етикета на секое анти-комунистичко движење.

Навистина, на убиените од участоците, балистите и четниците не им била битна идеолошката припадност на нивните убијци, но чудно е како само во Македонија не се отвори прашањето за тоа колку овие формации се фашистички, а колку – ерес – анти-комунистички! Како на Георги Димитров му даваме имиња на улици и училишта, а лепејќи го атрибутот „фашистички“ на цел народ, ги игнорираме неговите „отечествено-фронтовски“ соборци, небаре Димитров бил единствениот бугарски партизан и сам ги довел Советите во Софија? Зошто КПМ е формирана во Тетово, а за Неџат Аголи дознавме пред не повеќе од дваесетина години? Зошто Србија со собраниски акт ги изедначи партизаните и четниците, но ја задржа нивната дистинкција од љотиќевскиот наци-колаборационизам и зошто тоа кај нас беше поболно дочекано одошто во Србија? Зошто грчкиот кралски режим останува „монархофашистички“ кај нас, а низ Европа тој е на еднаква анти-фашистичка позиција како Титовиот на пример...?

Кога овие прашања ќе ги отворат нашите експерти, а не политичарите, ќе можеме да зборуваме за нашето соочување со пристапот во историјата кој, глорифицирајќи го комунизмот како авангарда, само уште во духот на скопската „интелектуала“ останува стандард за исцртување на „морална вертикала“, од која произлезе отпорот на Македонците кон сите освен кон КПЈ и од југословенски Белград. И ќе можеме да побараме расчистување на неправдите што ни се нанесени, откако ќе сфатиме какви неправди сме нанесувале.

Кога зборуваме за договор меѓу Македонците и на Македонците со сите сограѓани, а потоа и со соседите, зборуваме за договор да го прекинеме самосожалувањето, бегањето од својата одговорност и чекањето некој друг, во наше име – да не брани, предавајќи му се на неговите потреби. За да продолжиме да ги уредуваме односите во Македонија во духот на рамноправност, а не на супремација и за да ги уредиме односите со соседите врз база на сопствената посебност, а не врз основа на загрозеност. Оти знаејќи што сме, знаеме и што не сме, а треба да знаеме и како сме стигнале до тоа.

И овој договор не треба да произлезе како задача од Брисел, ниту како поттик од Атина, Белград, Приштина, Софија или Тирана, туку како потреба во Скопје.

Решение е осмислената политика на институциите, а не квази-кавгите на партиите

Откако и СДСМ и ВМРО ја пропуштија приликата за транспарентно дефинирање на државна позиција во македонското Собрание по Декларацијата на бугарското Народно собрание и Меморандумот на Софија (од 10 октомври 2019 до денес), излишно е секое препукување меѓу нив или во нив внатре. Без собраниска дебата и официјален документ, партиите го префрлија процесот од институциите во свои раце и со тоа го направија асиметричен. Државата Бугарија ги исцрта своите позиции, а државата Македонија не. Сега сме во финалната фаза – за овие прашања да зборуваат партиските водачи – Заев, Мицкоски, а поретко нивните статисти – пратениците и претседателот на Републиката.

Впрочем, ако се следи поведението на Заев до и по текстот на бриселски „Политико“, личи дека содржината на „компромисот“ е неговото ветување, а изјавата дека го отфрла, неговото официјално пишманење. Не верувам дека за ова не знаат Мицкоски и Ахмети.

Но Заев и Мицкоски немаат сила да кажат дека Македонците немаат потреба од откривањето бугарски корен на македонскиот идентитет, туку од крај на илузијата дека македонскиот идентитет зависи од југословенската федерација и комунистичката идеологија; а Ахмети очигледно не се чувствува повикан да зборува во име на Македонците.

Оттука, молкот на Брисел и Вашингтон по овој спор станува поразбирлив. Иако за нив тоа значи откажување од услугите на нивните дизајнирани партнери во Скопје - целата парто-медиа-нво булумента задолжена за одржување на реториката од 1989 до денес.

Интересно, Османи јасно го кажа, на „барање на гледачите“ она што го потврди и Захариева, а последно и Заев – нов договор не бара ниту Скопје ниту Софија. Но она што стана јасно е дека остана неуспешен обидот на делови од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ да ја префрлат топката со која тие си играле во дворот на ДУИ. А Ахмети (и преку Османи) јасно ја исцрта својата позиција со два става: едниот дека неговата партија останува гарант на спроведувањето на Договорите (од Преспа и Софија) и вториот, кога во кампањата 2020 недвосмислено го исцрта Гоце Делчев како национален херој на Македонците кој, обраќајќи им се на Албанците во мотивирањето на заедничката борба против Османлиите – носел кече. За СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, за жал, во таа прилика побитна беше капата на главата на Делчев, одошто пораката на солидарност и признание за Македонците. Сега нека се сетат дека претходница на Софискиот и Преспанскиот договор беше – Тиранската платформа. Која, меѓу другото, инсистира на откривање на жртвите на југословенскиот комунистички режим, а беше точка на отпор и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните сателити.

Затоа, за почеток, вратете ја дебата во Собранието и Владата, наместо да ја водите преку пресови и соопштенија.

Ивон Величковски, иницијатор на Движењето за Нова Република




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани