ПОЛИТИКО Опуштете се, враќањето на Трамп во 2024 година нема да се случи
  Објавено на
share

 

ПОЛИТИКО
 

Опуштете се, враќањето на Трамп во 2024 година нема да се случи

 

И претходно сме виделе ваков тип на претседатели. Тие секогаш исчезнуваат, вели Џон Ф. Харис за Политико.

 
Доналд Трамп го загуби претседателскиот мандат, но неговите противници досега не ја постигнаа победата што најмногу ја посакуваат: фатално уништување на Трамповото движење, отфрлање толку комплетно што му го прекинува неверојатниот стисок врз приврзаниците и не му останува друг избор освен да замине од сцената во матното минато.

Засега, Трамп доминира во разговорите и за сегашноста и за иднината. Неговите чудни  тврдења дека ќе победел на изборите да не била огромната измама му помогнаа да собере над 200 милиони долари од денот на изборите. Многу од неговите приврзаници го делат неговиот сон за негово враќање на претседателската функција во 2024 година. За оние што го презираат, да парафразирам еден славен демократски говор, се чини дека е јасно дека работата продолжува, каузата опстојува, стравот сè уште е жив, а кошмарот никогаш нема да умре.

Само што тој ќе умре - најверојатно со поголема брзина и сила отколку што изгледа денес.

Постојат три главни причини да се биде длабоко скептичен дека моментот на доминација на Трамп врз неговата партија и јавната свест ќе продолжи долго по 20 јануари.

Најважни се многуте преседани што сугерираат дека на Трамп не му остана ниеден важен чин во националната политика. Перцепцијата дека Трамп ќе остане релевантен зависи од потенцијалот тој да е уникатна историска личност. Трамп, сепак, е уникатен само во една смисла: ниту еден политичар од негов ранг никогаш не станал претседател. На повеќе други начини, тој е познатиот американски тип, очекуван од толку разновидни фигури како Џозеф Мекарти, Џорџ Валас и Рос Перо.

Како и Трамп, сите тие поседуваа раскошни, самодраматизирачки карактеристики. Тие го злоупотребија искрениот народен гнев кон елитите и имаа моменти на подем во кои го разнишаа системот и ги заплашија конвенционалните политичари од обете партии. Во секој случај, нивните движења брзо се распаднаа. Култовите на личност во американската политика се доста чести. Но тие никогаш не живеат долго и Трамп не даде причина да се претпостави дека тој ќе биде исклучок.

Тоа е втората причина зошто Трамп не е во добра позиција да го задржи вниманието на јавноста: тој главно престана да се преправа дека мисли на што било друго освен на своите лични незадоволства или дека се обидува да го искористи своето движење за големи идеи што ќе го подобрат животот на граѓаните. Кога влезе во претседателската политика пред пет години, сè уште моќните таленти на Трамп - за канализирање на гневот, за потсмевање, за теории на заговори - некогаш беа насочени кон агендата што колегите републиканци во голема мера ја запоставуваа, во врска со трговијата, имиграцијата, глобализацијата и перцепциите за национален пад. Деновиве, никој што ја следи Трамповата низа на твитови не може да верува дека тој повеќе се грижи за проблемите на јавноста отколку за своите, а тоа не е рецепт за одржување на политичката моќ.

Еве ја третата причина за сомнеж во Трамповата иднина: политиката никогаш не стои во место, но Трамп во голема мера стои. Додека ја напушта Белата куќа, Трамп би требало да е прогонуван од остра реалност - ако и имаше некаков капацитет за самокритика, тој воопшто немаше да ја напушта Белата куќа. Тој има само една група политички алатки. Кога работите се одвиваат добро, неговиот инстинкт е да го удвои влогот на нив. Кога работите одат лошо, неговиот инстинкт е да го удвои влогот на нив. Во политичка смисла, пандемијата бараше приспособување на Трамповата политика на префрлање вина - но исто така и богато ќе го наградеше ако го стореше тоа.

Трамп не се смени затоа што не ја согледа потребата и не можеше да замисли како да го стори тоа. Тоа е комбинација на погрешна процена и осиромашена фантазија што тешко дава оптимизам за неговата способност да ја задржи моќта во новите околности што го очекуваат откако ќе замине од Белата куќа.

Времето тече. Амбициозните републиканци што сакаат да ја вратат контролата врз партијата и самите да станат претседател не мора да се соочуваат и да го поразуваат Трамп, како што се обидоа и не успеаја да направат неговите ривали од 2016 година. Тие едноставно треба да го надминат, користејќи ги проблемите за да создадат лидерски карактеристики што брзо ќе го направат 74-годишниот Трамп неважен, артефакт на една ера што поминала. А што со неговите 88 милиони следбеници на Твитер и можноста тој во своето бившопретседателствување да покрене сопствена новинска мрежа? Вистина е дека на Трамп нема да му недостигаат начини да ја пренесе својата порака. Но каква ќе биде таа порака, освен повторувањето на тврдењата за украдени избори за кои неговиот сопствен јавен обвинител рече дека не се точни. Теориите на заговор, се разбира, може да имаат моќ, дури и со нула докази - тоа е само доказ за тоа колку длабоко и широко мора да продре заговорот. Но ова не е надежна основа Трамп да се врати во Белата куќа или да стане моќен играч.

Ова нn4; враќа на фигурата што е најживописниот претходник на Трамп: Џо Мекарти.

Споредбата со Мекарти обично се кажува како навреда. Секако не мислам дека е комплимент. Но, во овој случај, да ја оставиме споредбата целосно непристрасна. Како и Мекарти, Трамп употреби обвинувања и сериозни предупредувања за национално предавство и одби да се впушти во струите на нативизам и сомнеж кон елитите што се протегаа дури до раните денови на земјата. Како и Мекарти, луѓето што добро го познаваат Трамп го сметаат за многу позаинтересиран за сопствениот публицитет отколку за прашањата со кои се занимава. И, исто како и Мекарти, Трамп се чини дека се опива од публицитетот и моќта, станувајќи сè погласен и пооддалечен од фактите колку повеќе го предизвикуваат и колку повеќе му се чини дека го губи импулсот.

Во Вашингтон пост, пред некој ден, историчарката од Јејл Беверли Гејџ забележа дека мекартизмот не умрел откако Мекарти беше осуден од неговите сопствени сенатори во 1954 година. Тоа е точно. Но Мекарти како фигура што сn4; уште може да внесе страв или командно влијание, брзо се повлече.

Во еден привлечен мемоар, „Без преседан“, еден од секундарните учесници на драмата Мекарти сподели сеќавање на апсењето. Џон Г. Адамс му беше колега адвокат на Џозеф Велч (познат по неговиот предизвик кон Мекарти: „Најпосле, немате ли чувство на пристојност, сер?“) на сослушувањата Армијата-Мекарти, што беше кобно за сенаторот од Висконсин. По неговата осуда, Мекарти во одделни прилики постојано го повикуваше Адамс двајцата да се сретнат и да се смират, во она што Мекарти очигледно веруваше дека ќе биде дел од неговата јавна рехабилитација. Тој предложи вечера со сопругите. „Таа те презира“, одговори Адамс. „Таа не би стапнала на твојот праг“. Мекарти се кикотеше. „Хе, хе, ги знаеш девојките“, рече посрамениот сенатор. „Тие сериозно ги сфаќаат овие работи“.

Ова ме потсети на нешто што еден новинар што известуваше за Трамп уште од неговите њујоршки години еднаш ми го кажа: „Не дека тој е куче што лае, а не каса. Тој воопшто не сака да каса. Тој сака да го галат“.

Во случајот на Адамс и Мекарти, тие конечно се сретнаа, кога сенаторот почна да сонува за враќање. Неговиот противник му рече: „Тоа не е добро, Џо. Готово е; тоа е сn4;.“

Тоа се покажа точно за Мекарти, кој умре како патетичен алкохоличар на 48-годишна возраст во 1957 година. Во основа беше точно за Џорџ Валас, кој освои 13,5 проценти од гласовите како кандидат од трета партија за расна и класна реакција во 1968 година. Беше застрелан во атентат кога повторно се обиде во 1972 година, со што веќе беше прилично јасно дека неговиот момент поминал. Перо, побезопасниот претставник на американската фасцинација со наводни моќници што упаѓаат на сцена во бучно спротивставување на конвенционалната политика, освои скоро 20 проценти од гласовите како кандидат на Реформската партија во 1992 година. Тоа се намали на 8 проценти кога повторно се обиде во 1996 година, и Перо продолжи да бледнее од јавноста.

Не само во американската историја, туку и во американската имагинација самоизмислените, пребучни аутсајдери немаат одржлива моќ. Вили Старк, моделиран според Хуи Лонг, беше застрелан на крајот на „Сите луѓе на кралот“. Ф. Скот Фицџералд му ја донесе истата судбина на Џеј Гетсби. Не долго откако Волшебникот од Оз беше изложен на пријателска измама („Не му обрнувај внимание на тој човек зад завесата!“), Дороти се разбуди кога откри дека сето тоа е само сон.

Годините на Трамп не беа само халуцинација. Но големи се шансите дека наскоро ќе ни се чини дека биле - што нема да остави многу простор тој да o7; се врати на вистинската моќ.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани